Општините кои добија допис од EVN group да поднесат приговор до компанијата - заклучок на Управниот одбор на ЗЕЛС

 

 

Сите општини кои добија допис од EVN group (Електродистрибуција ДООЕЛ) веднаш да поднесат приговор  до оваа компанија, беше заклучокот што  Управниот одбор на ЗЕЛС го донесе на 11 седница, што се одржа на 7 декември, 2022 година во просториите на административната зграда на ЗЕЛС. Во дописот, испратен на  почетокот на декември се посочува дека до 12 декември, 2022 година општината треба да избере снабдувач на отворен пазар за мерните места посочените во дописот, во спротивно од 1 јануари, 2023 година ќе бидат снабдувани од страна на ЕВН ХОМЕ, како снабдувач во краен случај со електрична енергија, независно од статусот на мал потрошувач. На седницата, во дискусијата по оваа точка од дневниот ред,  присуствуваа и високи претставници од EVN group.

Имено во дописот од EVN group, станува збор за активности што  оваа компанија ги преземала по донесувањето на  Одлуката на Владата на РСМ за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија. Извршила  увид и ги утврдила пресметковните мерни места каде потрошувачите кои до 1, јануари 2022 година не биле мали потрошувачи, со реализирана промена на корисник потоа се стекнале со статус на мали потрошувачи. Во таа насока во дописот се посочува дека општините за овие мерни места, до 12 декември треба да изберат снабдувач на отворен пазар, или од почетокот на следната година ќе бидат снабдувани од страна на ЕВН ХОМЕ, независно од статусот на мал потрошувач, но најмногу во рок од 90 дена. По овој рок снабдувачот има обврска да побара прекин/исклучување на корисникот од електродистрибутивната мрежа.

Општините на работ на егзистенцијата

Членовите на Управниот одбор изразија големо незадоволство од  ваквиот однос на централната власт кон општините при што беше изнесено дека наспроти очекувањата за поддршка и преземање на заеднички активности за справување со енергетската криза во полза на граѓаните, Владата на РСМ презема низа мерки со кои се нарушува угледот на локалната власт, се  упатуваат неосновани обвинувања и засилено се туркаат  до работ на егзистенцијата. Сите мерки што досега ги преземаа општините во насока да им овозможат на своите граѓани континуирано обезбедување на услугите, се прогласуваат за незаконски и се донесуваат низа мерки и одлуки за нивно спречување. Прашање е само на време кога општините ќе бидат доведени во целосен колапс, поради огромната висина на сметките за електрична енергија, а особено оние за услугата за јавното осветлување. Според пресметките изнесени од неколку општини, со средствата што треба даги потрошат за високата цена на електрична енергија тие можат да изградат една детска градинка На седницата повторно беше изнесен и предлогот –барањето  општините генерално да плаќаат електрична енергија по цена за цена мали потрошувачи, бидејќи не се профитни организации, туку  струјата ја користат за  јавни услуги.

Се уште нема одговор од Уставниот суд  на  иницијативата од ЗЕЛС

Само да потсетиме дека ЗЕЛС, во името на сите општини, на 11 ноември, 2022 година достави иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката со утврдување на предлог за донесување на времена мерка со која ќе се запре примената на истата. Досега до ЗЕЛС не е стигнат никаков одговор. Станува збор за Одлуката на Владата на РСМ за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија, донесена на 30 октомври, 2022 година.

Измени во  Законот за комунални услуги ?!

Во тарифниот систем што го донесе Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на крајот од месец јуни, 2022 година, каде беа утврдени новите цени на електрична струја по категории, воопшто не беше пропишана категорија на потрошувачка- ,,јавно осветлување“. Поточно, оваа категорија на потрошувачка во сегашниот тарифен систем на Регулаторна комисија не постои, со образложение дека ваквата промена е направена во согласност со европските директиви. Во таа насока, ЕВН која ја наплаќа оваа комунална такса во име на општините, веднаш информираше дека се до усогласување на законските и подзаконските акти кои ја уредуваат наплатата на комуналната такса за улично осветлување, наплатата ќе продолжи да ја врши по цените што биле во сила пред поскапувањето на електричната енергија, односно што важеле до 30 јуни, 2022 година. Тоа значи дека општините, на име на собрана комунална такса по овој основ, ќе добиваат од ЕВН многу помалку финансиски средства отколку што тие треба да ги исплатат за потрошената електричната енергија за уличното осветлување на ангажираниот снабдувачот преку отворен пазар. Станува збор за огромни финансиски средства што  се одлеваат од општинските каси повеќе од пет месеци, само по овој основ. Парите наместо да одат за  реализација на проекти за подобри  услуги за граѓаните, одат за наплатување на огромни сметки за електрична енергија, бидејќи надлежните институции и по шест месеци не ги утврдуваат потребните законски корекции. ЗЕЛС за оваа состојба реагираше уште во месец јули и организираше низа средби со претставници од Министерството за финансии, со Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и други институции, при што упати и писмени дописи, но  досега и од овие институции нема  никаква разрешница.

Затоа членовите на Управниот одбор на оваа 11 седница, уште еднаш изразија силно незадоволство за неодговорноста и инертноста на надлежните институции за прашања кои се однесуваат за локалната самоуправа, особено нагласувајќи ја последната вонредна мерка од Владата и дописот од ЕВН гроуп. Тие посочија дека, не само што станува збор за неоснована Одлука, туку дека не постојат и реални временски услови за нејзино спроведување. Познато дека за спроведување на една ваква тендерска постапка најчесто се потребни и по неколку месеци, а дел од општините веќе се соочуваат и со пропаднати тендери од овој вид, поради непријавување на лиценцираните компании. Она што во меѓувреме им останува на општините е  да спроведуваат бројни буџетски ребаланси се до целосно финансиско истоштување и тотален колапс.

Општините имаат потреба за избор на директори на училишта, но немаат лиценцирани кандидати

Како втора точка на дневен ред  на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС беше поставено прашањето за негативното влијание врз општините од поништувањето на испитот на кандидати кои посетувале обука за лиценца за директор, според Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Во таа насока ЗЕЛС упати покана до директорот на Државниот просветен инспекторат да учествува на седницата по оваа точка на дневниот ред, со цел взаемно утврдување на понатамошните чекори во интерес на општините. Поради значителни обврски на Инспекторатот во овој период, добивме одговор дека во следната прва прилика поканата ќе биде прифатена.

Присутните градоначалници посочија дека поголем број општини имаат потреба од избор на нови директори за одредени образовни установи. Но, по оваа ситуација  во некои општини воопшто ќе нема можност за пријавување на лиценцирани кандидати или пак нивниот број би бил минимален. Во таа насока Управниот одбор на ЗЕЛС донесе заклучок да се испрати допис до Министерството за образование и наука во кој ќе се бара најдоцна до крајот на декември, Министерството да  обезбеди услови за итно полагање на испитот за стекнување со лиценца за директор и  воедно да пристапи кон преиспитување на можностите за обезбедување на законски измени  во насока на продолжување на временскиот период на важноста на оваа лиценца.

Присутните на оваа седница ги изгласаа:  Предлог -Буџетот на ЗЕЛС  и Предлог -Акцискиот план на ЗЕЛС за 2023 година како и Планот на ЗЕЛС  за јавни набавки за 2023 година. Првите два документа ќе бидат  разгледани и од Генералното собрание на ЗЕЛС,  што ќе се одржи на 16 декември, 2022 година.