Работилница за новата предлог формула за распределба на блок дотациите за основно образование
Во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на 17 и на 20 март, 2023 година советниците и инспекторите за образование од општините имаа можност да дискутираат за новата предлог- формула за распределба на блок дотациите за основно образование. Оваа работилница ЗЕЛС ја реализираше во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја и со Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

Анализа на состојбите во образованието
Присутните ја поздравија иницијативата на Министерството за образование и наука за воведување на нова формула за распределба на блок дотациите, посочувајќи дека досега за спроведување на оваа надлежност општините добиваа минимални средствата, поради што трошат значителна дополнителна сума од своите буџети за оваа намена. Тоа е потврдено и со спроведената анализа од страна на УНИЦЕФ и МОН, која покажува дека јавните расходи за основно образование во нашата земја изнесуваат 3,7 од БДП што е под просекот во европските земји, каде изнесува 4,9 %. Ниско е нивото и на резултатите што ги покажуваат нашите ученици на ПИСА тестирањата, а утврдено е дека едно дете кое одело 11 години во училиште покажува образовни резултати еднакви на 7,3 години учење, што е најлош резултат во Европа. Во таа насока анализирано е и колку нашите училишта се соодветни да обезбедат квалитетно образование. Утврдено е дека 90% од децата одат во централни училишта, а 10 % одат во подрачни училишта. Бројот на објектите на подрачните училишта се двојно повеќе во однос на централните. Исто така во, 43% од подрачните училишта наставата се изведува во комбинирани паралелки. За последните две децении односот на наставник -ученик се намалил од 18 деца по наставник на сегашни 10 деца на наставник. Всушност според сегашната формула, 89 % од средствата што ги добиваат општините во блок дотациите се трошат за плати, а мал е остатокот за другите потреби. Просечниот број на деца во една паралелка е меѓу 11 и 15 ученици, а само 23 % од општините го исполнуваат законскиот услов да имаат паралелки од најмалку 20 деца. Годишниот трошок за основно образование по ученик во нашата земја во 2019 година изнесувал 1.007 евра што е за пет до седум пати помал од земјите од Европската Унија, па и од оние во регионот. Анализата покажува дека општините стравуваат дека оптимизацијата на училишната мрежа може да доведе до ,,одумирање на селата“ и дека средствата што се добиваат со блок дотациите се недоволни и треба значително да се зголемат, посочија на недостатокот на кадри за природни науки и за ИТ поддршка, на зголемувањето на просечната старост на наставниот кадар и друго. Сите овие податоци всушност и ја потврдуваат потребата за промени во образованието.

Новата формула се темели на претходно утврден стандард по ученик и пресметката се врши врз основа на четири компоненти
Концепт на предлог формулата за распределба на блок дотациите за основно образование, содржи четири компоненти: Основна компонента; Варијабилна компонента; Прилагодувачка компонента и Развојна компонента. Од особена важност е што новиот модел се темели на претходно утврден стандард по ученик (76,670 денари, каде не е влезена сумата за ужинка) за разлика од досегашниот, каде не се знаеше колкав е вистинскиот трошок по ученик. Пресметките за основниот трошок ќе се корегираат секоја следна година, односно ќе биде опфатено зголемување по основ на минат труд на наставниците, зголемување на платите и кариерното унапредување, планирана стапка на инфлација, пазарни цени на производи и друго.
Присутните нагласија дека утврдената сума по ученик е многу ниска и за сегашните потреби, а не пак за идните, и дека не ги опфаќа сите потребни компоненти за соодветно финансирање на основното образование. Беше изнесен предлог, платите на наставниците да се одделат како сосема посебна ставка во формулата. Дури беше потенцирано во блок дотацијата што ќе се префрла на општините воопшто да не се ставаат платите. Со нивното вклучување во формулата само се добива впечаток дека општините добиваат многу пари за образование, а всушност имаме општини каде 97% од дотацијата ја трошат за платите. Особена реакција имаше за ставката за предвидениот здрав оброк/ужинка. Присутните посочија дека е разбирливо воведувањето на оваа компонента, бидејќи со новиот образовен концепт се зголемува престојот на децата во училиште за два часа, но тоа би било ново огромно финансиско оптеретување на општините, како што е случајот сега со транспортот на децата. Исто така, беше нагласено дека предлог формулата речиси и да не нуди финансиски средства за подобрување на образовниот процес, бидејќи никаде не се потенцирани потребите за дидактички/наставни материјали кои треба да ги следат новите наставни процеси, но и дигитализацијата и кабинетската настава. Единствен сличен трошок што го нуди предлог-формулата е трошок за наставен материјал од 447,00 денари по ученик на годишно ниво, што подразбира, хартија, пенкала, креда за наставникот и ништо повеќе. Никаде не се евидентирани ставки за компјутери за децата и за наставниците и за технички персонал кој е потребен за нивно одржување, трошоци за осигурување на компјутерите и на објектите, потоа за електронски табли, за нагледни средства, дополнителни образовни книги и слично. Не се наведени ниту трошоци за систематски прегледи на наставниот кадар, ниту трошоци за службите за обезбедување во училиштата. Реакции имаше и во делот на посочени трошоци за еднодневен излет, каде се утврдени 632,00 денари по ученик. Присутните нагласија дека треба да се има во предвид дека се предвидени два еднодневни излети во годината, а не еден. Присутните негодуваа и во делот на предвидениот трошок за греење од 2,529,00 денари по ученик на годишно ниво. Тие нагласија дека се сомневаат дека преку оваа сума може да се платат огромните сметки за греење и дека треба да се направи пореална пресметка, особено да се има во предвид и училиштата со помалку деца. Присутните нагласија дека несоодветно е утврден и понудениот трошок за стручно усовршување на наставниците (488,00 денари по ученик на годишно ниво) и доколку се говори за јакнење на капацитетите на наставниот кадар, оваа ставка не би ги задоволила ниту основните потреби.
Од страна на претставниците од УНИЦЕФ и на ЗИАМ беше нагласено дека при креирањето на формулата за пресметка на основниот трошок по ученик, земени се предвид различни карактеристики и фактори на училиштата во поглед на две структури. Не се двојат повеќе училиштата на урбани и рурални, туку според степенот на развиеност, каде се предвидени 4 степени на развиеност, а поделбата е направена според бројот на ученици во училиштето, а не според бројот на паралелки. Тука е предвидена распределбата според ставката на училишта со 40% ученици и под 40% ученици кои одат во подрачни училишта. На овој начин утврдени се 8 видови на училишта, плус нов тип на ,,заштитно училиште“.
Присутните претставници од општините нагласија дека утврдениот втор степен на развиеност на училиште (361-900 ученици) треба да се раздвои, односно да има степен на развиеност од 361-600 ученици и од 600 до 900 ученици). Нагласено беше дека со зголемен престој на ученици во училиштата треба да се има предвид и на зголемување на бројот на хигиеничарите, но исто така и на технички помошен кадар, бидејќи училиштата претежно се во стари објекти и дека со се почестото поставување на енергетски фото-панели потребно е соодветни кадри за нивно одржување. Присутните го акцентираа и предизвикот со времените вработувања, кои сега ги плаќаат од средства од општината, па и овој трошок го посочија дека треба да влезе во новата формула.

