Одржана 23 седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во Општина Велес
Дваесет и третата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС се одржа на 12 ноември, 2024 година, во административната зграда на Општина Велес. Поканата беше упатена од страна на градоначалникот на оваа Општина, Марко Колев, што е досегашна практика, седниците на ова тело да се одржуваат во различни општини. Градоначалникот, Колев им поска успешна работа на своите колеги, членови на Управниот одбор на ЗЕЛС и плодна дискусија по актуелните теми утврдени во агендата. На седницата беа поканети и министерката за образование и наука, Весна Јаневска заедно со претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја, Лесли Милер, со кои се дискутираше за потребата од спроведување на оптимизација на училишната мрежа во основното образование, во насока на подобрување на квалитетот на образовниот процес. На седницата беа разгледани и повеќе предлог- документи значајни за работењето на ЗЕЛС за следната година, што ќе бидат изнесени за усвојување на следната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што членовите на Управниот одбор договорија да се одржи на 12 декември, 2024 година, во 12,00 во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Во 10 општини се изработени планови за оптимизација на училишната мрежа во основно образование, следат активности во уште нови 23 општини
Анализите на УНИЦЕФ во нашата земја покажаа дека квалитетот на образованието во РСМ не е на задоволително ниво, односно дека нашите деца одат на училиште 11 години, од кои 3,7 години им се залудно потрошени, бидејќи нивните образовни резултати по 11 години поминати во училишна клупа, во просек се еднакви на 7, 3 години учење. Ваквата состојба е резултат на многу утврдени параметри и бара сериозни промени во програмскиот дел, но и во делот на обезбедување на соодветни услови за спроведување на наставата. Во таа насока, во изминатиот период со поддршка на УНИЦЕФ, со средства од Светска Банка, во нашата земја во 10 општини беа изработени планови за оптимизација на училишната мрежа во основното образование, а по барање на Министерството за образование и наука, во следниот период поддршка во јакнење на капацитетите на општината и изработка на овој документ ќе добијат уште 23 општини. Има многу училишта, каде бројот на децата е минимален и изнесува 3, 5, 7 деца, особено во руралните средини, но има и училишта каде бројот на децата во една паралелка далеку го надминува законскиот минимум. Има училишта каде наставата се одвива во повеќе смени, но и каде има празни училници поради намалениот наталитет и заминувањето на бројни семејства надвор од земјата. Анализите покажаа дека најмногу средства од блок дотациите одат на плата на наставниците, а дека соодносот на наставник -ученик е зголемен во полза на наставниците, односно е утврден вишок од околу 5.000 наставници. Во таа насока од приоритетно значење е секоја општина да изготви план за оптимизација на училишната мрежа во основното образование, но и на наставниот кадар.
Ова беше дел од обраќањето на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, што го изнесе пред членовите на УО на ЗЕЛС, на 23 седница на ова тело. При тоа Јаневска посочи дека МОН ќе се погрижи за спроведување на процесот на ангажирање на вишокот на наставниот кадар со прераспределба во институциите на МОН и во други организации, а од општините побара да направат соодветна оптимизација на училишната мрежа со цел децата да добијат еднакво квалитетни услови за одвивање на наставата. Исто така, Јаневска апелираше до градоначалниците да ја искористат можноста од вториот јавен повик, што Владата на РСМ ќе го упати некаде во месец февруари за грантови за инфраструктурни проекти на општините, приоритет да им дадат на проектите за инфраструктурни зафати во училишта. Таа посочи дека МОН е свесен дека во процесот на оптимизација, освен доградба или пренамена на училишните објекти, и распределба на наставниот кадар, важна компонента е обезбедувањето на квалитетен транспорт на учениците.
