Општина Охрид домаќин на седумнаесеттата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

Седумнаесеттата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС се одржа  на 11 мај, 2023 година, во административната зграда на Општина Охрид. Градоначалникот на општината-домаќин, Кирил Пецаков, кој воедно е член на ова тело, им поска добредојде и успешна работа на присутните членови на Управниот одбор. На седницата се  дискутираше за  предизвици со кои се соочуваат единиците на локална самоуправа при спроведувањето на своите надлежности, особено за состојбите во противпожарните територијални единици (ППТЕ), а се говореше и за посветеноста на избраните членови во работењето на органите и телата на ЗЕЛС. 

 

Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш номиниран за претставник од локалните власти од нашата земја во АРЛЕМ  

Присутните беа информирани за поканата што нашата земја ја добила да номинира член од локалната власт во АРЛЕМ, постојано собрание кое ги обединува локалните и регионални власти од трите брега на Средоземното море и обезбедува институционална рамка за дијалог, размена и соработка помеѓу членовите на Комитетот на региони (КоР) и претставниците на европските асоцијации вклучени во евро -медитеранската соработка од една, и нивните колеги од медитеранските партнери од друга страна. Всушност за прв пат нашата земја била поканета на состанокот на тема активности во рамки на Евро -Медитеранското регионално и локално собрание  (Euro-Mediterranean Regional and Local Assembly – ARLEM), што се одржала на 29 март, 2023 година во просториите на Комитетот за региони (КоР), каде било објаснето дека  со  членство на Република Северна Македонија во Унијата на Медитеранот (УзМ) отворена е можноста за учество и во работата на АРЛЕМ. Било посочено дека членовите на АРЛЕМ се најчесто градоначалници или други локални и регионални лидери кои се предложени од соодветните асоцијации или мрежи на регионално и локално здружување. Земјата за  почеток ќе има можност да номинира еден претставник кој ќе има статус на набљудувач. Некаде во февруари, 2025 година, односно по изгласувањето на нов деловник и мандат, ќе бидат создадени услови за унапредување на статусот во полноправен член. Управниот одбор на ЗЕЛС го предложи, а потоа и го усвои предлогот, градоначалник на Општина Радовиш, Ацо Ристов,  да биде номиниран за претставник од ЗЕЛС во АРЛЕМ.

АРЛЕМ е формиран  во 2010 година на предлог на Комитетот на региони  (КоР), само две години по создавањето на УзМ и претставува своевиден пандан на Парламентарното собрание на УзМ. Неговата улога е консултативна и комплементарна на работата на УзМ и се фокусира на регионалната и локална димензија на соработка во Евро-Медитеранскиот базен. Сите земји членки на УзМ учествуваат во работата на АРЛЕМ преку номинација на свои членови кои се избрани претставници на регионални или локални тела во државите, каде остваруваат соодветен регионален или локален мандат. АРЛЕМ брои вкупно 80 членови и 2 набљудувачи, при што делегацијата на ЕУ е составена од членови на КоР (32) и претставници на европски и меѓународни асоцијации ангажирани во евро- медитеранската соработка (8), додека делегацијата на медитеранските партнери е составена од 40 претставници на локалните и регионалните власти назначени од националните влади. Со АРЛЕМ претседаваат двајца ко-претседавачи, еден од ЕУ страна (КоР) и еден од страна на претставниците на земјите од Медитеранот. 

По оваа точка присутните развија дискусија за активноста на номинираните претставници од ЗЕЛС во меѓународните тела и органи. Беше посочено дека тоа претставува исклучителна можност за размена на искуства, создавање на партнерства и лобирање за обезбедување на повеќе фондови и повеќе средства за проекти за локалните власти од нашата земја. Беше нагласена долгогодишната неактивност на нашите претставници од локалната власт во Советот на Европа, а исто така беше посочена и неактивноста на поголемиот дел од делегатите во Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија, особено на состаноците што се одржуваат во Брисел. Во таа насока беше посочено дека Министерството за локална самоуправа не ги обезбедува потребните средства за оваа намена и беше изнесен пример од Република Словенија, каде Владата дава финансиска поддршка на словенечката асоцијација на локални власти, како поддршка на општините за учество во сите тела на ЕУ и на други меѓународни организации. Управниот одбор ја нагласи огромната полезност за активно учество во овие тела и органи и ја нагласи потребата за поголема одговорност од номинираните лица, кои се нафатиле на овие позиции.

