На завршната конференција на регионалниот проект -,,Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“ доделени признанија за општините -учеснички

Битола; Гевгелија; Илинден;  Аердором и Гази Баба од Град Скопје;Тетово и Штип се општините од нашата држава на кои на завршната конференција на регионалниот проект ,,Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“ (2020 -2022) им беа доделени  признанија за придонес за подобро управување со стаклена амбалажа. На овој настан  што се одржа на 14 декември, во Белград, под слоганот ,,Ѕвончето те повикува – рециклирај стакло” беа повикани претставници од 14 пилот единици на локална самоуправа –учеснички во проектот од земјите: Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, како и претставници од нивните комунални претпријатија или колективни постапувачи, експерти и претставници од донаторските организации.

На Конференцијата беа претставени најважните достигнувања на проектот, чии главни цели се: подигање на свеста кај населението за значењето на заштита на животната средина низ правилно управување со стаклената амбалажа; овозможување на економски исплатлив систем за рециклажа на стаклена амбалажа во единиците на локална самоуправа; собирање на што поголема количина на стаклен амбалажен отпад со поставување на нови контејнери за рециклажа на стакло и јакнење на знаењата и капацитетите на сите заинтересирани страни во оваа област -граѓани, јавни комунални претпријатија и ресорни институции.

Контејнерите за рециклажа, важен фактор за поголемо собирање на стаклената амбалажа – еден од заклучоците од спроведеното истражување

На панел дискусијата беа изнесени искуствата и предизвиците што произлегоа од реализацијата на проектот, како и предлог-решенијата за воспоставување на оддржлив систем за рециклажа на стаклена амбалажа. При тоа беа презентирани и  резултатите од спроведеното истражување ,,Ефектите на маркетинг кампањата за подигање на свеста на граѓаните за значењето на собирањето и рециклирањето на стаклена амбалажа“. Беше нагласено дека граѓаните повеќе се подготвени за селектирање на отпадот, кога постојат посебни контејнери за селектирање поставени во населбите. Со поставувањето на 1400 ,,ѕвона” во рамки на сите пилот општини и градови  во проектот, забележано е зголемено собирање на отпадот. Истражувањето покажало дека за селекција на амбалажата клучен чекор е обезбедување на соодветна инфраструктура за одлагање на отпадот како и поставување на контејнерите во непосредна близина на живеењето. Односно 60% од испитаниците во трите земји потврдиле дека не го одвојуваат отпадот бидејќи немаат услови за тоа, а само една петтина истакнале дека немаат навика за селектирање. Како дополнителна мотивација за граѓаните, според нивните одговори, би била поголемата близина на контејнерите за собирање на различни видови на отпад , како и воведување на поттик за враќање на амбалажата.

Воспоставувањето на систем на рециклажа на стаклото, засега се уште финансиски   неоддржлив 

На завршната конференција беше истакнато дека засега најголема препрека е финансиската неодржливост за воспоставување на систем на рециклажа на стаклото. Потребни се фабрики за рециклажа на стакло, бидејќи не постои ниту во една од трите земји, па овој вреден ресурс се извезува. Примарната селекција на ниво на општините е во зародиш, а комуналните такси за депонирање се ниски или некаде и не се воспоставени. Трошоците за транспорт се високи поради тежината на стаклото. Сето тоа доведува овој отпад да завршува  на комуналните депонии.

Европската Унија до 2030 година има поставено цел 75% од стаклената амбалажа да биде селектирана и рециклирана. Во Србија се рециклира околу 44%  од количината стакло ставена на пазарот, во Македонија околу 30%, а во Босна и Херцеговина 12%. Потребно е на државно, но и на локално ниво да се постават цели за рециклажа на стакло; да се предвидат казни за неисполнување; да се зајакнат активностите на инспекцискиот надзор над управувањето со отпадот и одлагањето на стаклото на депониите да се направи најмалку поволна опција. Во нашата земја дел од овие активности веќе се  преземени.