Иницирање на значајни реформи за јакнење на локалната самоуправа, заклучено на седмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС
-„ Денес ќе дискутираме за заложбите на ЗЕЛС на кои ќе се посветиме следната година. Од особена важност е што ни претстои изработка на нов Стратегиски план на ЗЕЛС за 2026-2030 година, во кој ќе ја преточиме нашата визија за посакуваните реформи во локалната власт и за лобирање за законски одредби што ќе обезбедат вистинска децентрализација на власта, проследена со соодветно финансирање. Треба да се залагаме за стекнување на поголема доверба, како кај граѓаните, така и пред централната власт, дека можеме самостојно, економично и квалитетно да управуваме со средствата што ни се префрлаат, но и да обезбедиме нивно зголемување. Веќе добивме две актуелни, конкретни шанси да го докажеме тоа. Едната е актуелниот предизвик за успешната реализација на средствата добиени од Владата за проектите за инфраструктурни зафати. Апелирам да го дадеме максимумот, не само за нивно ефикасно спроведување, туку да се зафатиме и со подготовка на нови, корисни проекти за нашите граѓани, со кои, според најавите, повторно треба да аплицираме некаде на почеток на следната година. Да ги искористиме овие средства до последен денар и на нашите граѓани да им обезбедиме услови за подобар живот. Вториот предизвик е во областа на надлежностите во образованието, во делот на подготовката на планови за оптимизација на училишната мрежа. Имаме одврзани раце да направиме планови што ќе го содржат најдоброто за учениците, за наставниците, за родителите и истовремено ќе обезбедат заштеда на средства за општината. Тоа ќе биде од голема важност за нас, особено заради воведувањето на новата- предлог формула за блок дотациите за основно образование, каде распределбата ќе се врши според утврдена цена на чинење на образованието, по ученик“,
Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на седмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 12 декември, 2024 година, во Скопје. Генералното собрание на ЗЕЛС е највисокото тело во Заедницата и има вкупно 90 делегати, сите градоначалници во земјава и девет члена на Комитетот на советите при ЗЕЛС, тело при ЗЕЛС составено од општински советници. На оваа седница делегатите дискутираа за Буџетот на ЗЕЛС за 2025 година и за Акцискиот план на ЗЕЛС за следната година, каде активностите се поделени според трите стратегиски цели на Заедницата. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, во презентирањето на овие два документа посочи дека првата и најважната цел е успешно лобирање пред централната власт за децентрализација на власта, каде посебни заложби ќе бидат посветени на децентрализација на услуги од социјалната заштита. ЗЕЛС веќе спроведува анализа за состојбите во центрите за социјална заштита и можностите за нивно префрлање на локалната власт. Заложбите на ЗЕЛС се за секоја децентрализирана надлежност да се префрлат и соодветни средства за нејзино успешно спроведување, што е впрочем утврдено и во Европската повелба за локална самоуправа. Има повеќе барања во насока на: изработка на нови методологии за распределба на средствата од блок дотациите; решавање на предизвиците со финансирањето на единиците на противпожарната заштита; итна имплементација на новата предлог –формулата за распределба на средства за основно образование и друго. Перишиќ нагласи дека и подготовката на новата Стратегија на ЗЕЛС 2026-2030 година повторно ќе оди во оваа насока, но дека за реализирање на целите за работа на органите и телата на ЗЕЛС и за спроведување на домашна и меѓународна соработка, одржувањето на електронските системи и организирање на обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација потребно е и редовно и целосно плаќање на членарината кон ЗЕЛС, што е основен пригод на Заедницата.
