Презентирани наодите од Извештаите од социјалното мапирање во Општина Куманово и Делчево
Како резултат од неколкумесечната работа од спроведеното истражување за социјално мапирање во општините Куманово и Делчево, беа презентирани наодите од Извештаите од социјалното мапирање, како една од компонентите од проектот “Регионална соработка за подобра социјална инклузија“, што го спроведува ЗЕЛС, во соработка со НАЛАС, со финансиска поддршка од ГИЗ.
Во Општина Куманово, на 11 септември, 2024 година, препораките ги презентираше проф. д-р Јадранка Денкова од Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, како претставник од Центар за европска граѓанска иницијатива, кој е партнер за спроведување на социјалното мапирање. Социјалното мапирање на лицата со попреченост и други маргинализирани групи, кое беше извршено во период 2023-2024 година, е спроведено и поддржано од страна на НАЛАС-Мрежа на асоцијации на локалните власти на Југоисточна Европа, ГИЗ- Германско друштво за регионална соработка и ЗЕЛС-Заедница на единиците на локалната самоуправа на РСМ. Целта е да ги утврди потребите на одредени категории граѓани и дефинирање на препораките, кои ќе бидат имплементирани од страна на општина Куманово. На средбата присуствуваа членови на Општински совет за социјална заштита (Здравствен дом, ЈУМ Центар за социјална работа и Центар за вработување, Здружение „Инклузива“, Здружение „Порака Наша“, Општинска организација на Црвен крст, Здружение на слепи лица) и претставници на општинска администрација (Сектор за образование и Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита).
Извештајот за Општина Делчево беше презентиран на 12 септември, 2024 година од страна на проф. д-р Јован Ананиев, професор на Правен факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип и претставник на Центарот за европска граѓанска иницијатива, којашто организација е партнер во спроведување на социјалното мапирање. Oд исклучителна важност за Општина Делчево e интегрирањето на препораките кои се дадени во самиот Извештај, во стратешките документи од областа на социјалната заштита и во делот на проширување на социјалните услуги за ранливите категории граѓани. Начелото Не оставај никој зад себе (LNOB) е централно и трансформативно ветување на Агендата 2030 на ОН која се стреми никој да не остане изоставен во напорите за одржлив развој. Ова подразбира дека властите ќе треба да посветат посебно внимание на потребите на најзагрозените и маргинализирани групи, како и да развијат наменски интервенции за осврнување кон конкретните потреби и предизвици. Економиите од регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се имаат обврзано да ги имплементираат Целите за одржлив развој (ЦОР) на Обединетите нации, додека пак локалните самоуправи ја имаат преземено обврската за остарување на Агендата 2030, почнувајќи од самото утврдување на целите и специфичните цели, па сè до средствата за нивно спроведување и користење на индикатори за мерење и следење на напредокот. Воедно со локализацијата на Агендата 2030 во фокусот на одржливиот развој се најдоа териториите и приоритетите на луѓето кои живеат таму, како и нивните потреби и ресурси. Повеќе од кога и да е претходно, постигнувањето на ЦОР зависи од способноста на локалните самоуправи да поттикнуваат интегриран, инклузивен и одржлив територијален развој. Во таа насока Општина Делчево досега го реализираше процесот на социјално мапирање.
И двете општини веќе отпочнаа со имплементирање на некои од препораките од Извештајот кои се вградени како активности во концептот за обезбедување услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост и советувалишна и советодавно-тераписка работа, чија имплементација е финансиски подржана од проектот.
Извештаите ќе бидат преведени и на англиски јазик и објавени на општинските веб страници, а ќе бидат од голема корист и за останатите чинители од локално и централно ниво кои работат со лицата со попреченост. Вредни податоци кои се родово разделени се претставени во извештаите на општините Куманово и Делчево треба да бидат водилка за развој на нови социјални планови во општините или ревидирање на постоечките. Овие извештаи треба да бидат презентирани и пред членовите на општинските совети за социјална заштита и советот на општината.