Годишна конференција на претседателите на општинските совети „Функционирање на општините во услови на глобални предизвици“

 -„Добрата подготвеност на општинските советниците со познавања на законските и на други прописи од областите што се во надлежност на општината,  финансирањето на општините и креирањето на општинските буџети, значењето на граѓанското учество и низа други важни сегменти поврзани со работењето на Советот,  се од клучно значење за успешно работење на Советот,  а со тоа и од клучно значење за поттикнување на развојот на општините и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во локалните заедници. Во таа насока изразувам благодарност за продолжувањето на Проектот „Зајакнување на општинските совети- фаза 2“, во следните пет години, бидејќи тоа е единствениот проект во нашата земја што во изминатиот период и во иднина ќе  посветува соодветно внимание на советниците и на претседателите на советите за јакнење на нивните капаците за обезбедување на подобар развој и унапредување на локалната власт во нашата земја. Во таа насока  се заблагодарувам и на ЗЕЛС која во континуитет дава значајна поддршка на овој Проект, а пред се на  улогата на советниците и на советите, преку формираниот Комитет на советите при ЗЕЛС каде ги разгледуваме сите предизвици со кои се соочуваме и каде  ги креираме нашите заложби за подигање на статусот и улогата на Советот на општината “. 

Ова го истакна Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола и член на Комитетот на совети при ЗЕЛС,  на традиционалната годишна конференција на претседателите на општинските совети, „Функционирање на општините во услови на глобални предизвици“. Конференцијата се одржа од 20 до 22 октомври, 2022 година во Струга, а беше спроведена во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“. На настанот беа презентирани повеќе теми кои се од суштинско значење за унапредување на функционирањето на советите во единиците на локалната самоуправа, особено имајќи ги во предвид предизвиците со кои се соочуваат општините како последица на актуелните кризни состојби.  Во рамките на активностите на овој Проект утврдени се девет тематски групи : Животна средина и просторно планирање; Односи меѓу заедниците; Родова еднаквост; Локален економски развој; Јавни дејности; Финансирање и буџет; Иновации во ЕЛС; Борба против корупција и Тематска група за млади. На оваа конференција претседателите на  општинските совети имаа можност да изберат во која и во кои работни групи сакаат да учествуваат и да ги надградат своите знаења.

„Зајакнување на општинските совети – фаза 2” е програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери, меѓу кои и ЗЕЛС.

Изнесени одредени препораки за надминување на главните предизвици во процесот на децентрализација и финансирање на ЕЛС

Претседателите на советите на општините имаа можност да ги разгледаат презентираните наодите од „Извештајот на анализата за финансирање на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС)“, каде меѓу другото беа изнесени и одредени препораки за надминување на главните предизвици во процесот на децентрализација и финансирање на ЕЛС. Дел од препораките се однесуваа на потребата за зголемување на ефикасноста и ефективноста при наплата на приходите, каде посебно внимание беше посочено на поттикнување на граѓаните за редовно плаќање на даноците преку разни кампањи и стимулативни активности, но и за промена на процентот на данокот на имот, начинот на плаќање и интензивирање на активности за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот. Предложена беше и можноста општините автономно да размислуваат за воведување на нови видови на комунални такси како и за утврдување на нивната висина за наплата, а од не помала важност беше нагласена и потребата за зголемување и јакнење на капацитетите на општинската администрација за ефикасно администрирање и прибирање на овие даноци и такси. Беше нагласено дека средствата што во вид на трансфери и блок дотации централната власт ги префрла на единиците на локална самоуправа за спроведување на префрлените надлежности, задолжително треба да  подлежат на редефинирање, бидејќи  воопшто не ги покриваат реалните трошоци, а  промени треба да се направат и во делот на распределбата/доделувањето на капиталните дотации. На советниците им беше посочено внимание и за делот на обезбедување на реално буџетирање на приходи и расходи, а препораки беа насочени и за подобрување на опфатот со внатрешна ревизија кај ЕЛС, како една од најзначајните алки во ефикасното, ефективно и економично функционирање на општините и спроведување на пропишаните закони. Особено беше нагласена потребата советниците  при донесувањето на одлуки да се водат од интересите на заедницата и на сите граѓани,  односно да одлучуваат без партиско. Пред претседателите на општинските совети беше презентирана и „Оценката на влијанијата од кризата во Украина врз општините во Северна Македонија“, каде беше посочено дека кај 72,2 отсто од  анкетираните општини во нашата земја сметаат дека украинската криза негативно влијаела врз нивното нормално функционирање.

Минимален пораст на задоволството на граѓаните од локалната самоуправа споредено со минатата година

Учесниците на конференцијата имаа можност да ги видат и да продискутираат за резултатите од истражувањето на задоволството на граѓаните од локалната самоуправа за 2022 година. Генералниот заклучок од истражувањето е дека има раст на задоволството кај граѓаните од услугите на локално ниво во споредба со минатата година. Сепак, перцепцијата за постоење корупција во работата на општините е сè уште на релативно повисоко ниво, а незадоволителен е и степенот на вклученоста на граѓаните во процесот на носење одлуки на локално ниво. На незадоволителен степен е и изјаснувањето за квалитетот на услугите во урбанизмот, особено од урбанистичкото планирање, носењето ДУП-ови и надзорот и контролата врз градењето. Слично е и задоволството во делот на заштитата на животната средина (загаден воздух, вода и почва) како и од услугите во културата.  Задоволство  од комуналните услуги варира во зависност од местото на живеење. Граѓаните се изјасниле речиси еднакво  незадоволно во однос на справувањето на нивната општина со предизвиците со кучињата скитници. 

РАМКА: 

„Воведни регионални работилници за новите општински советници“

Во периодот од 12 октомври, до 1 ноември, 2022 година беа одржани девет регионални работилници наменети за  претставниците од општинските совети, на кои беа повикани новоизбраните советници со прв мандат. Целта на овие работилници е новоизбраните локални функционери да се здобијат со знаења за  поефикасно и поодговорно извршување на обврските  во Советот на општината. Тие подетално се запознаа со генералните активности на Советот ( носење статут и прописи на општината); со изворите за финансирање и креирањето на буџетот на општината; номинацијата на членови во јавните служби; вршењето финансиска контрола на буџетот ; со надлежностите на локалната власт  и  со улогата на Советот во тие области, а се дискутираше и за други теми од делокругот на работата на општината и на Советот. При тоа се користеше петтото издание на „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините “, што го издаде ЗЕЛС, и што претставува своевиден водич за адекватно и одговорно извршување на задачите и обврските на новоизбраните функционери во локалната власт. Веднаш по спроведувањето на локалните избори во 2021 година и утврдувањето на составот на општинските совети  до општините беа доставени бесплатни примероци од овој Прирачник за секој член на општински совет.