Национален собир на општински советници посветен на родова еднаквост и елиминирање на насилството врз жените во политикатa

-„Градењето на локалните политики кои се однесуваат на обезбедување на родова еднаквост и елиминирање на насилство врз жените во политиката е сериозна одговорност на општината и на општинските совети. Оставањето на овие значајни прашања, некаде на дното на приоритетите во повеќето општини, продуцира далекусежни негативни последици врз развојот на демократијата и обезбедувањето на најосновните права и слободи за секој граѓанин. Во таа насока ЗЕЛС веќе подолг период, самостојно и во партнерство со домашни и меѓународни организации, интензивно работи на полето на имплементирање на принципи и заложби во креирањето политики за обезбедување на родова еднаквост на локално ниво“.

Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во своето обраќање на националниот собир на општински советници, што се одржа на 23 март, 2023 година, во Скопје, во организација на Националниот демократски институт (НДИ)во рамките на проектот „Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените (WoMen Lead)“. Ѓорѓиевски говореше за значењето на комисиите за еднакви можности на мажите и жените, утврдени во рамките на Советот на општината, кои ја имаат водечката улога да се грижат за имплементирање и спроведувањето на законските одредби во оваа област и активно да учествуваат при создавањето и промоцијата на родовите заложби. Беа посочени активностите на ЗЕЛС на ова поле, особено во делот на јакнење на капацитетите на советниците, членови на овие комисии, но и на координаторите, кои се од дел од општинската администрација. Беше нагласена и поддршката на ЗЕЛС на своите членки во делот на соодветно спроведување на законските обврски од оваа област, , како во делот на креирањето на локални родови политики така и за обезбедувањето на буџетско планирање и обезбедување на родово сензитивни податоци, а особено на промоцијата за имплементирање на начелата на Европската повелба за рамноправност на мажите и жените во локалните самоуправи, утврдена од Комората на локални и регионални власти. Претседателот на ЗЕЛС посочи дека за посветеноста на ЗЕЛС на ова прашање показател и е Лоби група за родова еднаквост при ЗЕЛС составена од претставници од градоначалнички и градоначалници, претседателки и претседатели на општински совети.

На собирот се обратија и Роберт Скот Хејзелет, виш директор на НДИ во нашата земја, кој изрази големо задоволство од соработката со ЗЕЛС, при што го нагласи придонесот на ЗЕЛС на обуката што беше одржана минатата година за советниците, членови на комисиите за родова еднаквост, од 20 општини. Пред присутните говореше и Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во нашата земја, а беа споделени и најдобрите практики за родова еднаквост и елиминирање на насилството врз жените во политиката, како и резултатите од истражувањето на тема ,,Родовата еднаквост на локално ниво“.