Средба на претседателот на ЗЕЛС со министерската за животна средина и просторно планирање
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на 8 мај, 2023 година, во административната зграда на ЗЕЛС имаше средба со министерската на животна средина и просторно планирање, на нејзина иницијатива. На средбата се дискутираше за можностите на подобрување на взаемната комуникација и размената на информации и податоци во насока на што поуспешна реализација на двата заема што ги подигна државата за подобрување на условите и услугите на граѓаните. Станува збор за заемот од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска Банка) во висина од 50 милиони евра наменет за подобрување на општинските услуги и вториот се однесува на заемот од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 55 милиони евра наменет за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот (регионални депонии).

Во однос на реализација на средствата од Светска банка за подобрување на општински услуги, министерката Шукова посочи дека за да може да се обезбеди најефикасен и најекономичен начин да се искористат овие средства од страна на локалната власт, неопходно е уште на самиот почеток да се идентификуваат реалните потреби на единиците на локалната самоуправа, да се направи добра анализа, скрининг на состојбите, а за што на МЖСПП му е потребна поддршка од ЗЕЛС. Таа изрази надеж дека до крајот на оваа година, по формирањето на проектна канцеларија и утврдувањето на методологијата за условите и за распределбата на средствата, општините ќе може да аплицираат на јавниот повик.

Во однос на вториот проект за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот, министерската информираше дека средствата од ЕБОР ќе искористат за обезбедување на дополнителна документација, онаму каде недостасува; изградба на претоварни станици и за набавка на опрема и садови за општините (јавните комунални претпријатија) за селектирање и депонирање на отпадот. При тоа таа посочи дека од голема важност е и спроведувањето на соодветна кампања, преку која граѓаните ќе бидат запознаени за целиот процес, но и за нивниот значаен придонес во насока на реализацијата на крајната цел- општини без отпад. Во таа насока министерката уште еднаш посочи дека за реализирање на сите подготовки за беспрекорно функционирање на целиот систем, соработката со единиците на локална самоуправа, со регионалните центри и јавните комунални претпријатија е од клучно значење. Таа потсети на законските обврски за општините во оваа насока, меѓу кои и обврската за склучување на договори со колективните постапувачи.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски изрази задоволство во намерите на МЖСПП да го вклучи ЗЕЛС и општините уште на самиот почеток на реализација на многу важни проекти за локалната власт, да ги слушне нивните потреби и да ги утврди реалните состојби на терен. Ѓорѓиевски нагласи дека ЗЕЛС стои на располагање, во рамките на своите можности, да биде партнер на министерството при реализацијата на овие проекти, што се од суштинско значење за граѓаните. Тој нагласи дека го дели мислењето со министерката за потребата од обезбедување на соодветна база на податоци, која ќе ја надградуваа сите релевантни субјекти и преку која ќе се обезбедат информации за реалните состојби, за вистинските потреби на локалната власт и транспарентност во распределбата на средствата за капитални инвестиции. На состанокот Ѓорѓиевски го покрена прашањето и за потребата од воведување на комунална полиција, што е долгогодишна заложба на ЗЕЛС, утврдена во систематизираните ставови, но и во предлозите доставени до Владата на РСМ за реформи во процесот на децентрализација на власта. Беше посочено дека треба да се направат напори и за подобрување на капацитетите на единиците на локална самоуправа во делот на животната средина, а преку соодветни кампањи заедно со МЖСПП да им се објасни на граѓаните за начините на селектирање на отпадот, но и во делот на натамошното утврдување на соодветна висина на комуналната такса за оваа намена.
Состанокот заврши во знакот на отвореност за воспоставување на искрена и суштинска соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и ЗЕЛС, при што претседателот на ЗЕЛС, ја покани министерката да присуствува на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, каде и подетално би поразговарале за начинот на реализацијата на овие проекти, но и за други предизвици на локалната самоуправа во оваа област. Министерската со задоволство ја прифати поканата.