Одржана четвртата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС

-„ Во изминатата година на сите 11 седници што ги одржа Управниот одбор на ЗЕЛС, задолжително точка на дневен ред беше токму прашањето за предизвиците со енергетската криза. Утврдивме предлог –мерки и ги доставивме до Владата. Имавме три средби, од кои на една од нив присуствуваа сите претставници на Управниот одбор, Премиерот на РСМ и соодветни ресорни министри. Не дојдовме до взаемно прифатливи чекори, а потоа состојба се влоши уште повеќе со донесувањето на два документа, што се покажаа како доста неповолни за нас. Првиот документ беше Тарифникот на новите цени на струјата, во кој беше изоставена категоријата „улично осветлување“. Вториот беше Одлуката од Владата од 30 октомври, 2022 година, со која на сите општини им се забрани да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, а оние општини што основале вакви претпријатија беа обврзани да преземат активности за престанување на важење на актите со кои ги основале“. Вака, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, го започна своето обраќање за активностите на ЗЕЛС во изминатата 2022 година, пред делегатите на четвртата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 12 мај, 2023 година, во хотелот ,,Метропол“ во Охрид. 

 

Ѓорѓиевски во извештајот посочи и на некои позитивни резултати што произлегоа од преговорите на ЗЕЛС со Централен регистер, со Регулаторна комисија за енергетика, со претставници од министерствата за економија и за финансии, меѓу кои се : можноста општините да формираат претпријатија за обезбедување на електрична енергија од обновливи извори и вонредната мерка со која основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за снабдување со вода беа префрлени на регулиран пазар. Во делот на приоритетните заложби на ЗЕЛС, претседателот Ѓорѓиевски нагласи дека во согласност со ревидираните СИСТЕМАТИЗИРАНИ СТАВОВИ ЗЕЛС продолжува да се залага за обезбедување на  финансиска стабилност на општините, реформи во организацијата на локалната власт и префрлање на нови надлежности, но само со обезбедување на соодветни финансиски средства за нивно спроведување. Тој нагласи дека новиот Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа, донесен во месец октомври, минатата година не ги исполнува основните барања на ЗЕЛС, иако обезбеди минимално покачување на финансиските средства од ДДВ и од персоналниот данок и нагласи дека во блиска иднина да биде ставен на дневен ред на седница на Управниот одбор. Ѓоргиевски го спомена и новиот Меморандум за соработка со Владата на РСМ,  што официјално се уште не е потпишан, но би требало да обезбеди почести и поквалитетни средби со Владата, особено во делот на буџетските преговори, а говореше и за заложбите на ЗЕЛС за обезбедување на софтверска апликација за спроведување на постапките согласно Законот за даноците на имот и Законот за комунални такси, кој ќе биде поврзан со Агенцијата за катастар на недвижности за добивање на податоците за сопствениците на имотот, како даночни обврзници.  –„ Се надеваме дека оваа година ќе започнеме со обезбедувањето на овој електронски систем, што се планира да го одржува ЗЕЛС и што ќе ни користи на сите општини подеднакво. Тоа е уште еден начин на значителна заштеда и рационално користење на средствата од нашите буџети. Тоа се надевам ќе овозможи да се ангажираме повеќе во делот на собирањето на своите сопствени приходи, а особено во делот на ревидирање на базата на данок на имот и во делот на утврдување на основицата за оданочување на објектите според последно утврдената методологија“, рече Ѓорѓиевски и посочи дека општините треба навремено и целосно да ја отплаќаат  членарината кон ЗЕЛС бидејќи, добиваат безброј бесплатни услуги од ЗЕЛС, што не е случај со речиси ниту една друга асоцијација од регионов па и пошироко. При тоа претседателот на ЗЕЛС ја нагласи и активноста на ЗЕЛС Тренинг центарот каде во минатата година беше обезбедена обука на вкупно 1.500 лица од општинската администрација и општинските совети, како и ЗЕЛС единицата за поддршка на електронски услуги која одржува пет електронски системи од кои три се најзначајни, особено информацискиот систем за издавање на  градежна дозвола, преку кој во 2022 година општините издадоa 2935 одобренија за градење. На крајот од своето обраќање Ѓорѓиевски упати  апел до делегатите на Генералното собрание навремено и посветено да одговараат на сите барања што ќе стигнат од ЗЕЛС во нивните општини, а се однесуваат на  доставени предлог- закони, податоци, мислења и слично.  Исто така, тој вети пред  Генералното собрание дека ќе биде истраен во заложбата, ЗЕЛС како и досега, да биде тело на сите единици на локалната власт, каде единствен приоритет ќе бидат интересите на сите општини за обезбедување на подобри услови и поквалитетни услуги за своите граѓани.