Функционалноста на новата формула е тесно поврзана со процесот на оптимизација на училишната мрежа
Во делот на втората компонента (варијабилната) од новата предлог –формула, присутните од локалната власт посебно реагираа во делот на трошоците за превоз на учениците. Сегашната пресметка (25.000 денари) е утврдена врз историски трошоци, кои не соодветствуваат на актуелните состојби на зголемување на цената на енергенсите. Некои општините кои имаат линиски превоз посочија дека не обезбедуваат поголема заштеда, за разлика од онаа сума која ја имале преку тендерските постапки, но сите беа едногласни дека најмногу средства се трошат за договорите за превод во ридско-планинските средини и рурални средини со нецелосна патна инфраструктура и без редовни превозни линии. Одредени општини нагласија дека користат сопствени возила за оваа намена, но беше покренато прашањето за законската можност за добивање на лиценца за превод што би го вршела општината. Од голема важност, според претставниците од локалната власт е и предвидување на трошоци за превоз на ученици кои одат на регионални, национални и меѓународни натпревари. Претставниците од општините исто така, нагласија дека во новата формула треба да се посвети соодветно внимание на трошоците на учениците со посебни потреби, бидејќи во овој дел има сериозни суми кои во континуитет ќе се зголемуваат, особено кога ќе стигнат сите потврди од соодветната Комисија. Во делот на трошоци за екскурзија за ученици во социјален ризик, беше посочено дека општините немаат пристап во ЕМИС системот и дека тоа во најитен период треба да се регулира. Во оваа компонента влегува и ставката за надоместокот за учениците кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалку бројните етнички заедници. Присутните нагласија дека МОН, освен преземените активности за инклузија на децата со посебни потреби, треба да посвети и големо внимание за надарените и на талентираните ученици.
Претставниците од УНИЦЕФ и ЗМАИ нагласија дека износот на блок дотацијата што ќе ја добие општината нема да се разликува во апсолутен износ за повеќе или помалку од 10% од претходната блок дотација, во период од следните пет години. Исто така беше посочено дека во оваа, развојна компонента се предвидени и средства во зависност од постигнувањата на училиштата. Воведувањето на развојната компонента се планира од 2024 година и ќе се пресметува врз основа на перформанси од две последователни години. Беше нагласено дека функционалноста на оваа формула е децидно поврзана со спроведување на процесот на оптимизација на училишната мрежа, која општините треба да ја спроведат во следните години. Присутните беа информирани дека веќе е започнат процес на утврдување на модели за оптимизација. Односно земени се 10 општини со различни карактеристики, кои ќе добијат поддршка за да спроведат оптимизација на својата училишна мрежа. Нивните искуства ќе бидат пренесени по завршувањето на овој процес.

.jpg)