Свечено врачени сертификатите на 25 нови форумски модератори
ЗЕЛС и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, на 3 февруари, 2023 година во хотелот ,,Double Tree by Hilton“, Скопје организираа пригодна свеченост на која им беа доделени сертификатите на 25 модератори на форуми во заедницата кои успешно го минаа процесот на лиценцирање. Со тоа на општините им се обезбедени нови стручни лица со високо ниво на познавање на локалната самоуправа и со исклучителни фацилитаторски вештини и знаења во организирањето и спроведувањето на најпопуларната граѓанска алатка на локално ниво- форуми во заедницата. Имињата на сите сертифицирани модератори ќе бидат поставени на веб страната на ЗЕЛС, www.zels.org.mk, од каде општините може да го изберат најсоодветното лице за спроведување на форумските сесии во својата општина Во присуство на градоначалници од општините Арачиново, Берово; Боговиње и Ново Село и претставници од меѓународни организации, сертификатите ги врачија претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и амбасадорката на Швајцарија Вероника Улман.

Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски им честита на модераторите за големата заинтересираност за учество во процесот на сертификација, преку следењето на обуки и полагање на писмен и устен испит и им посака успешно реализирање на бројни форуми во општините во насока на јакнење на демократските процеси и непосредно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики. – „ Ова е четврти пат, откако ЗЕЛС го спроведува процесот на сертификација на модератори, овој пат во рамките на проектот „Зајакнување на општински совет“. Претходните активности што се одвиваа до 2015 година во рамките на Програмата “Форуми во заедницата“ обезбедија 37 сертифицирани форумски модератори“, посочи Ѓорѓиевски, при што се заблагодари на сите кои од самиот почеток се вклучени во Програмата „Форуми во заедницата“ а особено на Швајцарската агенција за соработка и развој, која во континуитет обезбедува поддршка на ЗЕЛС и на општините.
Пред присутните се обрати и претседателот на Комитетот на советите при ЗЕЛС, Трајко Славевски. – „Демократската определба на една локална самоуправа се потврдува најдобро преку понудените можности за вклучување на граѓаните при донесувањето на одлуките. Форумите во заедницата како алатка која е институционализирана во повеќе од 60 општини е значаен показател за подготвеноста на единиците на локалната самоуправа, но и на самите општински совети, градоначалниците и општинската администрација да реализираат проекти кои ги избрале граѓаните. Форуми во заедницата овозможуваат еден отворен и транспарентен принцип на вклучување на граѓаните при донесувањето на одлуките на општините, а сертификацијата на модераторите, претставува дополнителна вредност на таа алатка бидејќи потврдува дека истата се применува низ стандардизирана постапка“, рече Славевски. Тој посочи дека општинскиот совет има голема улога не само во донесувањето на одлука за воведување на оваа алатка на граѓанско учество во Статутот на општината, при што апелираше до општините совети кои се уште не гласале за нејзино институционализирање, тоа да го сторат што поскоро. Славевски истакна позитивни видувања за реализирањето на еден од најголемите проекти „Зајакнување на општински совети“, во чии рамки во оваа втора фаза се спроведоа и активностите за сертификација на модераторите, а преку кој за прв пат во нашата земја се посветува внимание и на јакнење на капацитетите на советниците ,како клучен фактор во унапредувањето на локалната самоуправа.
Личното искуство од спроведувањето на форумските сесии и нивното значење за општината го изнесе градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски. –Форумите го подобруваат капацитетот за ,, партнерство“ на локалната власт со своите граѓани и со сите институции и бизнис заедницата на локално ниво. Улогата на модераторот заедно со општината се клучни и при мобилизирањето на што поголем број учесници на форумите бидејќи колку е поголем нивниот број толку се креираат полегитимни политики и одлуки и се развиваат демократските процеси,нагласи Пекевски.
На свеченоста, на организаторите на овој настан но и на целиот процес на сертифицирање се заблагодари Рубинчо Николоски искусен модератор, кој во овој процес мина низ фаза на ресертификација. Тој во името на сите модератори нагласи дека на овој начин улогата на модераторот е доведена на едно исклучително високо ниво, каде модераторот добива улога на квалитетен промотор на локалната демократија кој преку стандардизирани процедури и постапки треба да ги доближи граѓаните во поактивни чинители и творци на локалниот развој и локалните политики.
Пред присутните се обрати и заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, како и амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Вероник Улман и постојаниот претставник на УНДП во нашата земја, Армен Григорјан. Сите се согласија дека за да се развива процесот на демократијата во една земја, треба да се создаваат и соодветни услови за нејзино активно практикување, и дека на граѓаните треба да им се даде можност и простор за поголемо учество во креирањето и донесувањето на одлуки кои се од важност за развој на заедницата и на земјата. Поддршката од централната власт и од меѓународните институции е токму во насока на развивање на демократските процеси, во сржта на локалната заедница и истата ќе продолжи и во следниот период.
.jpg)