Извештаи на ЗЕЛС и мерки  за поттикнување на ажурна наплата на членарината 

На седницата, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ ги презентираше  извештаите за реализацијата на активностите на ЗЕЛС за 2022 година како и финансискиот и ревизорскиот извештај за минатата година. Беше посочено дека  во согласност со Акцискиот план на ЗЕЛС реализирани се сите активности, но дека наплатата на членарината од нејзините членки евидентно опаѓа, па така е создадена состојба приходите да се помали во однос на расходите на ЗЕЛС. Присутните ги изгласаа овие два значајни документа на ЗЕЛС по што беше отворена дискусија за мерки за поттикнување на ажурна наплата на членарината кон ЗЕЛС, утврдени  од  Управниот одбор на ЗЕЛС на 17 седница. Уште еднаш беше нагласено дека општините добиваат бројни бесплатни услуги од ЗЕЛС:  одржување и надградба на електронските системи како и поддршка при нивното користење, особено за електронскиот систем за дозволи за градба, за постапките за градежно неизградено земјиште и за продажба на ствари. Секојдневно општините добиваат информации за сите настани и активности поврзани со надлежностите на локалната власт и се пласираат информации на веб страната на ЗЕЛС како и во Гласилото на ЗЕЛС. Со  поддршка на ЗЕЛС општините се вклучуваат во низа регионални и меѓународни проекти и учествуваат во разни домашни и меѓународни тела за размена на искуства и стекнување на нови знаења. Преку ЗЕЛС тренинг центарот се обезбедуваат соодветни обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација. Се обезбедува организирање на сите активности на телата и органите на ЗЕЛС за  лобирање и затапување на значајни законски промени поврзани со надлежностите на локалната самоуправа и многу други активности. Дел делегатите нагласија дека не смее да се доведе во прашање функционалноста на ЗЕЛС поради неплаќање на членарината, по што Генералното собрание на ЗЕЛС ги  изгласа предлог мерките за поттикнување на ажурна наплата на членарината кон ЗЕЛС, меѓу која беше и мерката доколку општината има долг кон ЗЕЛС и не ги преземе посочените можности, или не го почитува склучениот договор за отплата на долгот, да биде подложена на дополнителни постапки за оневозможување на користење на одредени услуги од ЗЕЛС се до враќање на долгот.

Генералното собрание го овласти Управениот одбор да направи план и програма во делот на унапредување на можностите за подобрување на состојбите и финансирањето на противпожарните единици

Пред присутните, градоначалникот на Општина Куманово,  Максим Димитриевски ги презентираше анализите за финансирањето и состојбата со опрема на противпожарните територијални единици (ППТЕ) како и мерките што беа усвоени од Управниот одбор на 17 седница за преземање на следни чекори кон решавање на предизвиците. Беше нагласено дека овие мерки се донесени едногласно од сите членови на УО и дека немаат никаква политичка конотација, туку дека се во интерес на општините, а пред се во интерес на граѓаните на нашата земја. Станува збор за човечки судбини и заштита на нивните имоти при пожари, каде одговорност на локалната власт е огромна. Несоодветното финансирање од страна на централната власт и непочитувањето на законските одредби што ги донела, го доведува во прашање квалитетното спроведување на оваа надлежност од страна на општините. Присутните, само со еден глас против и еден воздржан ги изгласаа мерките со кои Генералното собрание го овласти Управниот одбор да направи план и програма во делот на унапредување на можностите за подобрување на состојбите и финансирањето на противпожарните единици, и беше предложен општините да организираат мирен протест пред Владата на РСМ како знак на општо незадоволство од третманот на централната власт кон општините во однос на оваа надлежност. Доколку е потребно ќе биде покренат и процес на поединечно изјаснување на општините за натамошно вршење на оваа надлежност. Игнорантскиот однос на централната власт кон општините ја доведе и противпожарната заштита во земјата на најниско ниво, што е погубно за сите граѓани во оваа земја, а не само за општините. Градоначалникот Димитриевски беше дециден дека не може да се дозволи и понатаму огромен дел од својот буџет да трошат за оваа намена, презентирајќи ја анализата што ја направи ЗЕЛС за финансиите што ги добиваат општините од централната власт и оние што самите ги издвојуваат, како и за опременоста и бројот на пожарникари во ПТТЕ во согласност со Закон. Димитриевски, исто така, посочи дека преговорите со централната власт ќе продолжат, но доколку и понатаму се нема слух за алармантната состојба со противпожарните единици, ќе треба да се дејствува со конкретни мерки. 

