Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше средба со министерот за финансии, Фатмир Бесими
На 28 септември, 2023 година ЗЕЛС достави Барање до претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери и до сите координатори на пратеничките групи во Собранието на РСМ сериозно да ја разгледаат сложеноста на состојбите поврзани со областа на противпожарната заштита, која преку територијалните противпожарни единици е во надлежност на единиците на локалната самоуправа. Поточно, беше побарано во рамките на собраниската постапка за ребаланс на Буџетот на Републиката, да се заложат за обезбедување на доволно средства за редовно финансирање на оваа надлежност на локалната самоуправа, особено да се предвидат и потребните средства за покачувањето на платите на пожарникарите, што е изоставено во оваа наменска дотација.
Во барањето беше презентирана анализата што ја изработи ЗЕЛС, која ги отсликува состојбите на сериозен недостаток на средства, што преку наменска дотација од Буџетот на Републиката се пренесува на оние општини во кои се основани територијалните противпожарни единици.
По тој повод, а особено што беше забележано дека во новиот ребаланс на буџетот на Републиката не се обезбедени соодветни финансиски средства во наменската дотација за противпожарните служби, делегација на ЗЕЛС, предводена од претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски истиот ден , оствари средба со Министерот за финансии на РСМ, Фатмир Бесими и со заменикот на министерот за финансии, Филип Николоски. На средбата присуствуваше и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на РСМ, Бојан Стојаноски.
Претседателот Ѓорѓиевски ги информираше присутните претставници од централната власт за поднесеното Барање до Собранието на РСМ и за неговата содржина, но при тоа ја нагласи алармантната состојба во општините дека не ќе можат да го исплатат покачувањето на платите на пожарникарите во септември, за 10 % (според последната одлука на Владата на РСМ за покачување на платите на администрацијата) бидејќи за тоа не добиле соодветни средства со наменската дотацијата. Министерот за финансии се согласи со направениот превид и гарантираше дека потребните средства во висина од 30 милиони денари ќе бидат додадени во оваа наменска дотација.
Како што посочија претставниците од ЗЕЛС, овие средства не се доволни за да се апсолвира целиот предизвик, бидејќи поради долгогодишно не обезбедување на согласности за вработување на пожарникари, од страна на Министерството за финансии, општините за голем дел од потребните нови вработувања на пожарникари (да го задоволат законски утврдениот број на пожарникари според број на население и за вработување на местото на оние кои одат во пензија и слично ) исплаќаат средства за нивните плати од општинскиот буџет. Тоа значи дека во септември општините треба да обезбедат дополнителни средства од општинскиот буџет за десет процентното зголемување на платите и на овие пожарникари кои не се опфатени воопшто во наменската дотација. Министерот се сложи да обезбеди дополнителни 30 милиони денари што треба да послужат за исплата на покачувањето и на овие пожарникари. Но претставниците од ЗЕЛС укажаа дека немаат законска основа како да ги земат овие средства од наменската дотација доколку не добијат согласност за вработување на овие кадри.
Беше договорено ЗЕЛС во најкус рок да направи дополнителна анализа на бројот на вработени пожарникари за кои Министерството за финансии издало согласност и на бројот на вработени пожарникари за кои не е дадена согласност досега и истите да се достават до Министерството за финансии. При тоа Министерот за финансии, Фатмир Бесими ги информираше присутните дека од 1 јануари, 2024 година со измените во Законот за буџети, повеќе нема да се даваат согласности за вработување од страна на МФ, туку општините ќе одлучуваат самостојно при вработувањето на нови лица во сите децентрализирани надлежности.