Размена на искуства за спроведување на процесот на рационализација на училишната мрежа изнесени на конференцијата - ,,Соодветно користење на училишните ресурси за поквалитетно образование“

-Упатувам благодарност до претставниците од  УНИЦЕФ во нашата земја кои се нафатија на мошне сериозна и обемна работа за обезбедување на нова формула за распределба на средствата на општините, за основното образование. Тоа  беше всушност и долгогодишно барање на ЗЕЛС упатувано до централната власт . Се надевам дека со новата предлог -методологија, конечно ќе се стави крај на една нереална и пред се недоволна распределба на финансиските средства за спроведување на оваа надлежност од страна на општините и дека ќе се примени пообјективна методологија, каде како почетна основа се зема однапред утврдената сума на сите трошоци по ученик. Да бидам искрен, како и во минатото и сега, на Управниот одбор на ЗЕЛС имавме бројни дискусии, каде бевме на работ на донесување на одлука за откажување од оваа надлежност и по цена на уназадување на процесот на децентрализацијата. Затоа можеби оваа нова- предлог формула доаѓа во вистински момент, иако имаме одредени сомнежи во објективноста во пресметувањето на трошоците по ученик, и воопшто не сме задоволни од начинот на кој Министерството за образование и наука ја спроведуваше целата постапка, која беше крајно нетранспарентна, па би рекол и потценувачка за нас, општините.“

Ова, го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на конференцијата ,„Соодветно користење на училишните ресурси за поквалитетно образование“  што се одржа на 6 јули, 2023 година во Скопје, во организација на Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светската банка, а на која беа поканети градоначалници и претставници од општинската администрација. На конференцијата обраќање имаа и министрите во Владата на РСМ за: образование, за финансии и за локална самоуправа, како и претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја и вишиот специјалист за образование од Светската банка во Северна Македонија. Практичари од образовниот систем и експертите од земјите од европската Унија и ОЕЦД (Бугарија, Данска, Естонија, Литванија, Полска, Шведска, Норвешка, Португалија....) споделија искуства и добри практики од реорганизацијата на училишната мрежа во некои од европските земји, а говореа и за чекорите и алатките за спроведување на оптимизацијата. Беа опфатени три панел дискусии:  ,,Оптимално финансирање на оперативните расходи“ каде беше вклучена дискусија за финансирање на потребните инвестиции за оптимизација. Втората тема беше „Обезбедување ефикасно користење на човечките ресурси на училиштата и ефективно учество на заедницата“. На третата тема, на која всушност говореше претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски гласеше -,,Прилагодување на училишната мрежа: Создавање услови за подобро искористување на училишниот простор и подобрување на врските во мрежата“. Експертите во овој дел ги презентираа искуствата од процесите на спојување или проширување на училиштата, обезбедувањето на  превоз и  на соодветна средина за префрлените ученици, а беа посочени и примери  за  пренамената на училишниот простор. 

Потребна голема финансиска поддршка од централната власт за соодветна реализација на целиот процес, став на ЗЕЛС  

Претседателот на ЗЕЛС нагласи дека прашањето на рационализација на  училишната мрежа е сериозно и комплексно прашање, кое  по теоретски пат е многу едноставно за решавање, ама во пракса болно и сложено. –„ Рационализацијата опфаќа многу социјални, географски, демографски па и политички аспекти. ,,Одземањето, укинувањето на  училиштето“, како што најчесто населението во нашите рурални средини ја подразбира рационализацијата, претставува последната капка и тие што досега останале да  ги спакуваат куферите. Од друга страна, свесни сме дека ни се големи трошоците за одржување на таквите училишта и дека учениците добиваат послаб квалитет на  услови и на настава. Тие се на некој начин ,,жртвите“ на оваа состојба. Кога рационализацијата треба да се изведе на терен, тогаш се добива сосема нова перспектива, бидејќи секоја општина, секое подрачје си има свои специфики“, нагласи Ѓорѓиевски, кој потоа говореше за дискусиите што на оваа тема се водени  од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС и  кај општинската администрација а изнесе и дел од  утврдените ставови на ЗЕЛС . - ,,Всушност она за кое по ова прашање успеавме донекаде да имаме консензус во ЗЕЛС  беше дека ни е потребна сериозна поддршка од централната власт овие училишта да ги направиме вистински ,,смарт, училници. Најмалку што треба да се утврди е да се стават во категорија на  ,,заштитено училиште“ или да се обезбедат соодветни средства на друг начин за да  обезбедиме квалитетна настава и поддршка за овие ученици. На тој начин ќе  обезбедиме права на секое дете  да се образува во својата средина. Ни требаат сериозни финансиски средства, но пред се сериозна волја од централната власт, особено што во нејзини раце се капиталните инвестиции. Во однос, пак на рационализацијата на училишната мрежа во урбаните средини, сметаме дека е неминовен последователен чин, кој полека сите општини почнуваме да го спроведуваме“, ’  нагласи  Ѓорѓиевски. 

Постигнувањата на нашите ученици  под просекот на Западен Балкан и на ЕУ 

Овие реформи треба да доведат до подобрување на квалитетот на образованието во нашата земја, што според направените анализи е во постојано опаѓање, односно е  утврдено дека постигнувањата на нашите ученици се под просекот на Западен  Балкан и  на ЕУ. Огромните демографски промени, вклучително и намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што веројатно влијае на резултатите од учењето. Ваквите промени доведоа до неефикасна и неправична распределба на ресурсите. Дополнително, 89% од средствата кои ги добиваат општините за основно образование се за покривање плати на училишниот кадар, што остава недоволно финансиски средства за професионалниот развој, воведување иновативни методи во наставата и учењето, одржување вон наставни активности, спроведување програми за интеграција на децата кои не се редовно вклучени во образовниот процес, одржување на објектите во добра состојба и нивна соодветна опременост.