Пред присутните се обрати и Лесли Милер, претставничка во нашата земја од УНИЦЕФ, која посочи дека според добиените анализи што ги направиле, неопходно е да се обезбедат еднакви услови за образование на секое дете во нашата земја, обезбедување на нивна целосна социјализација во компетитивна средина, се во насока на подобрување на образовните резултати на децата. Тоа подразбира реформи, оптимизација на училишната мрежа, но и повеќе финансиски средства за оваа област. Милер нагласи дека УНИЦЕФ е ангажиран и околу утврдувањето на соодветни модели за обезбедување на оптимални услови за транспорт на децата, што ќе зависат од географски и други услови во општината. Всушност, УНИЦЕФ пред две години понуди и предлог на нова методологија за распределба на средствата од блок дотациите за основно образование, која се заснова на претходна пресметка на низа трошоци по глава на ученик. Таа покажа дека досегашното финансирање на општините за оваа намена не е соодветно, но според одговорот на министерката за образование и наука, буџетот на државата се уште не дозволува нејзина реална примена. Министерската нагласи дека забележаниот недостаток на средства во блок дотациите од минатата година, во висина од околу 900 милиони денари, веќе е вкалкулиран во Предлог Буџетот за оваа намена за следната година и дека се надева дека општините ќе обезбедат заштеда на значителни финансиски средства по имплементирањето на плановите за спроведувањето на оптимизацијата на училишната мрежа. Од страна на ЗЕЛС беа изнесени конкретни податоци за недостатокот на средства од блок дотациите за образование за секоја општина, односно за дополнителните трошоците што секоја општина ги направила од сопствени средства дополнително на оние што ги добила со блок дотациите за оваа намена.
Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ја поддржаа иницијативата на МОН за оптимизација на мрежа на училиштата за основно образование во општините и изнесоа дополнителни предлози
Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ја поддржаа иницијативата на МОН за оптимизација на мрежа на училиштата за основно образование во општините, при што беа изнесени и одредени предлози во насока на оптимизација и на финансиските средства и на кадровскиот потенцијал. Градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов нагласи дека транспортот на децата е сериозен предизвик за општините па изнесе неколку опции за рационализација на средства за негово поквалитетно спроведување и за стандардизирање на оваа услуга. Тој посочи дека во претстојните мерки на реорганизација во образованието, поекономично би било доколку бесплатниот превоз на учениците се реализира од страна на државата, како една централизирана набавка на квалитетни автобуси или спроведување на единствен тендер од страна на МОН за да се постигне подобра цена и да се избегнат одредени некоректни ситуации кои досега се случуваа од страна на добавувачите. Како втор предлог градоначалникот Ристов ја наведе потребата од иницирање на законски измени за да им се овозможи на општините да спроведуваат тендерски постапки во име на сите основни училишта од општината и да може да формираат заеднички служби за сите основни училишта на територија на општината. Тоа би подразбирало училиштата да се ослободат од обврските за распишување на тендерски постапки; да имаат на располагање правници, сметководители, хаус мајстори и слично кои ќе бидат во рамките на општината; да се врши полесен трансфер на наставниот кадар од училиште во училиште во рамките на една општина и друго. Сето тоа би довело до значително намалување на трошоците и поголема флексибилност во наставниот процес. Беше истакната и потребата за поддршка на општините во обезбедување на поквалитетни ученички домови, каде би се сметувале децата, но и законски да се утврди дека доколку има таков капацитет сместувањето да биде задолжително во нив, за да не се плаќа превоз за истите. Исто така беше предложено целодневниот престој да добие соодветна законска рамка, односно да се официјализира како дел од образовниот процес бидејќи децата на тој начин добиваат квалитетна поддршка во совладување на наставните програми и истовремено се згрижени додека чекаат на превозот за враќање во домот. Ова ќе придонесе и во делот на најавената претстојна рационализацијата на вишокот на наставен кадар.
Министерката се заблагодари на конструктивните предлози и посочи дека во новите предлози за законски измени за основно образование, веќе е предвидено децата првенствено да се сметуваат во ученичките домови, при што предност да имаат оние од најдалечните населени места, за да се намали потребата за плаќање за транспорт на истите.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, ја искористи можноста од присуство на министерката Јаневска да потенцира и уште еден сериозен предизвик за општините, поврзан со високата цена на електричната струја што ја плаќаат за образовните установи, другите општински претпријатија и уличното осветлување. Тој побара поддршка од министерката во насоката на реализирање на поодамна изнесеното барање на ЗЕЛС до Владата на РСМ. Наместо општините да излегуваат на слободен пазар, струјата да ја купуваат од ЕСМ по цена што ќе ја утврди Владата. Тоа ќе овозможи и предвидливост во креирањето на општинските буџети, наместо постојаното пристапување кон ребаланс. Колев изрази сомнеж дека со секојдневното покачување на цента на струјата на слободниот пазар, општините ќе се доведат повторно во финансиски колапс и генерирање на огромни долгови, како што тоа се случи пред неполни две години. Наместо да вложуваат во поквалитетни услуги за своите граѓани, тие ќе плаќаат енормно високи сметки за струја.
