Делегација од ЗЕЛС учествуваше на конференција „Јакнење на улогата на локалните власти во енергетско и климатско планирање“
Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу и Перо Костадинов, како и градоначалниците на Куманово, Максим Димитриевски; на Кочани, Љупчо Папазов, и на Берово, Звонко Пекевски, на 14 и на 15 март, 2023 година, во Истанбул, Република Турција, учествуваа на конференција за меѓурегионална размена на идеи и искуства за управување на повеќе нивоа со енергетиката и климатското планирање. Настанот беше организиран во рамките на 18 Генерално собрание на НАЛАС, со финансиска поддршка од ГИЗ .
Првиот ден беше одржана конференција ,, Јакнење на улогата на локалните власти во енергетско и климатско планирање“ чиј домаќин беше Отворениот регионален фонд на ГИЗ за Југоисточна Европа – енергија, транспорт и заштита на климата, Беше претставен проектот ЕУ4 за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција, што опфаќа промоција и поставување на платформата за координација и соработка помеѓу локалната и централната власт и невладиниот сектор, за обезбедување на подобри резултати во планирањето и реализацијата на активностите за енергијата и климата.
Вториот ден се одржа Генерално собрание на Мрежата на асоцијации на локални власти во Југоисточна Европа (НАЛАС) посветено на дискусија за принципите на солидарната поддршка, превенцијата и политиките поврзани со природни катастрофи и земјотреси. Беше апелирано до локалните власти да размислат и да разменат искуства како може да се мобилизира поголема солидарност во вакви случаи, особено по бројните кризи во последните неколку години и неодамнешната кулминација со разорниот земјотрес во областите на Турција и Сирија. Пред делегатите се обратија високи гости од Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, и тоа генералниот секретар, Матје Мори како и Бернд Ворингер, претседател на Комората на локални самоуправи, при Конгресот.
На ова собрание беше избран и нов претседател на НАЛАС, Мехмет Ерѓун Туран градоначалник на Фатих, општина во состав на Истанбул. Во согласност со системот на ротационо претседателство, избрани беа и три потпретседатели: прв потпретседател, Душан Раичевиќ, градоначалник на Бар (Црна Гора); Марко Филиповиќ, градоначалник на Риека (Хрватска) и Емил Драгиќи, градоначалник на Вулкана Баи (Романија), како трет потпретседател. Делегатите го усвоија и новиот петгодишен Стратешки план на НАЛАС (2023-2027 година).

