Четири општини потпишаа Декларација за взаемна соработка на комисите за еднакви можности на жените и мажите
Декларација за взаемна соработка на комисите за еднакви можности на жените и мажите потпишаа претставнички од комисиите од четири општини: Виница, Гевгелија, Кавадарци и Струга. Со овој документ, овие општини декларираат дека со идна меѓусебна соработка ќе дејствуваат и ќе се залагаат за промовирање и примена на еднакви права и можности помеѓу мажите и жените, еднаков пристап до услугите и добрата, заштита и спречување на дискриминација по родова основа и забрана за родово базирано насилство. Декларацијата претставува проглас за заложбите на овие комисии при што ја изразуваат волјата за интензивна соработка во напорите и активностите на општините кон подобрување на состојбите на жените и девојчињата.
Оваа Декларација беше донесена на меѓу-општинската конференција за соработка на Комисиите за еднакви можности на локалните самоуправи што претставниците од овие четири општини ја одржаа во Кавадарци. На конференцијата беа споделени и добри практики што ги применува секоја од овие општини во оваа област. По обемната дискусија, присутните членови на комисиите за еднакви можности донесоа и одредени заклучоци и барања што ги доставија до ЗЕЛС:
1. Засилен мониторинг на примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите во локалните самоуправи
2. Овозможување на поддршка на Комисиите за еднакви можности со цел спроведување на проекти во делот на родовата еднаквост
3. Пристап на информации за аплицирање на јавни повици на кои можат како апликанти да се јават комисиите за еднакви можности.
4. Измена на извештајот за унапредување на состојбата на мажите и жените во локалните самоуправи и
5. Поддршка на Комисиите за еднакви можности од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Потписниците на оваа Декларација се трите советнички и претседателки на комисиите за еднакви можности: Весна Ѓорѓиева –Кавадарци: Марија Миланова –Виница и Елизабета Сивова – Гевгелија, како и координаторката на комисијата за еднакви можности од Општина Струга, Сервер Шашко. Тие ја нагласуваат важноста на меѓу- општинската соработка и потенцијалот на здружувањето при реализацијата на активности за подигање на гласот на локалната власт во унапредување на состојбите со родовата еднаквост.

