Општина Гостивар домаќин на настанот за презентирање на процесот на оптимизација на училишната мрежа на кој говореше потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу

-„Оптимизацијата на училишната мрежа во основното образование не е само административен процес туку значаен чекор кон создавање подобри услови за учениците, наставниците и целата заедница. Во таа насока и Управниот одбор на ЗЕЛС, на последната седница, даде поддршка на овој процес на изработка на планови за оптимизација, што ќе придонесе не само за подобрување на инфраструктурата или на финансиското планирање, туку има за цел да им помогне на општините да преминат во подобар систем на управување и да го зголемат пристапот до квалитетно образование за сите подеднакво.“

Ова го истакна потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу на настанот што се одржа на 11 декември, 2024 година во организација на ЗЕЛС, Министерството за образование и наука и на УНИЦЕФ. По првата средба одржана на 2 декември, 2024 година во Општина Штип, домаќин на овој настан беше Општина Гостивар. Поканети беа градоначалници од општините: Врапчиште, Дебар, Долнени, Јегуновце, Охрид, Пласница, Ресен, Теарце и Гостивар.  На средбата присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска,  претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја, Лесли Милер, претставници од Бирото за развој на образованието и секретари на општините, како и раководителите и советници за образование и за финансии. На средбата беа изнесени конкретни информации за предвидените активности, и беше одговорено на сите прашања во врска со процесот.

Настанот го отвори градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, кој нагласи дека е голема честа што неговата општина е домаќин на еден ваква средба  а особено изрази задоволство што според изборот на МОН, во новите 23 општини е вклучена и неговата општина  – „ Тоа е многу сериозен и макотрпен процес за спроведување, но на крајот бенефитот ќе биде голем за сите, особено за децата, потоа и за родителите, за наставниците и за општината“, рече Валбон Лимани градоначалник на Општина Гостивар.  

Потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу посочи дека веќе има позитивни резултати од имплементација на плановите за оптимизација на училишната мрежа, што беа донесени во првите десет 10 општини, но дека очекува тоа да се случи и во новите 23 општини. Ганиу нагласи дека оптимизацијата е тесно поврзана и со  имплементирањето на новата –предлог формула за распределба на средствата од блок дотациите за основно образование, чија примена се очекува што поскоро и при тоа апелираше до сите градоначалници сериозно да ја искористат оваа можност и да создадат успешен модел што ќе го користат и во иднина.  Од голема важност, според Ганиу е и воспоставување на успешна соработка меѓу МОН, Бирото за развој на образованието, училиштата, родителите, децата и општината.- „ Само со заедничка соработка може да се гради основа за одржлива иднина за младите генерации“, истакна на крајот од своето обраќање потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу.