Децентрализацијата и реформите во системот на локалната самоуправа, како посебен кластер во оценувањето на напредокот на нашата земја за влез во Европската Унија- иницијата на ЗЕЛС изнесена на дваесеттиот состанок на ЗКК во Скопје

 

 

 

-„Децентрализацијата на власта и реформите во системот на локалната самоуправа да се додаде како нов, посебен кластер за  оценувањето на напредокот на Македонија за членство во Европската Унија. Апелираме за силна поддршка од делегатите од Комитетот на региони при ЕУ за што побрза реализација на оваа иницијатива на ЗЕЛС, што беше изнесена и на претходниот состанок на ова тело, на средбата што пред неколку месеци се одржа во Брисел “.

Ова беа клучните зборови што претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, во својство на ко -претседавач на  Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) ги изнесе на дваесеттиот состанок, што ова тело го одржа на 24 ноември, 2022 година, во Скопје. Присутните делегати, градоначалници од нашата земја и од земјите од Европската Унија ги поздрави и ко –претседателката на ЗКК, од страна на Комитетот на региони, Јасана Габриќ, градоначалничка на општина Трбовље, (Репубилка Словенија) како и  министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов; Амбасадорот, Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу. 

Претседателката на ЗЕЛС, Арсовска посочи дека за оваа иницијатива на ЗЕЛС постојат повеќе причини, а како главна ја нагласи стагнацијата на процесот на децентрализација на власта во нашата земја. – „Пакетот на промени, што го иницираше ЗЕЛС пред повеќе од четири години, за обезбедување на поголема финансиска стабилност на локалната власт и промени во организациската поставеност на работењето на општините е се уште во почетна фаза. Направени се само минорни промени, особено во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, каде се наметнуваат поголеми одговорности, а нема решенија за состојбите во кои се наоѓаат општините. Затоа од страна на ЗЕЛС се инсистира на додавање на ваков нов кластер, при оценувањето на напредокот на Македонија во спроведување на децентрализацијата на власта и реформите во системот на локалната самоуправа“ нагласи Арсовска. Таа посочи дека  општините целосно се оставени сами на себе во справувањето со предизвиците со енергетската криза, без поддршка за предлозите што ЗЕЛС што ги достави до Владата уште од почетокот на оваа година.

Потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу рече дека меѓународните средби и состаноци имаат посебно значење и важност за секој претставник од локалната власт, особено што може да се слушнат информации, новативни пристапи, добри пракси, но и да се отворат одредени дилеми кои заеднички може да се решаваат за подобрување на условите за живот на  сите граѓани,  кои треба што побрзо да ги почувствуваат придобивките од животот во европското семејство. Тој нагласи дека е неопходно реализирање на реформите во системот на локалната самоуправа и  финансиското јакнење на локалните власти, при што посебно внимание насочи  кон потребата за јакнење на капацитетите на општинската администрација, како клучен фактор за имплементирање на европските стандарди, но и за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, говореше за значењето на преговарачкиот процес, што конечно по 17 години беше отворен во јули оваа година, и очекувањата  објаснувачкиот и билатералниот скрининг што се во тек , да завршат во ноември идната година, по што реално преговорите за членство во Унијата по поглавјата и кластерите треба да започнат на крајот на 2023 година. Тој нагласи дека заложбите за развој на децентрализацијата и натаму се важна тема на Владата, кои реално се  успорени поради  пандемијата со КОВИД-19 а сега и со енергетската криза.

За значењето на улогата на локалната власт во целиот процес на пристапување  за членство на нашата земја во Унијата, говореше Амбасадор, Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Тој нагласи дека седумдесет насто од европското законодавство има директно влијание на општините и на регионите, па затоа вклучувањето на локалната власт уште од самиот почеток е од особена важност . Амбасадорот Гир рече дека и натаму Унијата ќе дава значајна подршка на земјата, вклучително и на општините за да се подобрат услугите, инфраструктурата, административните капацитетиа а сето тоа  во полза на граѓаните. Тој говореше и за поддршката што ЕУ ја дава во делот на обезбедување на иновативни и ,,зелени,, општини каде предност има користењето на обновливите извори на енергија .

Имено на  состаноците на ЗКК, стандардно, првата темна е посветена на напредокот на нашата земја за членство во Европската Унија, при што на овој состанок се дискутираше за улогата на локалната власт во „новите чекори“ што ни престојат во тој правец. Втората тема беше посветена на енергетска криза во Европа и што македонските општини можат и треба да прават да се надмине состојбата, тема која е мошне актуелна и кај нас и во земјите од Унијата. На состанокот беа разменети искуства од справувањето со кризата, па така градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, го претстави проектот што го реализира општината  „Зелена топлина“  со средства од Унијата , каде се предвидува  обезбедување на енергија од обновливи извори. И од Општина Битола беа презентирани заложбите на ,,Енергетска транзиција“ , каде  пренасочувањето на користењето на фосилни горива со обновливи, ќе обезбеди полесен трансфер не само за примена на обновливи енергија, туку и  полесен трансфер на работните места  во овој процес. Од страна на експерти ангажирани од ЕУ беа изнесени одредени состојби и причини кои доведоа до енергетската криза, при што беа нагласени и примарните и секундарни чекори што треба да ги преземе секоја земја, локалната власт и граѓаните за полесно справување со истата.

 а важни информации за нас се и оние за расположливите европски фондови од кои би можеле да се обезбедат средства за искористување на енергија од обновливи извори.

 

Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија е тело  формирано уште во 2008 година со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните власти од Северна Македонија со членките од ЕУ. Средбите на ова тело се одржуваат два пати во годината, наизменично во Брисел и во Скопје. Заедничкиот комитет брои вкупно 22 делегати, од кои 11 претставници од нашата земја (градоначалници и советници) и исто толку делегати од општините и регионите од земјите од ЕУ.