„Развој на локални социјални услуги“-обука за претставниците од општинската администрација
„Развој на локални социјални услуги“ e насловот на обуката што на 31 октомври, 2022 година се одржа во Скопје, во рамки на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“. На обуката присуствуваа повеќе од 30 претставници од општините: Аеродром, Арачиново, Бутел, Берово, Битола, Босилово, Врапчиште, Велес, Гази Баба, Гевгелија,Карпош, Кавадарци, Кисела Вода, Кочани, Куманово, Ѓорче Петров, Прилеп, Свети Николе, Струмица, Тетово, Центар, Центар Жупа, Чаир и Штип, како и претставници на 13 организации, даватели на услуги. Присутните дискутираа за идентификување на потребите за социјални услуги, за начинот на дефинирањена приоритетни услуги во локалниот социјален план; за предизвиците при воспоставување на социјални услуги; како и за обезбедувањето на соодветна анализа на трошоци за услугата. Целта на обуката е зајакнување на капацитетите на претставниците на општините одговорни за социјална заштита, за креирање на локални политики за социјална заштита базирани на докази, идентификување на потреби за социјални услуги и нивно воспоставување на локално ниво. На настанот беа презентирани и добри практики на социјални услуги што општините: Битола, Кавадарци, Струмица и Центар ги воспоставиле со обезбедување на сопствени средства од општинските буџети, а кои не се финансираат од централната власт.

Добри практики за воспоставени социјални услуги од четири општини
Општина Струмица реализира и поддржува спроведување на повеќе социјални услуги, а пред присутните ги нагласи социјални услуги: лична асистенција, засолниште и советувалиште за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство. Беше нагласено дека од општинскиот буџет се обезбедени 16 лични асистенти за ученици со попреченост. Од особено значење за оваа општина, но и населението од околните општини е воспоставувањето на услугата за привремен престој, засолниште за жртви на семејно насилство, што се обезбедува во соработка со граѓанското здружение Скај Плус. Општина Струмица во 2019 година објавила јавен повик за предлог проект за основање и започнување со работа на установа за социјална заштита- „Шелтер центар за згрижување и заштита на жртви на семејно насилство“. Засолништето започнало да работи во 2020 година и обезбедува сместување за жртви на семејно насилство и на нивните деца, како и психо-социјално советување и поддршка. За оваа услуга општината годишно издвојува околу 1.000.000 денари.
Претставниците од Општина Битола ја промовираа услугата, образовна асистенција за ученици во средно училиште кои имаат одредени попречености, за што обезбедува средства од сопствениот буџет во висина од околу 800.000,00 денари, на годишно ниво. Дополнително, Општина Битола на настанот го промовираше и Советодавниот центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство, што во моментов се воспоставува како регионален сервис и преку кој се обезбедува психо-социјално советување; правно советување и поддршка при вработување за жртвите. За овој центар, за прв пат оваа година Општината издвоила 1.000.000,00 денари. Советодавниот центар го раководи граѓанското здружение –„Центар за психо-социјална поддршка и истражување –ОДРАЗ“ во соработка со „Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“.
Општина Центар ги промовираше услугите: нега во домашни услови и одмена на семејна грижа што, исто така се финансираат од општинскиот буџет. Овие услуги ги обезбедува граѓанското здружение „Хуманост“. Изборот на Здружението е извршено преку постапка за јавна набавка. За услугата нега во домашни услови на годишно ниво општината издвојува 4.500.000,00 денари од општинскиот буџет. Услугата нега во домашни услови се обезбедува три пати неделно, во временски период од два часа и ја добиваат околу 80 стари лица.
Претставник од Општина Кавадарци говореше за воспоставувањето и функционирањето на „Регионалниот советодавен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство“ чие финансирање е од буџетските средства од општините: Неготино, Росоман и Демир Капија. Општина Кавадарци одвојува околу 800.000,00 денари за овој сервис. Советувалиштето е раководено од здружението за родова еднаквост ,,Визија” oд Кавадарци, во соработка со „Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“. Советувалиштето обезбедува психо-социјално советување, правно советување и поддршка при вработување за жртвите.
Претставниците од сите четири општини ги изнесоа и искуствата за начинот на мониторирање на воспоставените услуги, преку подготовка на редовни наративни и финансиски извештаи, но и преку спроведување на супервизија на квалитетот на одреден вид на услуги.
Активностите за градење на капацитети на општинската администрација се организираат во рамки на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, финансиран од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, имплементиран од Ептиса, во директна соработка со Министерството за труд и социјална политика и со ЗЕЛС.

