На тематски форуми во општините Велес, Битола и Штип -презентирани клучните наоди од спроведените социјални мапирања

 


Општините Велес, Битола и Штип во соработка со ЗЕЛС, од 21 до 24 септември, 2021 година, спроведоа тематски форуми на кои беа презентирани клучните наоди од реализираните социјалните мапирања што се спроведоа во овие единици на локална самоуправа, во рамките на проектот „Регионално учење за имплементација на Агенда 2030 во Југоисточна Европа“. Овој проект во нашата земја го имплементира ЗЕЛС во соработка со Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС), а истиот е финансиски поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Една од целите на проектот е да се зајакнат капацитетите на општините за интегрирање на Целите за оддржлив развој и примена на принципот „Никој да не биде изоставен“ при креирање на локалните политики и буџети.

Стручната комисија ги избра овие три општини, од вкупно шеснаесет општини, што аплицираа на јавниот повик што го објави ЗЕЛС за изразување интерес на општините за спроведување на методологија за социјално мапирање. Целта на социјалното мапирање е интегрирање на податоци за социјално загрозени групи во процесите на планирање и донесување одлуки во домен на социјална заштита. Социјалните мапирања во избраните општини ги спроведоа три консултантски компании. Општините пак, имаа  можност да ги идентификуваат ранливите групи за кои им се потребни детални информации за нивните потреби и за предизвици со кои тие се соочуваат.

Па така, според добиените податоци се покажа дека најранливи во овие општини  се : старите лица; лицата со попреченост; самохраните родители и жените Ромки. Социјалните мапирања посочија дека потребите на лицата со попреченост се поврзани со обезбедување на адекватен пристап до јавните објекти, унапредување на пристапот до образование и зголемени можности за вработување. Кај старите лица беше идентификувана потреба за постоење на услуги за нега на стари лица, во домашни услови. Самохраните родители имаат потреба од поддршка при вработување, како и поддршка за вклучување на децата во предучилишни установи. Поддршка при вработување, како и потребата од специјализирани сервиси за жени жртви на насилство врз жени и семејно насилство, беше посочена како приоритет за жените Ромки. Добиените резултати од спроведените мапирања беа презентирани  на тематските форуми што се спроведоа во трите општини во месец септември на кои освен претставници од општините и од ЗЕЛС учествуваа и претставници на релевантни локални институции и граѓански организации. На форумите детално беа разгледани заклучоците и препораките од социјалните мапирања при што  присутните дадоа свои согледувања и предлози  по истите е.

Во рамките на овој проект, освен реализацијата на социјалното мапирање за секоја општина, предвидено е и обезбедување на стручна помош за изработка на локални стратегиски документи во кои ќе се интегрираат клучните наоди што произлегуваат од социјалното мапирање. Исто така, добиените податоци ќе послужат и за јакнење на улогата на  општината во домен на социјална заштита, адекватно претставување на состојбите пред централната власт и взаемна соработка во насока на интегрирање на потребите на ранливите групи во националните стратегиски политики и прописи.