Средба на претставници од ЗЕЛС со министерот за транспорт

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадинов, заедно со вршителот на должност градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митевски и секретарот на општината Чаир, Фарук Невзади имаа средба со заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски. На средбата што се одржа во административната зграда на ЗЕЛС, на 15 ноември, 2024 година се дискутираше за изнаоѓање на решенија за бројни предизвици со кои се соочуваат единиците на локална самоуправа во спроведување на своите надлежности од оваа област, а акцент беше ставен и на последните измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и на иницијативите за измени во Закон за експропријација. Претседателот на ЗЕЛС, изрази голема благодарност за подадената рака за соработка од страна на министерот Николоски во насока на  изнаоѓање на взаемно прифатливи решенија за двете страни, на што возврати и министерот,  Николоски, кој нагласи дека секогаш ќе биде отворен за дијалог и изнаоѓање на решенија во интерес на граѓаните.

На средбата беше договорено дека во најбрз рок ќе се формира тим од претставници од општините, предводени од вршителот на должност градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митевски како и претставници од Министерството за транспорт. Тие ќе работат на прецизирање на  предлог –измените на одредени одредби од Законот за експропријација, во насока да се обезбедат услови за непречена реализација на бројни инфраструктурни зафати. Со тоа треба да се надмине моменталната состојба на градење на многу  булевари, мостови, патишта и на други градби започнати од пред многу години, кои досега се уште не се завршени, токму поради бројни предизвици  настанати во процесот на експропријацијата.

Беше нагласено дека за општините од особено значење се измените во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, што беа иницирани од ЗЕЛС, а со кои се овозможи надминување на уште еден реален застој во напорите општините да обезбедат инфраструктурни објекти од јавен карактер. Поточно, со измените се овозможува на земјиште што е во целосна сопственост на државата или во целосна сопственост на општината да се поедностави постапката за градење, односно да се овозможи да не се наплаќаат комуналии при изградбата на градинки, училишта, катни гаражи и други објекти од јавен интерес. Ова во голема мера ќе помогне и за поголема реализација на проектите  за кои општините добија  грант  од државата, од кредитот од Унгарската Влада. Беше посочено дека следниот повик за општините од 250 милиони евра, за изградба на инфраструктурни зафати, ќе биде објавен некаде на почетокот на следната година.

На средбата министерот Николоски, прифати да одржи средба со градоначалникот на Општина Карпош за изнаоѓање на решенија околу одредени предизвици со кои се соочуваа оваа општина и заради кои градоначалникот, Стевче Јакимовски изрази јавна иницијатива за напуштање на ЗЕЛС. Терминот на средбата ќе биде прецизиран за следната недела. Со тоа претседателот на ЗЕЛС го одржа ветувањето дека ја презема улогата на модератор во овој процес, а во насока на одржување на единството во ЗЕЛС . 

Присутните се договорија дека  ќе се пристапи кон изнаоѓање на соодветно  решение во Законот за градежно земјиште за одредено постапување на ЗЕЛС во  рамките на електронските постапки. Беше побарана по примерот на Законот за градење, со посебна одредба да се даде основ и во Законот за градежно земјиште, со која ќе се даде право на Министерот, со правилник да го уреди начинот и околностите кога на ЗЕЛС, како администратор му е допуштено да постапи по поединечно барање за интервенција во електронските системи, по доставено барање од општината. Ова е од причина што ЗЕЛС има единствено својство на администратор со информациските системи, заради воспоставување, тековно одржување и нивна надградба. Односно не е орган во постапката, што често создава дилема кај странките кои се обраќаат до ЗЕЛС, а ЗЕЛС потоа му се обраќање на Министерството за транспорт.

Министерот беше информиран и за честите барања од општините упатени до ЗЕЛС за потребата на нивната општинска администрација да се стекне со лиценца за управување со постапка за градежно неизградено земјиште во сопственост на државата. Ова  овластување се добива со проследување на обука и потоа полагање на испит, за чие спроведување услови обезбедува Министерството за транспорт и врски. Министерот информираше дека постапката  е во тек и дека наскоро ќе биде обезбеден потребниот државен испитен центар, каде кандидатите кои  проследиле обука, ќе имаат можност да  го полагаат испитот за стекнување со потребното овластување. 

Министерот Николоски ја искористи средбата со цел да пренесе информации до општините поврзана со издавањето на одобренијата за поставување на фотоволтаици. Посочи дека во претходниот период не била направена соодветна проценка колку можностите на енергетската мрежа, односно колку таа може да издржи со дополнувањата од  струјата добиена од фотоволтаиците. Тој нагласи дека во моментов во системот има вишок  на струја и се работи на изнаоѓање на начини како да се надмина оваа состојба. Најави и дека многу скоро  ќе излезе пред јавноста со прецизно утврдени  податоци и насоки  за натамошно постапување, а се со цел објективно да се информираат заинтересирани инвеститори за да може тие објективно да ги согледаат состојбите од инвестирањето. Николоски посочи дека како решенија се разгледуваат и можностите за инвестирање во батериски системи за складирање на вишокот на електрична енергија, бидејќи во овој период можностите за извоз на  оваа струја не се добри на пазарот во соседството, кое исто така се соочува со слична состојба како и во нашата земја. Во таа насока беше посочено дека во следен период, министерот ќе го запре потпишувањето на вакви согласностите за инвестиции во фотоволтаици и апелираше претпазливост да имаат и општините при издавањето на согласностите до 1 MW за да не им се наштетат на инвеститорите. Вакви инсталации беше посочено дека засега се најцелисходно да прават за училишта, јавни објекти, пречистителни станици и слично и тоа да е во рамките на задоволување на нивните сопствени потреби. 

По завршувањето на дискусијата, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт, Александар Николоски дадоа изјави пред медиумите, во просториите на ЗЕЛС.