Изгласана промена на двајца членови на Комитетот на советите на ЗЕЛС

Управниот одбор на ЗЕЛС на оваа седница го изнесе предлогот за промена на членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС, кои од формирањето на ова тело не присуствувале на седниците ниту покажале активност во неговото работење. По оваа точка се дискутираше на претходната 16 седница на УО, по што на предлог од  Комитетот на советите и Управниот одбор беше предложена замена на двајца членови. На местото на  претседателката на Советот на Општина Старо Нагоричане, Сашка Крстевска Павловска предложена е претседателката на Совет на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, а на местото на претседателот на Совет на општина Боговиње, Илир Елези предложен е претседателот на Совет на Општина Тетово, Бесар Дурмиши. Присутните едногласно ги прифатија новите кандидати, кои ќе му бидат предложени на Генералното собрание за гласање.  

Усвоени предлозите за следни чекори кон решавање на предизвиците во ППТЕ што ќе бидат изнесени пред Генералното собрание на ЗЕЛС 

Претседателот на Работната група за утврдување на решенија за предизвиците со противпожарните територијални единици (ППТЕ) во општините, Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово, пред присутните членови на Управниот одбор ги изнесе предлозите утврдени на средбата што ја одржаа ова тело. Уште на почетокот од своето излагање Димитриевски ја посочи анализата што ја изработи стручната служба на ЗЕЛС и нагласи дека според добиените податоци од општините што имаат ППТЕ, (освен од Град Скопје), централната власт за оваа надлежност на општините во 2022 година им префрла околу 4,5 милиони евра, а општините од своите буџети обезбедуваат приближна на оваа сума, додека за 2023 година минимално се зголемени средствата од централната власт а општините за дополнување на потребните средства, од кои најголемиот дел за плати на пожарникарите треба да одвојат  најмалку пет милиони евра. Нагласено беше дека наместо овие средства општините да ги трошат за проекти за своите граѓани, тие и ,,помагаат“ на централната власт. Бројот на пожарникарите е несоодветен со оној утврден во Законот за пожарникарство, возниот парк е со просечна старост од над 35 години, соодветна опрема и облека за пожарникарите речиси и да нема, општините кои се опфатени во рамките на една противпожарна територијална единица воопшто и не плаќаат за услугите што им ги дава општината во која се наоѓа ППТЕ( иако се обврзани со Закон) и излегувањето на терен во повеќе од 65% на овие противпожарни единици се однесува на пожари во шуми каде одговорноста е на ,,Македонски шуми“. Тоа е состојбата со  противпожарна заштита и справување со кризи во нашата земја. Државата не ги почитува законите што сама ги донесува, не ги почитува општините, најмалку Европската повелба на локална самоуправа што ја потпишала, каде јасно стои дека со префрлање на секоја надлежност на локално ниво треба да бидат обезбедени и соодветни средства за нејзино спроведување и не ги почитува своите граѓани бидејќи ги остава речиси целосно незаштитени од вакви катастрофални непогоди. Одговорноста на општините за оваа надлежност е огромна, состојбата е неиздржлива и нема надеж за  подобрување, особено што и при она мало дополнување со опрема што стигнува од Дирекција за заштита и спасување е несоодветно распределено, минимално, речиси комплетно ненаменско. Наместо обезбедување на скали  што се неопходни за гасење на пожари во урбани средини, некоја општина ќе добие некое возило што воопшто не и е потребно и несоодветно за употреба. Во таа насока беа изнесени, а потоа и прифатени од сите членови на Управниот одбор, следните заклучоци:

1. Да се испрати допис и уште еднаш да се информира Министерството за одбрана и Владата на РСМ за состојбата во која се наоѓаат сите ППТЕ во земјава. Во дописот да се нагласи, итно, со ребаланс на буџетот да се обезбедат потребните средства и да им се испорачаат на општините за обезбедување на плати и за придонеси на сите вработени пожарникари, а притоа да се води од законски предвидениот број на потребни пожарникари според бројот на жители. Исто така, итно да изврши набавка на соодветни противпожарни возила и да испорачаат потребната и соодветна опрема за пожарникарите и ППТЕ. Потоа да се утврди  соодветна методологија за трајно и објективно финансирање на потребите на ППТЕ.

2. Во пресрет на Светскиот ден на пожарникарите да се одржи прес конференција во административната зграда на ЗЕЛС на која ќе бидат изнесени состојбите во ППТЕ и барањата на ЗЕЛС 

3. Доколку во рок од две недели или најдоцна до крајот на месец мај,  централната власт не преземе никакви дејствија по наведеното во дописот, ЗЕЛС да организира мирен протест пред Владата на РСМ, каде  градоначалниците и претставниците од ППТЕ мирно ќе го изразат  незадоволството од ваквата состојба и ќе биде спроведено дефиле на противпожарните возила за да се запознаат граѓаните што им стои на располагање доколку  е потребна заштита од евентуални пожари. 

