Излезе од печат априлскиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Април е и месецот кога ЗЕЛС го прославува својот роденден, а оваа 2023 година, на 26 април, ЗЕЛС го одбележа педесет и првиот роденден. И во овој месец ЗЕЛС реализираше низа активности. Управниот одбор на ЗЕЛС, на 4 април 2023 година, ја одржа 16-тата седница. На покана на потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадиновски, седницата беше одржана во административната зграда на Општина Валандово. На седницата беше прифатена содржината на новиот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ. Членовите на УО ги разгледаа и забелешките од советниците и инспекторите за образование за предлог-формула за распределба на блок дотациите за основно образование, кои беа прифатени и испратени до МОН и до УНИЦЕФ. Разгледани беа и забелешките што ги утврди Мрежата за општински инспектори за сообраќај при ЗЕЛС во однос на Предлогот за измени на Законот за превоз во патниот сообраќај. Пред членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС беше изнесена иницијативата на Општина Центар, а доставена до ЗЕЛС, за справување со дивоградбите преку конфискација на овие нелегално изградени објекти. Иницијативата ја образложи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој нагласи дека сите општини, вклучително и неговата, се соочуваат со бројни вакви објекти, кои по законски спроведената процедура за запирање на постапката за натамошно градба, тие со години ја нарушуваат естетиката на просторот и претставуваат места на кои се одвиваат одредени незаконски дејствија.
„Како до меѓународен BFC SEE-сертификат“ беше насловот на информативната сесија што ја организираше ЗЕЛС на 19 април 2023 година, во административните простории, а на која беа поканети секретарите на општините и претставници од одделенијата за локален економски развој. Присутните беа запознаени дека сите заинтересирани општини имаат можност да се вклучат во меѓународната BFC SEE-програма за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (Business Friendly Certification South East Europe - BFC SEE).
ЗЕЛС беше домаќин на претставници од германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ), германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и од Агенцијата за услужни заедници во еден свет (SKEW). Целта на оваа средба, иницирана од страна на гостите, беше поттикнување на вмрежување, односно збратимување и воспоставување на понатамошна соработка на општините од нашата земја со општини од Северна Рајна-Вестфалија, од Западна Германија.
За овие и други информации подетално ќе прочитате во априлскиот број на Гласило на ЗЕЛС.