Одржана 14 седница на Управниот одбор на ЗЕЛС
Управниот одбор на ЗЕЛС на 30 јануари, 2023 година ја одржа 14 седница на која беа разгледувани повеќе актуелни прашања поврзани со надлежностите на единиците на локалната самоуправа, при што беше нагласена неиздржливата состојба со високите сметки за електрична енергија што ги доведува општините во се посигурен финансиски колапс.
.jpg)
Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС посочија дека повеќе од една година ова тело доставува предлог- решенија до Владата на РСМ за заедничко дејствување во изнаоѓањето на најсоодветни решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат општините од последиците од светската енергетска криза, со цел непречено реализирање на услугите за граѓаните. Наместо поддршка и взаемно дејствување, Владата како намерно да ги остава општините да се доведат до финансиски колапс, бидејќи многу добро е запознаена дека финансиските ресурси со кои располагаат општините не се доволни ниту за редовно спроведување на префрлените надлежности, а не за справување со вакви огромни финансиски издатоци. Во таа насока беше заклучено дека општините не можат ниту еден месец повеќе да ја издржат оваа состојба, па затоа беше предложено да се упати барање до Владата на РСМ за одржување на итна средба до крајот на оваа работна недела. При тоа беше нагласено дека нема да се толерира натамошно игнорирање од страна на централната власт, односно дека постои подготвеност кај единиците на локална самоуправа за преземање на дополнителни мерки.
На седницата беше разгледан и одговорот од Владата на РСМ по Предлог –меморандум, што ЗЕЛС го достави уште во април минатата година и кој треба да претставува континуитет и надградување на досегашната соработка меѓу локалната и централната власт, утврдена во постојниот Меморандум од 2003 година. Наспроти тоа во доставениот предлог од владините служби се именува како ова да е прв меморандум, што е неприфатливо. Исто така во него се изоставени и повеќе предлози на ЗЕЛС во однос на финансиските заложби за поголема финансиска стабилност на општините; предлозите за директни буџетски преговори меѓу локалната и централната власт: при што, непотребно е утврдена и временска рамка на важност на овој документ од пет години. Беше заклучено да се разговара со претставниците од владините служби кои го подготвиле предлогот испратен до ЗЕЛС да направат одредени корекции во согласност со ставовите на ЗЕЛС и доколку се утврди за потребно да се свика и заедничка средба за утврдување на взаемно прифатлива верзија на овој значаен документ за ЗЕЛС.
Присутните дискутираа и за доставените измени во Предлог на Законот за пожарникарство. Беше посочено дека на општините им се дава кус период, од само неколку дена да се изјаснат по истиот. При тоа беа посочени и одредени законски одредби како недоволно прецизни и неприфатливи. Беше позитивно оценета одредбата за надополнување на изворите за финансирање на противпожарните служби од акциза во висина од 1 денар за секоја продадена кутија цигари на подрачјето на територијалната противпожарна единица и од надомест за огревно дрво во висина од 30 денари за секој кубик продадено огревно дрво на подрачјето на територијалната противпожарна единица. Беше заклучено што поитно општините да испратат свои дополнителни забелешки до ЗЕЛС, кои во сублимирана форма ќе бидат испратени до Министерство за одбрана.
Пред членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС беше изнесен и предлог за нов Тарифник за користење на просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, што се наоѓа во административната зграда на ЗЕЛС. Беше посочено дека постојниот Тарифник е усвоен во 2013 година и дека утврдените цени на изнајмување на простор за конференции и состаноци на надворешни организации и институции не соодветствуваат на актуелните економски состојби. Управниот одбор едногласно го усвои предлогот на новиот Тарифник на ЗЕЛС за изнајмување на просториите на ЗЕЛС тренинг центарот .
На оваа седница, Орце Ѓеорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода со мнозинство гласови беше избран за нов претседател на ЗЕЛС.

