Работна средба за разрешување на дилемите околу имплементирањето на последните измени на Законот за даноци на имот

 


Во просториите на Министерството за финансии, на 23 септември, 2021 година,  беше организирана работна средба на која присуствуваа претставниците од ЗЕЛС и од Град Скопје и претставници од секторот за јавни приходи и даночна и царинска политика, од секторот за наплата на долг и второстепена управна постапка и од Министерство за транспорт и врски. Причина за оваа средбата беа реакциите на поголем број општини околу имплементирањето на одредбите од последните измени на Законот за даноци на имот (објавени во  Службен весник број 151, 6 јули, 2021 година) кои беа донесени  без претходна консултација со ЗЕЛС. Во таа насока, на состанокот се дискутираше по посочените спорни одредби, нивната практична примена, за Методологијата за проценка на пазарна вредност на недвижен имот и друго. Акцентот беше ставен на две прашања :

1.           Новите измени во Законот за даноците на имот, односно, член 21, став 2 кој предвидува дека во случај кога цената постигната во актот за пренос на правото на сопственост е повисока од пазарната вредност утврдена со Методологијата за проценка на пазарната вредност, даночна основа е цената постигната со актот за пренос на правото на сопственост. Следствено на ова, во пракса постојат случаи кои беа споделени на самиот состанок, а каде во актот за пренос на правото на сопственост, т.е. договорот се посебно наведени и цената за пренос на сопственост со и без ДДВ. Во тој случај се поставува прашањето која цена да се земе предвид при пресметувањето на данокот на промет на недвижност;

2.           Практичната примена на измените по однос на повисоката стапка за данокот на имот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот, односно  докажувањето и пријавувањето на користење на недвижен имот повеќе од 6 месеци во текот на една година.

И по двете прашања присутните не можеа да дојдат до заеднички став и заклучок, пред се поради техничката природа на истите, различните случаи во пракса и теорија, но и поради фактот што Методологијата за проценка на пазарна вредност од 2010 година е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а вработените во Министерството за финансии не учествуваат во ниту една работна група по однос на интервенции во истата. На состанокот беше посочено дека Законот, во делот на споменатите даночни стапки треба да се применува од 1 јануари 2022 година, а општинските совети не можат да се свикаат во услови на локални избори кои се во тек. Беше посочено дека не е јасно и како граѓаните ќе го докажуваат и пријавуваат користењето на недвижен имот.

По состанокот ЗЕЛС испрати допис до сите општини да достават свои мислења и предлози по овие прашања, но и предлози за подобрување на примената на овој Закон .