Генералното собрание ги изгласа и предложените промени во составот на Комитетот на советите при ЗЕЛС. На местото на  претседателката на Советот на Општина Старо Нагоричане, Сашка Крстевска Павловска предложена е претседателката на Совет на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, а на местото на претседателот на Совет на општина Боговиње, Илир Елези предложен е претседателот на Совет на Општина Тетово, Бесар Дурмиши. Повторно беше нагласено дека сите претставници од локалната власт во сите органи и тела на ЗЕЛС или во нејзино име номинирани во домашни и меѓународни организации одговорно да ја вршат својата обврска, а најмалку што може да направат е да присуствуваат на состаноците организирани од нивна страна.

Презентирани чекори на МЖСПП за реализација на двата заема на државата за проекти за подобрување на условите и услугите на  граѓаните  

На оваа седница на Генералното собрание  беше поканета и  претставничка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Тања Пауновска, раководител на сектор за соработка со единиците на локалната самоуправа, која ги презентираше активностите во рамките на  двата големи заеми  на државата за подобрување на условите и услугите на  граѓаните, за чија реализација е договорно ова министерство. Станува збор за заемот од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска Банка) во висина од 50 милиони евра наменет за подобрување на општинските услуги и  заем од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 55 милиони евра наменет за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот (регионални депонии). 

Во однос на реализација на средствата од Светска банка за подобрување на општински услуги, беше посочено дека за да може да се обезбеди најефикасен и најекономичен начин за користење на овие средства од страна на локалната власт, неопходно е уште на самиот почеток да се идентификуваат реалните потреби на единиците на локалната самоуправа, да се направи добра анализа, скрининг на состојбите, а за што на МЖСПП му е потребна поддршка од ЗЕЛС.  Присутните беа информирани дека се формирани  два тима во министерството од по шест лица и дека во тек се конкурсите за ангажирање на надворешни експерти, како и дека се подготвува методологија  за условите и за распределбата на средствата. Беше изразена надеж дека до крајот на годината, општините ќе може да аплицираат на јавниот повик, при што беше посочено дека имаат отворени врати од МЖСПП за сите дилеми, помош и информации што им се потребни при  подготовката на апликациите. Од присутните делегати беше изразена загриженост дали навистина со толку малку луѓе вклучени во овој процес од страна министерството ќе може да се успее низ целиот процес на управување со оваа  висока сума на средства и беше понудена возвратна понуда за користење на сите расположливи капацитети од локалната власт за взаемна соработка за остварување на крајната цел –обезбедување на поквалитетни услуги за сите граѓани . Особено беше нагласено дека можеби е подобро тендерските постапки да ги води секоја општина посебно, не како што е случај со други министерства кои постапките ги водат  долго и проектите остануваа нереализирани со години. Исто така беше нагласено дека би било целисходно доколку ЗЕЛС и општините се вклучат уште на самиот почеток при утврдувањето на критериумите за распределба на овие средства.

Во однос на вториот проект  за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот, претставничката од МЖСПП информираше дека средствата од ЕБОР ќе искористат за обезбедување на дополнителна документација, онаму каде недостасува; изградба на  претоварни станици и за набавка на опрема и средства за транспорт за општините (јавните комунални претпријатија) за селектирање и депонирање на отпадот. Тука беше нагласена  потребата за поголема соработка и отвореност на општините во целиот процес, во кој освен набавка на потребната опрема ќе се реализира и кампања за запознавање на населението со  процесите кои ќе треба да ги имплементира секој граѓанин или организација  при селектирањето и одложувањето на отпадот, соработката со регионалните центри и со јавните комунални претпријатија. Таа потсети на законските обврски за општините во оваа насока, меѓу кои и обврската за склучување на договори со колективните постапувачи. 

На крајот од седницата Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски уште еднаш нагласи дека сите активности што ќе се спроведуваат од страна на ЗЕЛС не смеат да имаат никаква политичка позадина и конотација, туку  задолжително ќе бидат во интерес на сите општини, а тоа значи во интерес на сите граѓани и дека тој лично ќе се залага ЗЕЛС, како и досега, да го одржува единството на сите општини и да не дозволува централната власт и понатаму да се однесува индиферентно кон  локалната власт.