Излезе од печат новиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Во новиот број на Гласило на ЗЕЛС содржани се поголем број на информации за активностите на ЗЕЛС реализирани во изминатите два месеца . Управниот одбор на ЗЕЛС, во текот на јануари ‒ февруари оваа година, одржа три седници на кои беа разгледани актуелните предизвици со кои се соочуваат општините при спроведувањето на своите надлежности. Енергетската криза и високите сметки за електрична енергија експресно го празнат и онака оскудниот буџет на општините. Наместо поддршка, Владата на РСМ донесува одлуки со кои ги турка општините во уште поголем финансиски колапс. Таа е сосема запознаена со висината на финансиски средства со кои располагаат општините, па не е јасна причината за нејзиниот игнорантски однос кон локалната власт. Општините сè помалку можат да го издржат натамошното субвенционирање на електричната енергија со цел да не им се покачат сметките на граѓаните за услугите што им ги обезбедуваат. Во таа насока, на седниците на Управниот одбор се отвораат и дискусии за откажување од одредени надлежности, особено од оние за кои во континуитет не добиваат соодветни дотации. Владата, дури по 10 месеци испрати своја верзија на предлог-текстот од ЗЕЛС за склучување на нов Меморандум за соработка, во чија содржина изостануваат значајни сегменти кои се однесуваат на заемните заложби за дополнителна финансиска децентрализација, за таканаречените „буџетски преговори“ и други важни содржини. Предмет на дискусија на Управниот одбор беше и работната верзија на текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пожарникарство.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода, на 14. седница на УО беше избран за нов претседател на ЗЕЛС. Потпретседателите на ЗЕЛС остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. На 15. седница, Управниот одбор донесе Одлука за промена на член на ова тело, доколку трипати последователно не присуствува на седниците.
На вкупно 25 модератори на форуми во заедницата, кои успешно го минаа процесот на лиценцирање, им беа доделени сертификати. Имињата на сите сертифицирани модератори се објавени на веб-страницата на ЗЕЛС (https://zels.org.mk/page/forumski-moderatori) од каде што општините може да го изберат најсоодветното лице за спроведување на форумските сесии во својата општина. Управниот одбор на ЗЕЛС донесе и одлука со која го регулираше процесот на сертифицирање, при што се утврди времетраењето на оваа лиценца за период од пет години .
По катастрофалниот земјотрес што ги зафати подрачјата на Турција и Сирија, на 6 февруари 2023 година, единиците на локалната самоуправа покажаа вистинска хуманост и обезбедија голема парична и материјална помош за настраданото население.
Гласило на ЗЕЛС