Управниот одбор ги разгледа Буџетот, Акцискиот план и Планот за јавни набавки за 2025 година на ЗЕЛС
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, пред присутните членови на Управниот одбор на ЗЕЛС ги презентираше значајните документи за работење на Заедницата, за следната година. Таа посочи дека буџетот на ЗЕЛС за 2025 година е креиран на 31 милон денари, Околу 40% од овие средства се предвидени за одржување и безбедност на податоците од електронските системи : е-дозвола за градба; е- градежно земјиште и е- ствари, што ги одржува ЗЕЛС во име на сите општини во земјава. Во таа насока беа посочени предизвиците околу наплатата на членарината, односно дека за 2024 година околу 53% од општините се уште не извршиле уплата, а има и многу општини- повеќегодишни должнички кон ЗЕЛС по основ на неуплатена членарина. Во таа насока беше изнесен предлог, што би бил дискутиран и на Генерално собрание на ЗЕЛС, за одржување на електронските системи општините да плаќаат по 10 денари, по глава на жител, според број на населени од последниот попис. Тој што нема да ја реализира уплатата за членарина или ќе има неплатени членарини за претходните години, ќе биде обврзан да плати по 20 денари по глава на жител во општината, за користење на електронските системи. Беше нагласено дека Акцискиот план на ЗЕЛС е креиран според стратегиските цели на ЗЕЛС, каде основа е лобирање и застапување на единиците на локална самоуправа во насока на обезбедување на соодветни законски услови за спроведување на општинските надлежности; потоа, одржување на електронските услуги и трето: јакнење на капацитетите на општинската администрација и меѓународна соработка. Беше нагласено дека во текот на следната година ќе се изработува и нов петгодишен Стратегиски план на ЗЕЛС, бидејќи актуелниот завршува заклучно со 2025 година. Пред присутните беше изнесен и Планот за јавни набавки за 2025 година и истиот беше усвоен од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, а беа усвоени и измените на тековниот План за јавни набавки, во делот на создавање на услови за поголема безбедност на архивата на ЗЕЛС, на клауд. Буџетот на ЗЕЛС и Акцискиот план за следната година ќе бидат изнесени на дискусија и усвојување од страна на Генералното собрание на ЗЕЛС на претстојната седница во декември.
Присутните изнесоа различни мислења во делот на предлози за зајакнување на мерките кон општините кои не ја плаќаат редовно членарината. Претседателот на ЗЕЛС изрази воздражаност за воведување на драстични мерки кон општините, изразувајќи верба дека секоја единица на локална власт е свесна за огромното значење на ЗЕЛС за секоја општина. При тоа тој ја искористи можноста да ги информира присутните за тековните разговори што ги имаше со градоначалниците на општините: Карпош и Струмица, по нивните јавно изнесени изјави дека ќе излезат од ЗЕЛС. Се заблагодари на поддршката од одредени градоначалници и уште еднаш повтори дека се залага ЗЕЛС да остане институција каде не важат партиски ставови, туку се работи во интерес на секоја општина, односно во интерес на граѓаните. Во таа насока изрази надеж дека секој градоначалник ќе ја разбреа суштината на ЗЕЛС и дека во иднина нема да се повторуваат вакви испади, но и дека секој ќе смогне сили да го исплати долгот од членарината кон ЗЕЛС. При тоа тој најави дека како поддршка во решавањето на предизвиците што ги имаат овие две општини, по завршувањето на седницата на УО е организирана средба на градоначалникот на Општина Струмица со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во просториите на ЗЕЛС. На средбата ќе присуствува и претседателот на ЗЕЛС,Орце Ѓорѓиевски. При тоа беше најавено дека во следниот период ќе бидат одржани средби и со други министри за одредени прашања, а во тек се разговори со Премиерот на државата, Христијан Мицкоски за одржување на заедничка средба меѓу членовите на УО и министрите од Владата на РСМ.
