ЗЕЛС ќе покрене иницијатива до Уставниот суд за владината одлука со која им се забранува на општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување

ЗЕЛС, во името на сите општини, ќе достави иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на мерки во услови на постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, што Владата на РСМ ја донесе на 30 октомври, 2022 година. Истовремено, ЗЕЛС ќе достави и барање до Управниот суд, за донесување на времена мерка, со која ќе се бара одложување на  извршувањето на Одлуката.  

Ова е главниот заклучок што Управниот одбор на ЗЕЛС ги донесе на десеттата седница што се одржа на 10 ноември, 2022 година во административната зграда на ЗЕЛС, каде единствена точка на дневен ред беше отворена дискусија за оваа владина одлука со која им се забрани на општините и на градот Скопје да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување, а оние кои веќе основале вакви претпријатија се задолжуваат во рок од осум дена од влегувањето во сила на одлуката да  спроведат соодветни активности за престанување на важење на актите со кои ги основале  ваквите претпријатија.

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС остро реагираа на ваквиот акт кој е во спротивност со нормативите за локална самоуправа, како и со одредени закони. При тоа тие посочија дека оваа Одлука претставува уште една, дополнителна потврда за опструктивниот односот што Владата во континуитет го покажува кон општините во напорите што тие ги прават за справување со енергетската криза и изнаоѓање на решенија во интерес на сите граѓани. 

Иако ЗЕЛС, уште на почетокот на оваа година упати предлог решенија до Владата за ублажување на последиците од енормното зголемување на цената на струјата, досега не пристигна никаква поддршка, но затоа во медиумите беа пласирани низа невистини од владини функционери со кои се дезинформира јавноста за постапките што во оваа насока ги преземаат општините. Затоа присутните  упатија остар демант  за нарушувањето на угледот на општините што го предизвикува централната власт со пласирање на низа невистини, особено во изјавите дека општините се главните виновници за покачувањето на цената на  електричната енергија бидејќи формирале сопствени јавни претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, со цел намалување на  трошоците за електрична енергија и обезбедување на континуирана услуга за граѓаните за јавно осветлување. Дека станува збор за невистини говорат и податоците што ги собираше ЗЕЛС од општините, кои покажуваат дека, од месец јуни па до сега, само осум општини формирале вакви јавни претпријатија, што е незначително за вкупната потрошувачка на електрична енергија што се добива од регулираниот пазар. Има и општини, кои по сила на закон  влегуваат во квотата на мали потрошувачи, па вистината е дека помалку од 30 % од општините се снабдуваат на регулиран пазар, а над 70% од општините се снабдуваат со електрична енергија на отворен пазар и се доведени во состојба на речиси целосен колапс бидејќи речиси целиот буџет или најмалку половината од средствата од буџетот  ги трошат само за сметките за електрична енергија.  Дополнителна потврда се и податоците од минатата година кои покажуваат дека сите општини заедно потрошиле вкупно 95 GKwh, а оваа година веќе е утврдено намалување на потрошувачката од општините за 30% во однос на минатата година. 

На седницата  беше донесен и заклучокот до Владата и до надлежните институции ЗЕЛС повторно да го достави Предлогот на ЗЕЛС за пресметување на висината на комуналната такса за уличното осветлување. Предлогот е од 1 јули, 2022 година комуналната такса за улично осветлување да се пресметува по просечната (средна) цена од ниската од високата тарифа за KW/h струја за мали потрошувачи, плус трошоци за мрежната тарифа (ЛВ.1.1) донесени од страна на  Регулаторна комисија за енергетика и  водни услуги. Во изминатите четири месеци ( од 1 јули, 2022 година) општините го плаќаат уличното осветлување по цена како пред покачувањето на електричната енергија( пониска цена)  од причина што во одлука за тарифните системи за цени на електрична енергија, донесена кон крајот на месец јуни,2022 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, не е пропишана категорија на потрошувачка ,,јавно осветлување“, ниту е утврдена цената за јавното осветлување, како што тоа било утврдено со претходните прописи и одлуки. Во таа насока ЕВН со писмен допис извести дека до усогласување на законските и подзаконските акти кои ја уредуваат наплатата на комуналната такса за улично осветлување, наплатата ќе продолжи да ја врши по цените што биле во сила пред поскапувањето на електричната енергија, односно што важеле до 30 јуни, 2022 година. А сето тоа е на огромна штета на општините, кои неправедно се обвинуваат, бидејќи институциите на централната власт се огласуваат за ненадлежни и не сакаат да ги коригираат сопствените пропусти. 

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС на оваа седница донесоа одлука за дневниот ред и датумот на одржување на третата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС,15 декември, 2022 година.