Притоа беше нагласено дека не станува збор за политички поени туку за солидаризираност на сите единици на локалната самоуправа, за соочување со реални потреби и одговорноста што ја имаат сите општини за човечки судбини или заштита на нивните имоти при пожар. Овие заклучоци ќе бидат изнесени на гласање пред делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС  на четвртата седница .

Утврдени мерки за поттикнување на ажурна наплата на членарината кон ЗЕЛС

На дневен ред на 17 седница на Управниот одбор беше и утврдувањето на предлог мерки за поттикнување на ажурна наплата на членарината кон ЗЕЛС. Беше нагласено дека најголемиот процент од приходи на ЗЕЛС доаѓа од средствата од членарина од  сите единици на локалната власт. Финансискиот извештај на ЗЕЛС за оваа година, слично како и во претходните, покажува дека приходите по овој основ во континуитет опаѓаат, независно што ЗЕЛС им излегува во пресрет на своите членки и непречено им ги испорачува сите  услуги: спроведување на активности на телата и органите на ЗЕЛС за лобирање за унапредување на надлежностите на единиците на локалната самоуправа и развивање на процесот на децентрализација; надградба и одржување на  електронските системи и поддршка на општините при нивното користење и постапување ; обезбедување и организирање на соодветни обуки за општинската администрација и учество во меѓународни тела и органи. Во таа насока по обемна дискусија беа усвоени неколку заклучоци:

1. Доколку општините имаат долг, веднаш да пристапат кон склучување на договор со ЗЕЛС, каде соодветно на нивната состојба ќе се  утврди времетраењето на отплата и бројот на ратите. 

2. Општините кои нема да ги преземат посочените можности, или пак не го почитуваат склучениот договор, ќе бидат подложени на дополнителни постапки  со кои ќе бидат лишени  од  одредени  услуги на ЗЕЛС се до  враќање на долгот.

Формирана работна група за утврдување на предлог -законски решенија за иницијативата а конфискација на нелегално изградени објекти

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски под точка разно го информираше Управниот одбор за чекорите што ги преземал во однос на активностите за реализација на иницијатива за конфискација на нелегално изградени објекти. Тој посочи дека имал разговори со претставници од Министерството за правда и Министерството за транспорт и врски, од каде добил позитивни сигнали во насока дека се потребни одредени дообликување на оваа иницијатива за нејзино преточување во законски одредби. Во таа насока, на оваа седница Управниот одбор даде согласност за формирање на Работно тело предводено од градоначалникот на општина Центар, заедно со неколку градоначалници, претставници од правните служби од општинската администрацијата, како и експерти од областа на урбанизмот кои ќе дискутираат и ќе утврдат прецизни предлози за обезбедување на потребните законски измени.

Иницијатива за одржување на заедничка средба меѓу асоцијациите на локални власти од нашата земја и Република Бугарија 

Потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, информираше за иницијативата за одржување на заедничка средба меѓу членовите на  Управниот одбор на ЗЕЛС со Управниот одбор на Националната асоцијација на општини на Бугарија (НМРБ) за одржување на заедничка средба во нашата земја. Средбата би била посветена само на прашања поврзани со локалната самоуправа, размена на искуства и продлабочување на соработката, збратимувањата меѓу општините од двете земји, како и поддршка за интензивирање на меѓу - граничната соработка од ИПА  фондовите, но и за искористување на средства од други фондови на Европската Унија, каде е потребно партнерство со општините, членки на ЕУ. Управниот одбор ја прифати иницијативата, а Општина Струмица се пријави да биде општината- домаќин на овој настан. 

Иницијатива изнесе и градоначалникот на општина Радовиш, Ацо Ристов, да се одржи итна средба со соодветни претставници од централната власт, со цел  разрешување на пречките околу обезбедување на одобрение од Владата на РСМ за задолжување во комерцијални банки на четири општини од земјава за реализација на капитални инвестиции. Беше нагласено дека потребните услови се исполнети, за што Министерството за финансии веќе дало согласност, но подолг период се чека и на формална одлука од Владата. Станува збор за непотребна кочење на активности за создавање на поповолни услови за развивање на локалната економија во овие општини. Беше предложено да се упати допис до Министерот за финансии и до Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции  за одржување на итен состанок на кој ќе присуствуваат градоначалниците на општините: Радовиш, Штип, Охрид и Прилеп. Исто така беше нагласено и значењето од степенот на информираност на општините за условите на користење на средства од ИПАРД-3 програмата, заради што во непосредниот период ќе организира состанок со министерот за земјоделство и министерот за европски прашања на која ќе присуствуваат сите членови на Управниот одбор на ЗЕЛС.