Изгласан Меморандум за соработка на ЗЕЛС со повеќе министерства за поддршка на Локалните совети за превенција (ЛСП)
На овој состанок беше изгласан и Меморандум за соработка на ЗЕЛС со повеќе министерства, за поддршка на Локалните совети за превенција (ЛСП) со цел за подобрување на стандардот на обезбедување на јавни услуги, зголемена безбедноста на граѓаните, квалитетот на животот и благосостојбата. ЗЕЛС како законски застапник кој постапува во име на општините/градоначалниците членки на ЗЕЛС се обврзува: Да создаде секретаријати на Локалните совет за превенција (ЛСП) со одлука на градоначалник/општински совет; Да воведе унифицирани процедури за општините да можат да креираат ЛСП и начини за регулирање на нивната работа преку структуриран правилник или деловник за работа на ЛПС; Да постави оперативни секретаријати на ЛПС кои ќе се состојат од: административни службеници од општините, од советничките групи на Локалната самоуправа, претставници на жените и младите и претставници од релевантни организации од граѓански сектор и претставници од верските заедници; Да воведе протоколи за работа на седниците на ЛПС, делегирање на одлуките донесени од ЛПС до релевантните тела и субјекти; Да дефинира механизам за следење на одлуките/заклучоците на ЛПС кој ќе резултира со извештај за преземените активности поврзани со овие одлуки/заклучоци; Да земе во предвид обезбедување средства од годишниот буџет на општината кои ќе бидат наменети за функционирање на ЛПС (спроведување на дефинирани програми и утврдени т.е. потребни ад -хок активности и да се обезбеди паричен надоместок, не повеќе од 1500 ден по член за назначените комисии кои ќе работат на ЛПС по доставен извештај за реализација на Локален совет за превенција.
Изнесени повеќе иницијативи за покренување на законски измени
Под точката ,,разно“се дискутираше по повеќе предизвици од спроведување на надлежностите на општините. Претседателот на Комитетот на советите при ЗЕЛС и член на Управниот одбор, Трајко Славески, нагласи дека во следната недела ќе иницира одржување на седница на ова тело во просториите на ЗЕЛС. Тој посочи дека по парламентарните избори, четири члена на ова тело повеќе не се актуелни претседатели на општински совети, односно се заминати на нови функции, за што е потребно да се направи нивна замена. Предлозите потоа треба да бидат изнесени на следната седница на Генерално собрание, на усвојување. Савевски посочи дека една од точките на кои ќе се дискутира ќе биде поврзана со тековниот процес на измени во Законот за локална самоуправа, каде ќе предложи иницијативи за законски измени што ќе одат во насока на јакнење на улогата на претседател на Совет на општината, обезбедување на услови за поголема соработка меѓу градоначалникот и претседателот на Советот, но, исто така, и во насока на давање на поддршка за иницирањето на можноста за смена на градоначалник, преку референдум или на други прецизно утврдени критериуми.
Присутните отворија и дискусија за преземање на соодветни иницијативи за измени во Закон за земјоделско земјиште, донесени на 28 октомври, 2024 година, каде е утврдено дека е изземено досега назначеното дополнување во член 7, со кое се прецизира кој точно треба да биде наведен како член од ЗЕЛС, при формирањето на седумчлената Комисија за распределба на земјоделско земјиште за давање под закуп. Беше наведено дека тоа треба да биде лице од општината на чија територија е земјиштето, или која има мнозински удел во земјиштето што се дава под закуп. Со направените законски измени, ова дообјаснување е изземено, со што може да се толкува дека, како член од ЗЕЛС во Комисијата може да се стави било кое лице од било која општина. Исто така, на седницата беше посочено дека досега општините се ограничуваат и во делот на категоријата на земјоделско земјиште што може да се дава под концесија или закуп за развој на локалната економија. Односно општината тоа може да го направи само доколку земјиштето е со 4 категорија, не и на она од прва, втора или трета категорија, а што не важи и за земјиштето што е во приватна сопственост, каде ова правило не е во примена.
Исто така беше изнесено дека од 4 ноември, 2024 година, Министерот за транспорт и врски ќе ги издава одобренијата за издавање на земјиште за инсталирање на фотоволтаици на државно градежно земјиште. Досега таа можност и беше оставена на општината, таа да одлучува за инвестиција до 10 MW, а со новите законски измени општината може да одлучува само за инвестиција до 1 MW. Општината не се оштетува во делот на префрлањето на средствата од комуналиите, но не може да располага во делот на употребата на државното градежно земјиште и да го планира развојот на локалната економија. Во таа насока беше посочено дека е потребно да се иницира и зголемување на комуналиите за издавање под концесија.
Во процесот на собирање на податоци од Општините, од страна на ЗЕЛС, за недостатокот на средства во блок дотациите за образование, за противпожарна заштита и за градинки, Општина Чешиново –Облешево упати писмено барање до ЗЕЛС за поддршка во делот на решавање на предизвикот со потребни финансиски средства за обезбедување на континуитет на работење и опфаќање на деца во нивните постојни градинки. Писмото беше изнесено на седницата, во кое се наведува дека општината ќе биде принуденa на затворање на објектите и откажување на договорите на дело со дел од персоналот ангажиран во истите, што е на штета на децата и жителите на оваа општина.