Студенти од мастер студии на Правниот факултет при УКИМ гости на ЗЕЛС

Студенти од втор циклус на студии на Правен факултет ,,Јустинијан Први“ при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ на 23 декември, 2023 година, одржаа едукативен час во просториите на ЗЕЛС, каде се запознаа со улогата и значењето на оваа институција, со надлежностите и финансирањето на единиците на локална самоуправа, како и со процесот на децентрализација во нашата земја. Присутни беа студенти на мастер студии, на модулот  по  ,,Уставно право“ и студенти на мастер студии по политички науки на модулот „Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија“. Овој Факултет на УКИМ веќе неколку години наназад традиционално, еднаш во годината,  ги праќа своите студенти во ЗЕЛС, каде  имаат можност да постават бројни прашања за функционирањето и за улогата на локалната власт како посебна власт во системот на управување во нашата земја. 

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, на почеток истакна свое мислење дека е потребно на секој факултет да се обезбеди предмет за локална самоуправа, преку кој студентите понепосредно ќе се запознаат со своите права за учество во креирањето на локалните политики, ќе придонесат за поголемо транспарентно работење на општините, но и ќе осознаат повеќе како  тие се финансираат, со колку финансиски средства располагаат и кои услуги треба да ги испорачаат. Студентите во своето претставување ја нагласија и општината во која живеат. Потоа  тие беа запознаени со организациската структура на ЗЕЛС и со стратегиските цели, односно беа информирани дека во ЗЕЛС членуваат сите  80 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. ЗЕЛС своите активности ги реализира преку формираните тела и органи составени од избрани претставници на народот( градоначалници и советници)  од кои највисока улога има Генералното собрание на ЗЕЛС. Освен лобирање ЗЕЛС  преку формираниот ЗЕЛС тренинг центар реализира обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација ,но исто така и во името на сите општини ги одржува електронските системи, преку кои општините  обезбедуваат електронски услуги за своите граѓани, како што е услугата за дозвола за градење. Беше посочено дека токму оваа година, во април, ЗЕЛС го прослави својот јубилеј-50 години од своето основање, што укажува дека општини постоеле и во периодот пред прогласувањето на независност на државата дури и со поголеми ингеренции од сегашните. Основната улога на ЗЕЛС е да ги застапува своите членки и во нивно име да лобира за обезбедување на подобри законски решенија за спроведување на надлежностите што им се префрлени на локално ниво , во согласност со Европската повелба за локална самоуправа , како и за унапредување на процесот на децентрализацијата во земјата.  Студентите изразија задоволство од оваа посета посочувајќи дека се стекнале со многу нови сознанија од локалната надлежност и од улогата и работењето на ЗЕЛС и дека би сакале повторно да дојдат во ЗЕЛС.