Излезе од печат нов број од Гласилото на ЗЕЛС

Излезе нов број на Гласилото на ЗЕЛС во кое се презентирани дел од активностите што беа реализирани во текот на месец октомври во насока на поддршка на единиците на локалната самоуправа, на општинските советници и на администрацијата во локалната власт. Посебно внимание, во овој период, ЗЕЛС посвети на реализацијата на стратегиската цел за јакнење на капацитетите на општинската администрација. Една од обуките беше наменета за администрацијата од областа на животната средина  – „Примена на начелата на Архуската конвенција на локално ниво“, а втората за службениците од делот на социјалната заштита ‒ „Развој на локални социјални услуги“. ЗЕЛС реализираше и други обуки, каде од посебно значење беше обуката за сертификација и ресертификација на модератори за спроведување на ‒ „Форуми во заедницата“, на која учествуваа околу 25 кандидати. Испитот за стекнување со сертификат, кандидатите ќе може да го полагаат во втората половина на ноември. Оваа поддршка што ја дава ЗЕЛС за сертифицирање на модераторите е од големо значење за општините бидејќи е утврдена потребата форумите да ги водат лица што имаат повисоко ниво на подготвеност за да се справат со сите предизвици што ги носи отворената дебата на форумските сесии.

До ЗЕЛС пристигнаа низа забелешки од општините за Нацрт-предлогот на Законот за административни службеници, кои, во сублимирана форма ЗЕЛС ги достави до предлагачот на овој Закон. Беа посочени низа реакции за одредени предлог-одредби со кои се нарушува самостојноста на локалната власт, но и за одредби што не кореспондираат со одредени уставни и законски права, особено во делот кај разликата во бодови за административен службеник во институции на централната власт и службеник во локалната самоуправа. Генерално, ваквите залагања би придонеле за уште поголем недостаток на професионален стручен кадар во општините, предизвик со кој  општините се соочуваат веќе подолг период.

На почетокот на октомври, потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу и Перо Костадинов, имаа средба со експертот за европски интеграции, ангажиран од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во Владата на РСМ. Беше нагласено дека за квалитетна интеграција на нашата земја во европското семејство, потребно е вклучување на локалната власт уште на самиот почеток на преговорите, особено  околу информирањето на населението за придобивките и обврските од интеграцијата. 

Во текот на овој месец, новоизбраните општински советници, со прв мандат, имаа можност подетално да се запознаат со надлежностите на локалната самоуправа и на Советот на општината. Обуката се темелеше на содржината на петтото издание на „Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“, што го издаде ЗЕЛС и што претставува своевиден водич за адекватно и одговорно извршување на задачите и обврските на новоизбраните функционери во локалната власт. Претседателите на општинските совети, пак, учествуваа на  годишната конференција „Функционирање на општините во услови на глобални предизвици“.