Средба на раководството на ЗЕЛС со делегација од Република Црна Гора
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и потпретседателот на ЗЕЛС,Перо Костадинов на 17 февруари, 2023 година, во административната зграда на ЗЕЛС имаа средба со петчлена делегација од Одборот за политички систем, правосудство и управа при Собранието на Република Црна Гора, предводена од претседателот на Одборот, Момо Копривица.
.jpg)
Претставниците од оваа делегација имаа за цел поконкретно да се запознаат со искуствата на единиците на локалната самоуправа од нашата земја и на ЗЕЛС за законската регулатива и нејзината имплементација на локално ниво, како и за степенот на развој на процесот на децентрализација на власта, од причина што во овој момент во Република Црна Гора се започнати процедури на законски измени поврзани со локалната власт. Гостите особено беа заинтересирани да добијат попрецизни сознанија за начинот на финансирање на општините, собирањето на данок на имот, развивањето на нови услуги за граѓаните, територијалната организација, начинот на организирање на локалните избори, но и за нивото на соработката меѓу локалната и централната власт. Тие посочија на традиционалната поврзаност на двете држави, на сличниот менталитет и предизвиците со кои се соочуваат, што им дава посебна важност на искуствата што ќе ги слушнат од оваа средба. При тоа, беше посочено дека десет општини од Црна Гора се збратимени со општини од нашата земја и дека таа соработка треба да продолжи и да се надградува.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиесвки истакна добредојде на гостите и изрази задоволство на укажаната чест за интересот да се запознаат со искуствата во локалната власт од нашата земја. Во концизните одговори на поставените прашања, особено се задржа на ставот на ЗЕЛС,при што нагласи дека тоа е и негов личен став, дека процесот на децентрализацијата мора забрзано да продолжи да се развива во секоја земја, особено во нашите и при тоа да се интензивира лобирањето за обезбедувањето на поголема финансиска стабилност на единиците на локалната самоуправа. -,, Во суштина сметам дека имаме слични предизвици и дека централната власт секогаш е скептична кога станува збор за обезбедување на соодветни средства за финансирање на префрлените надлежности на локално ниво, но ние треба секогаш да се залагаме да добиеме повеќе надлежности и да лобираме да добиеме и што повеќе или барем соодветни средства за нивно спроведување, како што тоа впрочем е утврдено и во Европската повелба за локална самоуправа. Главната причина е што општините се основните клетки на развој и демократизирање на едно општество“, посочи Ѓорѓиевски. При тоа тој ја нагласи улогата на ЗЕЛС во целиот тој процес, како значајна алатка на сите единици на локалната власт во нашата земја, преку која се градат консензуални ставови за лобирање пред централната власт, без партиски интереси, туку само во интерес на сите општините во земјата, пред се во интерес на граѓаните.
И потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадинов, ја потврди взаемната соработка на сите членки во рамките на ЗЕЛС, посочувајќи дека локалната и централната власт секогаш ќе бидат во една ,,вечна борба“ но дека тоа не треба никого да поколеба, напротив општините треба да се залагаат за преземање на што поголем број на ингеренции и услуги во интерес на граѓаните.
Присутните беа информирани и за поконкретни начини на дејствување на ЗЕЛС и на активностите што ги реализира, каде освен лобирањето, посебно место заземаат активностите за јакнењето на капацитетите на единиците на локалната самоуправа и електронските услуги, но стана збор и за начинот на соработката со Владата и со Собранието на РСМ. Беа изнесени заложбите за континуиран притисок за законски измени во насока на обезбедување на повеќе средства за општините и постигнување на поголема финансиска стабилност, но и за реорганизација кон утврдување на задолжителни и факултативни надлежности на општините.

.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)