Излезе од печат новото Гласило на ЗЕЛС

Во овој број на Гласилото на ЗЕЛС подетално ќе се запознаете со активностите  што беа реализирани во текот на ноември. Во првата половина од овој месец Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа десеттата седница на која донесе заклучок за отпочнување иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање мерки во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, што Владата на РСМ ја донесе на 30 октомври 2022 година. Исто така, беше донесен и заклучок ЗЕЛС да достави и барање до Управниот суд, за донесување на времена мерка, со која се бара одложување на извршувањето на оваа Одлука. На седницата беше потенцирано дека Владата уште еднаш потврди дека во континуитет се однесува опструктивно кон општините во напорите што тие ги преземаат за справување со енергетската криза и изнаоѓање на решенија во интерес на сите граѓани. Со Одлуката, всушност, на единиците на локалната самоуправа им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување, а оние што веќе основале вакви претпријатија се задолжуваат во рок од осум дена од влегувањето во сила на Oдлуката, да спроведат соодветни активности за престанување на важење на актите со кои ги основале  ваквите претпријатија.

Во текот на ноември, ЗЕЛС презеде и низа други активности. ЗЕЛС, во Скопје, го организираше дваесеттиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) И на претходниот и на овој состанок, ЗЕЛС ја нагласи иницијативата „Децентрализацијата и реформите во системот на локалната самоуправа“ да се додаде како нов, посебен кластер во оценувањето на напредокот на нашата земја за влез во Европската Унија. Освен стандардно утврдената тема за напредокот на нашата земја за членство во Европската Унија, на овој состанок се дискутираше и за енергетската криза во Европа и за тоа што можат и што треба да прават македонските општини за да се надмине оваа состојба.

За јакнење на капацитетите на општинската администрација, овој месец, во ЗЕЛС тренинг центарот беа одржани и повеќе обуки. Од областа на социјалната заштита се говореше за превенцијата и заштитата на жртвите на родово базирано и семејно насилство на локално ниво, а во областа на заштитата на животната средина беа презентирани новите закони кои водат кон исполнување на европските стандарди и воспоставување на циркуларна економија, но и за воспоставувањето на регионалниот систем на управување со отпад.

Општините: Вевчани и Кочани во овој број на Гласилото на ЗЕЛС, подетално ги претставија своите проекти „Кон енергетски општини“ и „Паметно мерење и управување со енергијата во системот за јавно осветлување“, што беа избрани за техничка и финансиска поддршка на конкурсот „Спроведување мали проекти во областа на енергијата, транспортот и заштита на климата во општините“, објавен во рамките на проектот на ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција. 

 

      ГЛАСИЛО 11.2022