„Кон оддржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“ - конференција за децентрализација и локално управување.

„Кон оддржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“ е темата на годинашната конференција за децентрализација и локално управување, што во организација на Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации- УНДП се одржа на 10 декември, 2024 година во Скопје. Во присуство на градоначалници, општински советници, претставници од централната власт, од невладиниот сектор и експерти се дискутираше за состојбите, предизвиците, а пред се за идните заложби за развој на децентрализацијата на власта.  Во името на општините, пред присутните се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, а свое обраќање имаше и Претседателот  на Влада на РСМ, Христијан Мицкоски; Министер за локална самоуправа, Златко Перински; Амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Вероник Улман; Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, како и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан. На панел дискусиите се дебатираше на повеќе области меѓу кои иницирањето на реформи во Законот за локална самоуправа;  дигитализација на локалните услуги, општинскиот развоен индекс, интегрираното стратешко планирање на национално и локално ниво. Беа презентирани и резултатите од спроведените истражувања, како: Годишниот извештај за финансирање на општините:  Анализа за спроведување на општинските надлежности и Истражување за задоволството на граѓаните од локалните услуги.

- „Посакувам да имаме повеќе вакви или слични конференции посветени на локалната самоуправа, каде сите чинители во земјата ќе дискутираме како да ја  унапредиме децентрализацијата и да ги реализираме сите потребни услуги за граѓаните, квалитетно и непречено. Познати ви се Систематизираните ставови на ЗЕЛС, важен документ на општините во кој секоја година единиците на локална самоуправа, ги утврдуваат приоритетните заложби. Се фокусираме на утврдување на решенија со кои излегуваме пред централната власт. Меѓу нашите приоритети се:  подобрување на финансиската стабилност на општините и  обезбедување на повеќе електронски услуги за граѓаните. За среќа оваа Влада ја разбра суштината на нашите предизвици и барања и веднаш и даде приоритет на локалната власт. Подадена рака добивме уште на самиот почеток  од мандатот, со обезбедување на финансиски за реализација на проекти за инфраструктура. Целта е заедничка и единствена- подобрување на условите за живот на граѓаните“. 

Ова во своето обраќање го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој нагласи дека финансиската стабилност и обезбедување на поголема доверба во општините самостојно да управуваат со префрлените средства од блок дотациите се  најважните заложби на единиците на локалната самоуправа. При тоа, тој нагласи дека општините секогаш имаат разбирање за одредени финансиски состојби во земјата, но дека не се откажуваат од барањата што поскоро да се реализира прераспределба на буџетскиот колач од кој  општините би добивале најмалку 10 % од средствата од ДДВ и 50% од персоналниот данок. Ѓорѓиевски посочи и на потребата од реформи и во методологиите за финансирање на противпожарната заштита; за културата; за социјална заштита, а побара и поитно имплементирање на веќе изготвената методологија за средствата од основно образование.  Посочи дека и многу општини, активно пристапиле  кон ревидирање на своите бази на податоци на имот, што претставува сериозен извор на средства за општините и не смее да се дозволи во иднина општините по овој основ да собираат минимални средства, а при тоа да бараат дотации од државата или да имаат долгови. 

Во делот на  дигитализацијата на услугите, претседателот на ЗЕЛС, кажа дека општините веќе 12 години имаат одлични искуства од електронските услуги што ги добиваат од ЗЕЛС, за дозвол за градба; градежно земјиште и продажба на движни и недвижни ствари и дека  е штета што досега  ЗЕЛС не успеа да добие поддршка за реализација на  барањето за електронско плаќање на данокот. Сепак и во овој  дел, од Владата  има најави за обезбедување и на оваа електронска услуга за општините. 

-„ Сведоци сме дека Владата ги прифаќа приоритетите на ЗЕЛС и веќе започна со подготовките за промени на Законот за локална самоуправа, особено во делот што го иницираше ЗЕЛС за воведување на можност за преиспитување на одговорноста на градоначалникот и постапка за негово сменување. Сите велат, па самите на себе си ставате јамка. И тоа е точно. Но ние сме единствени во ставот дека оној градоначалник кој не сака да работи, не смее да има мандат. Граѓаните во иднина не треба да ги трпат последиците од неспособноста на такви градоначалници“, рече Ѓорѓиевски и додаде дека во приоритетите на ЗЕЛС што се прифатен и од Владата е и барањето за воведување на општинска комунална полиција. – „ЗЕЛС веќе има изработено и доставено до Владата и соодветните министерства, одредена верзија на предлог текст за изработување на нов Закон за комунална полиција. Сметаме на наша поголема вклученост при изработката на конечниот Предлог –Закон“, нагласи претседателот на ЗЕЛС.   

Пред присутните се обрати и Претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски,  кој нагласи дека локалната самоуправа е  еден од најважните столбови на демократијата и дека е снова врз која се гради развојот на секоја заедница и мост кој ги поврзува граѓаните со државните институции. Визија на Владата е да изгради  локална самоуправа која ќе биде вистински партнер на секој граѓанин. – „ Предлог период општините беа предмет на политички пазар, а цената ја плаќаа граѓаните. Морам да кажам дека тоа станува минато. Ќе вложиме напори да ја зајакнеме улогата на локалната власт и реформите во оваа област се наш приоритет. Имаме доста работа, но предизвик е да обезбедиме целосна транспарентност, отчетност и еднаков пристап до сите ресурси. Преку партнерство и заеднички напори, без разлика на политички, етнички или географски разлики ќе вложиме напори за силни и успешни општини кои ќе бидат гордост за нашата држава“, нагласи Мицкоски во своето обраќање.

И министерот за локална самоуправа, Златко Перински говореше за приоритетите во законските реформи и нагласи дека се започнати првите чекори на анализа на постојниот Закон за локална самоуправа, по што ќе следат и дебати за  утврдување на соодветни  предлог- решенија. Тој ја спомена и поддршката на општините за инфраструктурни објекти  и најави формирање на Ресурсен центар, со задача да им обезбеди поддршка на општините, особено при изработка на проектна документација за инфраструктируни и други проекти. При тоа ги посочи можностите за искористување на средства од ИПА фондовите за прекугранична соработка и за регионален развој, се во насока на обезбедување на европски стандарди на живот за нашите граѓани. 

Присутните амбасадори нагласија дека поддршката на локалната власт за јакнење на транспарентно и отчетно владеење; учество на граѓаните во донесување на одлуки од локално значење; јакнење на општинските совети; поддршка во стратешко планирање ; заштита на животната средина и управување со отпадот; дигитализација; родова еднаквост ; социјална заштита  и друго ќе продолжи и понатаму. Се со цел квалитетно имплементирање на сите законски решенија за достигнување на европските стандарди но и реализација на неодамна донесената Националната развојна стратегија.  

Во дискусијата посветена на реформи на локалната самоуправа -промени за поефикасни, одговорни и отчетни локални власти, свои ставови изнесоа и потпретседателот на ЗЕЛС; Перо Костадинов, потоа градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски како и претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска. Сите тројца нагласија дека децентрализацијата на власт во земјата треба да се продлабочи, но дека при тоа треба да се следи Европската повелба за локална самоуправа.  Локалната власт е најнепосредна до граѓаните, најдобро може да се справува со нивните потреби, но дека треба поголема доверба во неа и обезбедување на соодветни  финансиски средства за општините. На темата -,,Интегрирано стратешко планирање на национално и локално ниво“, од името на општините, говореше потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Гани, како и секретарот на Општина Кавадарци, Тодор Ефремов.