Средба на градоначалникот на Струмица со министерот Трипуновски, иницирана од претседателот на ЗЕЛС

Во просториите на административната зграда на ЗЕЛС, на 12 ноември, 2024 година беше одржана средба меѓу министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, што ја иницираше и на која присуствуваше и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. На состанокот присуствуваше и извршниот директор на АД ,,Водостопанство на РСМ“ , Филип Филиповски .  Оваа средба се одржа како резултат на ветувањето на претседателот на ЗЕЛС дека ќе обезбеди медијација во изнаоѓањето на начини за решавање на одредени предизвици со кои се соочува населението во оваа општина, а кои  градоначалникот Костадинов неодамна ги посочи во јавноста како причина за напуштање на членството на оваа општина од ЗЕЛС.

На средбата беше  договорено да се формира Комисија во која ќе има претставници од повеќе научни институции што ќе ја следат фактичката состојба на браната Турија,  но и ќе ги утврди причините за неодамнешното појавување на манган во водата. Исто така, беше договорено долгот што го има Општина Струмица кон АД ,, Водостопанство“ да биде сервисиран согласно утврдената динамика, а АД ,, Водостопанство “ да ги извршува сервисирањата и услугите од своја надлежност. Се дискутираше и за состојбите околу квалитетот на водата за пиење, што според надлежните институции во моментов е исправна. 

Претседателот на ЗЕЛС   нагласи дека  во ЗЕЛС не смее да се дозволи поделба по ниту еден основ. Дека поддршката меѓу општините и градоначалниците треба да продолжи во насока на јакнење на локалната власт и обезбедување на реформи за подобрување на услови за спроведување на префрлените надлежности, во интерес на сите граѓани. Ѓорѓиевски изрази задоволство за променетиот став на градоначалникот Костадинов за натамошно одржување на единството во ЗЕЛС, нагласувајќи дека само преку разговор може да решаваат предизвиците.