Излезе од печат Гласилото на ЗЕЛС за мај

Во овој број од Гласилото на ЗЕЛС ќе прочитате за значајни активности на Заедницата реализирани во текот на месец мај. Генералното собрание на ЗЕЛС овој месец ја одржа четвртата седница на која делегатите дискутираа за актуелни предизвици од работењето на единиците на локалната самоуправа. Посебно внимание беше посветено на состојбите со територијалните противпожарни единици, односно недоволните финансиски средства што централната власт им ги префрла на општините за спроведување на оваа надлежност. Пред делегатите на Генералното собрание говореше претставник од Министерството за животна средина, што беше договорено на средбата што претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски ја имаше на почетокот на овој месец со министерската Каја Шукова. Делегатите беа запознаени за активностите за реализација на двата заема на државата: едниот наменет за подобрување на општинските услуги и заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 55 милиони евра, наменет за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот (регионални депонии), што беше реализирано. На оваа седница, претседателот на ЗЕЛС, говореше за реализацијата на активностите на ЗЕЛС од минатата година при што на крајот од своето обраќање го потенцираше значењето на единството во ЗЕЛС за постигнување на натамошни успеси во лобирањето на општините пред централната власт. Делегатите го изгласаа Финансискиот  извештај на ЗЕЛС за мината година, како и мерките за поттикнување на ажурно плаќање на членарината кон ЗЕЛС.

Во административната зграда на општина Охрид, Управниот одбор на ЗЕЛС  ја одржа седумнаесеттата седница, а градоначалникот на општината домаќин, Кирил Пецаков, кој воедно е и член на ова тело, им посака добредојде и успешна работа на присутните. На седницата беше избран претставник од ЗЕЛС во АРЛЕМ, постојано собрание кое ги обединува локалните и регионални власти од трите брега на Средоземното Море, а беше изгласана и промена на двајца членови на Комитетот на советите на ЗЕЛС. Утврдените заклучоци за унапредување на состојбите со противпожарните територијални единици беа усвоени од Генералното собрание. На оваа седница беше формирана и работна група за утврдување на предлог-законски решенија за иницијативата за конфискација на нелегално изградени објекти.

Во текот на овој месец ЗЕЛС имаше и други активности, меѓу кои организирањето на обуката за финансиските работници од општините за користење на ЕСПЕО -„Постапки и алатки за внесување на податоци во електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски“. ЗЕЛС, како акредитиран технички секретаријат за нашата земја за програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (БФЦ СЕЕ), на 22 и 23 мај 2023 година, организираше обука за кандидати за БФЦ СЕЕ евалуатори, како подготовка за имплементирање на четвртата едиција од програмата за БФЦ СЕЕ. ЗЕЛС  заедно со  Мисијата на ОБСЕ во нашата земја организираше работилница – „Промовирање на родовите аспекти во работата на единиците на локалната самоуправа“, пред се наменета за новите членови на Лоби групата при ЗЕЛС за родова еднаквост.

 

Гласило на ЗЕЛС мај 2023