Градоначалници и претставници од општинска администрација учествуваа на „ЕУ –Западен Балкан: Економски форум за паметни градови“ во Прага
„ЕУ –Западен Балкан: Економски форум за паметни градови“ беше насловот на дводневниот форум што се одржа во Прага (Република Чешка) во периодот од 16 до 18 ноември, 2022 година на кој беа поканети претставници од избрани градови од земјите: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Северна Македонија. Делегацијата од нашата земја ја сочинуваа градоначалници и претставници на општинска администрација од: Град Скопје, Битола, Берово, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.

Целта на овој економски форум е развој и имплементација на концептот на паметни градови, дигитализацијата и зелената агенда, како и запознавањето со позитивни примери, искуства и know-how на градовите од ЕУ. Тоа е од особена важност за развој на општините каде директниот бенефит ќе го имаат граѓаните. Форумот беше посветен на трансфер на знаења меѓу експертите на институционално и деловно ниво, со фокус на повеќе теми, поврзани со одржливиот и паметен урбан развој. Претставници од избрани општини, имаат можност, да посетат релевантни примери на технички решенија во некои градови на Чешка, меѓу кои беше и посетата на јавното претпријатие за транспорт во градот Храдец Кралове, како и посетата на фабриката за производство на автобуси со акцент на електричните автобуси и современата технологија. Исто така, за време на форумските сесии се разговараше за економската соработка на Западен Балкан на полето на зелена и дигитална транзиција, беа претставени добри примери и локални стратегии за развој на паметни градови, а дел од темите беа посветени на иницијативи и проекти за поддршка на решенија за паметни градови во Западен Балкан. Излагање на овој настан, на форумската сесија „Политики на ЕУ кон Западен Балкан и финансиски алатки за имплементација на проекти за паметни градови“ имаше и градоначалничката на Град Скопје и претседателка на ЗЕЛС, Данела Арасовска.
Организатори на економскиот форум беа Министерството за индустрија и трговија и Министерството за надворешни работи на Република Чешка, земја членка на Европската Унија, која во моментот претседава со Советот на ЕУ. Оваа земја ги поддржува напорите за интеграција на земјите од Западен Балкан повеќе од една деценија и ја одразува континуираната поддршка, давајќи им приоритет на односите со ЕУ.


