Досегашните методи за взаемно решавање на предизвиците со енергетската криза меѓу ЗЕЛС и Владата не вродија со плод- Управниот одбор дискутираше за изнаоѓање на нови решенија

Владата во континуитет има игнорантски однос кон единиците на локалната власт за сите предизвици со кои тие се соочуваат, а особено за предизвиците поврзани со справувањето со енергетската криза. Наместо поддршка, таа носи одлуки со кои ги туркаат општините во уште поголем финансиски колапс. Веќе една година високите сметки за електрична енергија експресно ги празнат и онака оскудните општински буџети, а особено тоа е алармантно кај помалите општини. Сите предлог- решенија што општините, преку ЗЕЛС, ги упатија до Владата за взаемно дејствување во насока на справување со кризата и обезбедување на непречено спроведување на услугите за граѓаните за снабдување со вода за пиење, јавно осветлување, загревање на училиштата и друго, наидуваат на не прифаќање и игнорирање. Се има впечаток како Владата да чека општините да колабираат и дека граѓаните им припаѓаат само на  општините, а не и на државата.  А општините за обезбедување на овие јавни услуги плаќаат цена за електричната енергија како да се профитни организации, а не дека станува збор за испорака на јавни услуги. Па така, од 1 јануари, 2023 година општини кои претходно имаа формирано комунални претпријатија за јавно осветлување, струјата ќе ја снабдуваат од страна на снабдувачот во краен случај по цени кои се 20% повисоки од пазарните, се до обезбедување нов добавувач на струја преку тендерска постапка за што постои оправдана загриженост  дали воопшто некој ќе се пријави при ваква состојба.  Тоа значи дека општините ќе продолжат со субвенционирањето на електричната енергија за услугите што им ги испорачуваат на своите граѓани, за  да не се покачат сметките на граѓаните. Всушност општините тоа го прават повеќе од една година и се спремни да продолжат и понатаму, но само доколку добијат поддршка од Владата за взаемно решавање на овој  предизвик.  Всушност  до оваа состојба општините се доведени поради тоа што не добиваат доволно средства за спроведување на префрлените надлежности и се финансиски најзависни општини во целиот регион. Општинските буџети досега се полнеа со 4,5%-5% од зафаќањето од ДДВ и 4% од зафаќањето од персоналниот данок, а блок дотациите во кнтинуитет не се доволни да ги покријат и основните потреби за квалитетно спроведување на префрлените  надлежности. ОД друга страна, во  време на криза и осиромашување на граѓаните се намалуваат и прибраните средствата од сопствените приходи. На Владата сосема и е познато со колкави средства располагаат општините, па во таа насока се создава сомнеж како таа да сака намерно да крахираат општините или пак премолчено ги наведува општините да ги зголемат сметките за услугите што ги даваат, со што гневот на граѓаните за ваквиот потег ќе го вперат кон локалната власт .  Навистина жално е доколку ова се вистинските намери на Владата кон општините, иако се укажува на тоа,, бидејќи повеќе од девет месеци таа воопшто не прифаќа никакви разговори со локалната власт и ЗЕЛС и воедно  донесува одлуки со кои  ги спречува  сите активности што општините ги преземаат за да излезат од оваа криза, а во интерес на своите граѓани.

Ова беа дел од размислувањата изнесени на 13 седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, што се одржа на 5 јануари, 2023 година во административната зграда на ЗЕЛС, каде единствена точка на дневниот ред беше справувањето со енергетската криза. Беше нагласено дека и покрај тоа што на речиси секоја од 11 седници што Управниот одбор на ЗЕЛС ја имаше во изминатата година, енергетската криза беше главната тема на дискусија, но позитивни резултати за општините нема. Напротив состојбата само повеќе се влошува. Беше посочено дека одговорноста е на сите членови на УО  бидејќи досегашни методи на дејствување преку ЗЕЛС не вродија со  плод, па затоа дел од дискусијата на оваа седница беше насочена на договарање на нови методи и  следните чекори што треба да ги преземе ЗЕЛС по ова прашање. Беше нагласено дека општините не ја користат доволно можноста да ја запознаат јавноста преку медиумите за сето она што се случува или да ги запознаат амбасадорите  за сите овие предизвици  со кои се соочуваат. Беше дискутирано и за можностите за откажување од дел од надлежностите, особено оние кои претставуваат огромно товар за локалната власт, бидејќи во континуитет за нивно спроведување не добиваат ни приближно од потребните средства. Исто така, на разгледување беше поставена и можноста за натамошното неисплаќање на сметките за електрична енергија, а како најнеповолна мерка беше спомената и евентуалната можност за зголемување на цената на услугите за улично осветување, но и на некои други комунални услуги, особено услугата за вода за пиење, каде потрошувачката на електрична енергија за работа на пумпите е огромна.

Присутните договорија Управниот одбор на ЗЕЛС да има итна седница на 10 јануари, 2023 година, по која ќе биде свикана прес –конференција на која ќе ги донесе утврдените заклучоци за натамошно дејствување на локалната власт поврзано со енормните трошоци за електрична енергија