Родовата статистика - основа за креирање на локални политики за социјални промени

 

„Родова статистика и родови индикатори на локално ниво“ беше темата на еднодневните обуки што ги организираше ЗЕЛС во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Во насока на почитување на протоколите за организирање на обуки, претставниците од општините беа поделени по региони и согласно распоредот учествуваа на една од петте еднодневни обуки организирани на 29 и 30 септември,  2021 година и потоа на 1, 5 и 6 октомври, 2021 година. На обуките беа поканети  координаторите и координаторките за еднакви можности и по едно лице од секоја општина, задолжено за ИТ. Присутните се запознаа со концептот на родовата статистика и статистичките трендов како и со пристапот при собирањето и анализирањето на податоци поделени по род. Се говореше за тоа која е улогата на координаторот за еднакви можности при собирањето, анализирањето и презентирањето на родовите податоци,  кој сѐ во општината треба да собира вакви податоци и како да се анализираат истите при креирањето на важни политики на локално ниво. На ИТ лицата им беше презентиран начинот како да ги внесат и како да ги распределат родовите податоци на е-платформата www.rob.zels.org.mk, која е надградена со алатка за презентирањето на родовата статистика по општина, според категориите кои се внесени (култура, социјала, спорт, здравје)

Експертите за родова еднаквост на UN Women, Скопје посочија дека во меѓународни рамки, трендот на родови статистики добива сѐ поголемо значење при креирањето на политиките и документите на сите нивоа на функционирањето на државите. Беше укажано дека на светско ниво експертите од оваа област нагласуваат дека правењето на родови статистики не значи само прибирање на официјални податоци по пол, туку пред се е потребно концептите и методите што се користат за прибирање и презентирање на податоци соодветно да ги одразуваат родовите прашања во општеството и да ги земаат предвид сите фактори кои би можеле да предизвикаат родова пристрасност. Родовата статистика ја објаснуваат како статистика која адекватно ги рефлектира разликите и нееднаквостите меѓу мажите и жените во сите сфери на животот и ги има следните карактеристики: податоците се разделени по пол, ги рефлектираат родовите разлики, претставуваат основа за дефинирање на родово сензитивни индикатори и претставуваат основа за мерење на социјалните промени. Понатаму, тие укажуваат дека е потребна промена на фокусот од статистики само за жени, во статистики за жени и мажи и унапредување на статистиките за мажите  (особено за откривање на факторите кои влијаат на мажите како на пр. ризично однесување, насилство и сл.) а пред се, унапредување на ефикасноста на политиките со користењето на овие податоци. При тоа беше нагласено дека треба да се истражи и утврди како одредено решение, одлука, политика влијае врз жените и нивниот живот, а како врз мажите и нивниот живот.

За да може да се идентификува родовата нерамноправност, потребно е постоење на веродостојни и полово поделени статистички податоци за разни прашања (вработување, приходи, образование, здравство и сл) при што оваа идентификација е првата фаза во процесот на креирање на политики и програми со интегриран родов аспект, додека пак при немање на соодветни полово распределени податоци, не може да очекуваме носење на соодветни родово сензитивни политики, ниту пак воспоставување на родова рамноправност во целото општество или на локално ниво.              На обуката се говореше и за тоа кои податоци треба да ги собира општината, кои се институциите кои служат како извори на податоци со кои таа треба да соработува  (на пр. ФЗО, АВРМ, ФПИОМ, АМСМ) и како да ги анализира и употребува за подобрување на услугите на граѓаните

На крај од обуката беше презентирана табела во ЕКСЕЛ формат што општините  можат да ја користат, надградат и адаптираат за своите потреби и каде може на едно место да ги собираат родовите податоци во делот на урбанизам, култура, социјала, спорт итн. Беше заклучено дека оваа табела треба да се надгради, но и да се спореди и унифицира со е-алатката за родова статистика, што е на е-платформата на ЗЕЛС www.rob.zels.org.mk. Платформа која е достапна за сите корисници на родова статистика на национално и на регионално ниво. Беше презентирано видео за начинот на користење на платформата од страната на ИТ лицата во општината,  кои за овие потреби ќе добијат пристап со корисничко име и лозинка од ЗЕЛС.

Во следниот период е предвидена дводневна обука со проширена содржина на темата родова статистика и нејзино користење на локално ниво. Обуките беа реализирани во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“ (2019-2021), што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на UN Women, Скопје.