Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на општините не ги прифати измените на критериумите за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини, за 2022 година.

 

 

 

 

Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на општините,  преку користење на електронска аудио -визуелна комуникациска алатка, на 27 септември, 2021 година ја одржа четириесет и третата седница. Членовите на Комисијата дискутираа за Предлог – Уредбата за измена на уредбата за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2022 година. Беше посочено дека Комисијата пред извесен период веќе дала мислење во однос на оваа Уредба, но дека станува збор за утврдување на дополнително мислење по измена на критериумите во уредбата. Според насоките на министерот за финансии, сега при распределбата на овие средства, приоритет се дава на бројот на жители во општината, со што распределбата би била 80%,10%,10%, а не како претходно во сооднос : 65%, 27% и 8%.

Во дискусијата, претседателот на Комисијата, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, посочи дека првенствено не би требало да се избрзува со давање на позитивно мислење по предлогот од причина што е период на изборна кампања, кога единиците на локална самоуправа и градоначалниците, членови на оваа Комисија, се  фокусирани на изборите. Како втора забелешка на предлогот, Коцевски посочи дека не е понудена никаква симулација од страна на Министерството за финансии, преку која би се добиле сознанија какви реални промени би предизвикале  ново предложените критериуми за распределба на средствата, за секоја општина поединечно. Според симулациите што ги направил самиот Коцевски, сегашниот предлог не оди во полза на помалите општини. Во таа насока оди и третата забелешка, каде се посочува на контрадикторноста  во заложбата на Владата на Р. С. Македонија која покажува добра волја да им помогне на општините со послаби финансиски ресурси, преку предлагање на измени во концептот на финансирање на локалната самоуправа, воведување на фонд за финансиско воедначување и фонд за перформанси, а наспроти тоа, со ова решение, токму на тие општини, што треба да добијат најмногу за да обезбедат поквалитетни услуги за граѓаните и поквалитетно извршување на законски определените надлежности им се кратат и онака оскудните средства што ги добиваат. Беше објаснето дека ако на тие општини им се скратат толку многу пари, со средствата што ќе ги добијат од фондот за финансиско воедначување нема ни да го достигнат нивото на средства што го имале досега а, не пак да им помогнат да добијат повеќе средства, како најсиромашни општини. При тоа причината не  е затоа што не ги собрале сопствените приходи, туку затоа што нема финансиски ресурси во нивните општини за да можат да имаат поголеми изворни приходи. Предлогот на Коцевски беше дека треба да се почека да минат изборите и до крајот на годината да се избалансираат меѓусебните ставови, а Министерството за финансии да обезбеди сериозна документација и потребни симулации.

Дел од членовите на Комисијата, кои се претставници од министерствата на Владата на РСМ  посочија дека за да се дојде до најповолно решение треба да се мине низ еден посериозен процес на взаемна соработка со кое ќе бидат задоволни сите страни, но, исто така, имаше и мислења дека  предложените измени се добри и  дека истите треба да бидат веднаш прифатени. По гласањето на членовите, беше констатирано дека  Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа не даде позитивно мислење по предлог текстот  на Уредбата за измени на Уредбата за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност  на општините за 2022 година. Беше побарано  предлагачот да достави симулација за да се види како ќе се рефлектира новата распределба и да се добие попрецизна аргументација кои се мотивите, аргументите зошто се напушта стариот модел а, се инсистира на овој, нов модел.

На крајот од седницата, Коцевски ги информираше присутните дека текстот од Законот за именување и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа веќе е доставен во Собранието на РСМ и до крајот на годината се очекува да биде ставен на дневен ред. Беше нагласено дека Предлогот за измени на Законот не ги опфаќа предлозите за кои се залага ЗЕЛС подолг временски период.  Во Законот е предложено да им се овозможи на општините да се раздолжат  со  десет годишен наменски кредит кој ќе го дава Министерството за финансии на општините, а тие се должни да го враќаат на 50 еднакви годишни рати или, пак,  на барање на општините Министерството да емитува  структурни наменски обврзници.