СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КОМИСИЈАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ ПРИ ЗЕЛС СО МИНИСТЕРОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

Претседателот на комисијата за финансирање при ЗЕЛС, градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов и министерот за локална самоуправа,  Ристо Пенов на 1 декември, 2022 година имаа заедничка средба на која се разговараше за повеќе итни, отворени прашања што во моментов претставуваат сериозен предизвик за општините во нашата земја. Градоначалникот Ристов побара поддршка од министерот за локална самоуправа, како претставник на локалните власти во Владата и како човек што зад себе има осумгодишно искуство на градоначалник на Град Скопје, па предизвиците  со кои се соочуваат општините  му се сосема познати.

1. Прво прашање кое беше отворено беше прашањето за јавно, улично осветлување и одлуката која Владата ја донесе пред десетина дена, а со која се скратува правото на општините  преку своите јавни комунални претпријатија  да ја плаќаат оваа давачка, по цена за мали потрошувачи. Пред два дена, дел од општините што ја користат оваа законска можност добија известување  од ЕВН, дека од 1 јануари, 20223 година  ќе мора да се вратат на нерегулиран, слободен пазар, со што драстично ќе се зголемат нивните трошоци. 

Ова претставува дополнително финансиско оптоварување на општините, бидејќи е потребно да направат  тендерски постапки за избор на снабдувач со електрична енергија за улично осветлување, за што понекогаш  минуваат и два до три месеци и за тоа време ќе мораат да ја користат електричната енергија од ЕВН хоме, за што ќе плаќаат берзанска цена поголема за 50%.Министерот беше запознаен и за сите преговори што досега ЗЕЛС ги имал со централната власт и дека ова прашање веќе цела година е поставувано , а решение не е понудено, ниту се прифатени предлог  решенијата што ги достави ЗЕЛС и  кои нудат подобра состојба за сите. Министерот вети, дека ова прашање ќе го постави уште веднаш на денешната седница на Влада и дека ќе го информира ЗЕЛС за ставот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги , особено што претседателот на  ова тело, Марко Бислимовски се обврзал да се обиде  да најде најсоодветно решение  во наредните десетина дена.

2. Второто прашање кое се отвори на овој состанок беше поврзано со пожарникарите и малата наменска дотација што се исплаќа за нивните плати. Иако при преземањето на пожарникарите во 2005 година, нивниот број бил значително поголем, секоја година министерството за одбрана го намалува тој број и исплаќа плати за значително помал број на пожарникари од бројот кој согласно Закон, секоја општина треба да го има. 

3. Третото прашање беше поврзано со капиталните дотации, кои различни министерства ги предвидуваат во буџетите и се наменети за општините. Забелешката беше дека нема некаква формула по која се исплаќаат овие дотации и ниту општините знаат што можат да очекуваат, ниту министерствата како да ги поделат овие средства, со што многу често се случува да тие не се реализираат.

Долгогодишната заложба на ЗЕЛС е капиталните дотации, кои треба да бидат многу важен сегмент во финансирањето на општините, да се делат во блиска комуникација со ЗЕЛС и по формула, која ќе ги спречи поделбите и нерамномерното форсирање на општините, за сметка на други кои се крајно дефинансирани.