Врачени сертификати на претставници од општините за учество на обуки од проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“.

Околу 45 претставници од единиците на локалната самоуправа се стекнаа со  сертификати за учество на основни или на напредни обуки за развој на социјални услуги, реализирани во рамките на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“. Сертификатите им беа врачени  на завршниот настан на проектот, организиран на 15 декември, 2022 година, во Скопје. Во присуство на 160 професионалци кои делуваат во системот на социјална заштита на централно и локално ниво; даватели на социјални услуги на локално ниво; претставници на меѓународни организации и на амбасади во земјава беа презентирани постигнатите резултати од Проектот, особено во делот на деинституционализација на социјалната заштита, на воспоставувањето социјални услуги на локално ниво, на зајакнување на капацитетите на општините во доменот на социјалната заштита, како и на зајакнување на капацитетите на давателите на услуги и на процесот на лиценцирање.

Како пример на добра практика на локално ниво беше претставен проектот на Општина Центар-„Нега на стари лица во домашни услови“, каде оваа општина во соработка со Здружението на граѓани „Хуманост“ обезбедува нега на оваа категорија на граѓани во нивните домови со помош на лиценцирани негуватели. Беше посочено дека општината обезбедува и одреден број на лични асистенти за ученици со попреченост во развојот, не само во текот на  учебната година, туку и во периодот на летниот распуст, а исто така од општината најавија и воспоставување на нова социјална услуга – „Сервис за одмена на семејната грижа“, во чии рамки ќе се обезбедува 24-часовна грижа, најмногу за период од 15 дена во годината. 

Во вториот дел од настанот беа реализирани две паралелни работилници. На правта работилница се говореше за имплементацијата на стратегијата за деинституционализација, воспоставувањето систем за мониторинг и евалуација, како и за резултатите од процесот на лиценцирање на давателите на социјални услуги. На втората работилница- „Зајакнување на локалните капацитети“ се дискутираше за развивањето на локалните социјални планови; за процесот на креирање на општински совети за социјална заштита; за воспоставувањето на социјални услуги со поддршка на општината; за важноста од континуирано јакнење на капацитетите на локалноно и на национално ниво, како и за потребата од развивање на регионални социјални планови.

Присутните имаа можност да се запознаат со  секојдневието на лицата кои живеат во Центарот за згрижување лица со интелектуална попреченост, во Волково (Општина Ѓорче Петров) преку прикажувањето на документарниот филм „Беласица“. Главниот лик Марица, 28 години живеела во Специјалниот завод Демир Капија, каде е и родена, но денес, како резултат на процесот на деинституционализација, таа живее во заедница со други лица со попреченост, знае да пишува, самостојна извршува бројни секојдневни активности и работи како негувателка на лица со интелектуална попреченост. Проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“(2019-2022 година) е финансиран од Делегацијата на ЕУ, спроведуван од Ептиса, во соработка со Министерството за труд и социјална политика - МТСП, а во чии рамки, како партнер беше вклучена и ЗЕЛС.