Во излагањето на претседателот на ЗЕЛС, пред делегатите на Собранието, беше нагласена и лобирањето за донесување на Закон за општинска комунална полиција , барање што е доставено до Владата заедно со предлог текст на Закон. Исто така , во насока на обезбедување на нови електронски услуги за граѓаните приоритет за ЗЕЛС е одржување на постојните, но и обезбедувањето на електронски систем за наплата на данокот на имот. Оваа заложба ЗЕЛС ја покрена уште пред пет години, за што поддршка доби од актуелната Влада. Впрочем, единиците на локална самоуправа поддршката од актуелната Влада добија уште на почетокот од нејзиниот мандат, што според претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, дава сериозна надеж дека во текот на следниот период ќе се обезбеди соодветен дијалог меѓу централната и локалната власт за покренување на значајни и потребни реформи во процесот на децентрализацијата и јакнење на општините во земјата. Тој нагласи дека веќе започна процес на анализа на Законот за локана самоуправа, што го иницираше ЗЕЛС, во делот на законски промени за преиспитување на одговорноста и утврдување на постапка за смена на градоначалник. Исто така, Ѓорѓиевски ги потенцира и веќе спроведените промени во Законот за Градење, со кои се поедностави постапката за градење на земјиштето што е во целосна сопственост на државата или во целосна сопственост на општината, односно се обезбеди да не наплаќаат комуналии при изградбата на градинки, училишта, катни гаражи и други објекти од јавен интерес. Договорено е и започнување на консултации за пристапување кон изнаоѓање на решенија за измени во Законот за експропријација со цел надминување на состојбите на недовршени градби на булевари, мостови и патишта, токму поради предизвици настанати во делот на експропријацијата на земјиштето. За активностите од областа на урбанизмот претседателот на ЗЕЛС упати искрена благодарност до градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
-„Секој треба да биде свесен за значењето на ЗЕЛС за развој на локалната власт. Единството во ЗЕЛС е нашето најмоќно средство за напредок на локалната власт, “нагласи Ѓорѓиевски и додаде дека тоа подразбира и одговорност за редовно плаќање на членарината кон ЗЕЛС . Секоја општина добива еднакви придобивки од ЗЕЛС, и не смее да се дозволи некој редовно да ја исполнува својата обврска, а некој да постапува спротивно. Во таа насока Управниот одбор донесе предлог – иницијатива за плаќање надомест за користење на информациските системи со кои управува ЗЕЛС.
Прифатена предлог - иницијатива за надомест за одржување на информациските системи со кои управува ЗЕЛС
Управниот одбор на последната ,23 седница донесе предлог, единиците на локалната самоуправа, основачи и членови на ЗЕЛС да плаќаат надомест за користење на информациските системи со кои управува ЗЕЛС, заради нивно тековно одржување, надградување, нивна стабилност, безбедност и чување на податоците во електронски облик. Висината на надоместокот изнесува 20 денари, по број на жители утврден на последниот попис на населението и се плаќа еднаш во годината врз основа на издадена фактура (со пресметан ДДВ )во месец март во тековната година.
Општината која ја платила годишната членарина кон ЗЕЛС и нема заостанат долг за претходни години, годишниот надоместокот за користење на информациските системи ќе го плати намален за 50% од утврдената сума според бројот на жители на општината. Овој надомест не може да се плаќа на рати, ниту со склучување на посебен договор или спогодба.
Доколку општината не го плати надоместокот за користење на информациските системи, ќе има делумно ограничен пристап во системот ,,е-градежно земјиште“ на начин што нема да може да врши објави и да спроведува постапки за отуѓување на градежно земјиште по пат на електронско јавно наддавање, сопственост на Републиката. При вакви околности, на истиот систем, општината ќе може непречено и без никакви ограничувања да ги спроведува останатите постапки утврдени со Законот за градежно земјиште. ЗЕЛС нема да го ограничи пристапот на нити едно правно или физичко лице кое има статус на барател, согласно Закон, по било кој основ.
Избрани нови членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС
На седницата беше разгледана и одлуката за избор на нови членови во Комитетот на совети при ЗЕЛС. Четворица претседатели на советите од општините: Велес, Кисела Вода, Охрид и Тетово, по парламентарните избори заминаа на нови функции во централната и законодавната власт. Беше предложено номинацијата да биде од истите општини, односно нови членови на Комитетот на советите на ЗЕЛС да бидат лицата што се сега на истите позиции, односно претседатели на советите на овие општини. Од Општина Велес-Даниел Јаневски; од Општина Охрид-Перчо Божиновски; од Општина Кисела Вода -Светлана Колариќ и од Општина Тетово - Наим Исмаили .
Изнесени низа актуелни предизвици на општините
Под точката „разно“ меѓу изнесените актуелни предизвици на локалната власт говореше претседателот на Совет на Град Скопје и претседател на Комитет на советите при ЗЕЛС, Трајко Славески. Тој нагласи дека во рамките на покренатата иницијатива од ЗЕЛС за измени во Законот на локалната самоуправа, треба да се учествува и со иницијативи кои се однесуваат и на работата на општинските совети; дефинирање на бројни постапки каде е неопходна соработка на градоначалникот Советот, обезбедување на посебна администрација која ќе биде посветена исклучиво на Советот и слично. Во таа насока, освен за иницијативите за утврдување на можност за отповикување на мандатот на градоначалник, да се размисли, по примерот на повеќе држави, изборот на градоначалник да се врши од страна на Советот.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски , пак посочи на предизвиците што ги имаа десетте општини со градот Скопје , особено во делот на преземање на крупни капитални инвестиции и целосно искористување на средствата од Владата за инфраструктурни зафати. Во таа насока беше договорено следната недела градоначалниците од скопските општини да одржат заедничка средба на која ќе биде повикана и градоначалничката на Град Скопје со цел надминување на овие предизвици. На крајот од седницата претседателот на ЗЕЛС, им посака на делегатите успешна 2025 година.