Подготовки за имплементирање на четвртата едиција од Програмата за БФЦ СЕЕ
ЗЕЛС, како акредитиран Технички секретаријат за нашата земја за Програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа ( БФЦ СЕЕ ) на 22 и 23 мај, 2023 година организираше обука за кандидати за БФЦ СЕЕ евалуатори. На обуката што се одржа во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот учествуваа околу десетина кандидати, кои во текот на двата дена се запознаа со целите на оваа Програма, како и со искуствата и ставовите на општините и градовите кои во претходниот период се стекнале со овој сертификат. Најголемо внимание во обуката беше посветено на објаснување на десетте стандарди што секоја општина -кандидат во одреден обем треба да ги исполни за да може да се сертифицира, како и на методологијата по која ќе се оценува валидноста на доказниот материјал. Евалуаторите по следењето на обуката ќе полагаат испит за утврдување на нивните знаења. Улогата на евалуаторот е да го следи процесот на евалуација на општината –кандидат, да им даде поддршка на членовите на општинскиот тим за што поквалитетно и ефикасно спроведување на целиот процес за стекнување на ова престижно признание, но и како понатаму треба да ги одржуваат БФЦ стандардите во општината. На веб страната на ЗЕЛС https://zels.org.mk/newsd/5150) е поставен Јавен повик, кој е ексклузивно отворен за 50 градови и општини од Југоисточна Европа кои досега не учествувале во програмата на BFC SEE, а општините може да се пријавуваат сè до исполнувањето на оваа бројка.

Општината задолжително треба да ги исполни сите елиминациски критериуми
Секоја општина која ќе влезе во процесот на БФЦ стандардизација, треба да исполни 10 критериуми со 62 подкритериуми, утврдени во новата, четврта едиција на БФЦ стандард. Во оваа четврта едиција утврдени се измени во системот на оценување, односно општината мора да исполни најмалку над 50% од секој од десетте критериуми, а особено да ги исполни сите елиминациски критериуми. Всушност, пред да одлучи да влезе во ваков процес, општината ќе спроведе самоевалуација за да утврди дали ги исполнува елиминациските критериуми. Во дел од овие елиминациски критериуми спаѓаат и следните: општината да именувала службеници или воспоставила организациска единица задолжена за локален економски развој (КЛЕР); да има важечка Стратегија за ЛЕР, усвоена од Совет на ЕЛС и таа да е достапна на интернет страницата; да има формирано Економски совет, кој учествува во разгледување на прашања што се однесуваат на деловната заедница и да одржува состаноци најмалку три пати во годината, а предлозите што произлегуваат од состаноците да се земаат во предвид при донесувањето на релевантни одлуки на локално ниво; општина да има важечка просторно планска документација која овозможува издавање на градежни дозволи и други.
Методологија на бодување за исполнетост на БФЦ СЕЕ стандардите
Од вкупните бодови што општината треба да ги обезбеди за стекнување со сертификатот, 75% се однесуваат на оценувањето дали општината има показатели дека таа воспоставила соодветни капацитети и процеси на работење во областа на локалниот економски развој и дали воспоставила соработка со стопанствениците. Новина се двата последни критериума (9 и 10). За деветтиот се добиваат максимум 15 % бодови и е показател за ,,нумерички податоци“, односно дека општината е насочена кон собирање на податоци и спроведување на анализи врз кои ги темели своите планови и своето работење. За десеттиот критериум- „иновации и добри практики“ општината може да добие максимум 10 % од вкупните бодови. Всушност со десеттиот критериум општината треба да ја докаже посветеноста кон: воспоставување на брзи и достапни услуги за своите граѓани, меѓу кои се електронски услуги; воспоставување или поттикнување на програми за обуки за start –up, микро и мали претпријатија; воведување иновации во организациските капацитети на ЛЕР; применување на иновативни технолошки решенија што придонесуваат за заштита на животната средина и енергетска ефикасност и други иновации. Секоја општина што ќе влезе во процесот ќе добие и Прирачник од четвртата едиција, во кој детално се опишани сите критериуми и подкритериуми што треба да ги исполни, а утврдените општински тимови ќе проследат и соодветна обука .
Процесот на сертификација започнува со склучувањето на договорот со општината-кандидат, по што се отвора пристап во електронски систем, каде во рок од 60 дена треба да бидат прикачени сите доказни материјали за исполнување на критериумите. Потоа евалуаторите ги разгледуваат прикачените материјали и изготвуваат генериран извештај, со кој одат во посета на општината и разговараат со избраниот тим за подобрување на некои пропусти. Потоа се изработува прелиминарен извештај во кој евалуаторите даваат и препораки за усогласување на недостатоците, што општината треба да го реализира во следните 150 дена, а потоа следи конечниот евалуациски извештај. Дали општината ќе се стекне со сертификат, оценка дава верификациона комисија по извршената посета и реализирани разговори со општинската администрација и стопанствениците. Како новина во оваа четврта едиција е и што општините и по добивање на сертификатот, се следат од страна на евалуаторите, односно се реализираат две консултативни и една надзорна посета.
Преку Програмата БФЦ СЕЕ општините ги подобруваат услугите и информираноста на стопанствениците и потенцијалните инвеститори.
Сертификацијата на градови и општини со поволно деловно опкружување (BFC SEE) е единствена програма за подобрување на квалитетна услуги и информации што локалните самоуправи во Југоисточна Европа ги даваат на стопанственици и потенцијални инвеститори. Оваа Програма носи привилегии за сите кои успешно ќе го завршат процесот и ќе ги исполнат условите за да бидат носители на ова престижно признание: 1. Позиционирање на мапа на најповолни инвестициски дестинации во Југоисточна Европа 2. Имиџ на модерна и агилна локална администрација на услуга на граѓаните и стопанството 3. Препознатливост меѓу носителите на одлуки во државата, стопанството и меѓународната заедница 4. Можности за учество во развојни проекти, студиски посети и регионални иницијативи 5. Размена на знаења со најуспешните градови и општини и 6. Членство во БФЦ клуб на лидери на локалниот развој.
Програмата за БФЦ СЕЕ сертификација прерасна во регионална иницијатива на заеднички БФЦ стандард и печат за квалитет на локалните самоуправи во седум земји од регионот: Србија Хрватка, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија и истата во континуитет се надградува. Исто така, таа поттикна 20 институции и организации од овие земји да ја зајакнат регионална соработка и да обезбедат размена на знаења меѓу: ресорните министерства, стопанските комори, здруженијата на општини, развојните агенции, граѓанските организации и универзитетите, општините и градовите, во рамките на платформата „Партнерство за конкурентен регион“ (CORE). Во 2021 година во Србија е формиран е и првиот Клуб на општини и градови со поволно деловно опкружување (БФЦ Клуб) што ги обединува лидерите на локалниот економски развој во оваа земја, а се иницира можност за формирање на вакви клубови и во останатите земји.


