Управување со води, комунална полиција, отпад и заштита на воздух како теми на тридневен настан на ЗЕЛС во Гевгелија

Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС одржа тридневен настан во Гевгелија, во кој беа вклучени работилница за 11 пилот општини за подготовка на локален интегриран план за управување со вода за пиење и одведување на отпадни води, на којшто му претходеа состанокот на Работната група за води, и втората седница на Комисијата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС составена од седум членови-градоначалници на општините: Кочани, Новаци, Сопиште, Теарце, Виница, Македонска Каменица и Липково. 

Комисијата  дискутираше на клучни теми од интерес за општините, вклучувајќи ја и правната рамка со која се уредуваат водните ресурси, односно за Законот за води, Законот за консумирање на вода од страна на човекот и одведување на отпадните води, како и за Законот за комунални дејности. Во дискусијата по правните интервенции во овие закони, беа интегрирани и ставовите на АДКОМ, заради што на седницата беше присутен и Раско Чочков, претседател на АДКОМ, и директор на Јавното комунално претпријатие на Гевгелија. Интензивна дискусија имаше по иницијативата за предлог на закон за комунална полиција, со што членовите на Комисијата се согласија дека е неопходен, но со претходна анализа на обемот на надлежности што би ги имала и влијанието на други поврзани позитивни закони норми. Основните начела на кои би се базирала комуналната полиција би требало да биде превентива и заштита на граѓаните во врска со надлежностите на локалните власти. За постигнување на посакуваниот ефект на постоењето на комуналната полиција, Комисијата предложи казнениот процес да има автоматизирано софтверско решение кое би било интегрирано во ЗЕЛС, и да функционира на концепт сличен на веќе постоечките електронски системи за градежно земјите, градежни дозволи и е-ствари. Во делот на спроведување на мерките за намалување на загадување на воздухот, Комисијата го разгледа предлог законот за оџачарска дејност кој треба да придонесе за намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 честичките, што во зимскиот период се во големи концентрации поради начинот на греење на индивидуалните домаќинства. Предлог законот обезбедува: контрола на емисиите од домаќинствата, подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, формирање нови образовни паралелки, отворање нови работни места, развој на занаетчиство, исполнување на законски обврски за спроведување на мерки согласно Акцискиот план донесен од Владата, целосно контрола од страна на локалните власти, и финансиски придобивки за локалната самоуправа.

Комисијата даде поддршка на забелешките доставени од ЗЕЛС до Министерството за животната средина и просторно планирање, а се однесуваат на предлог текстот на Националната стратегија за управување со отпад 2024-2036.

Работната група за води како дел од Мрежата за животна средина и комунални дејности на ЗЕЛС, изработи матрица на иницијативи за измени и дополнувања по три клучни закони: за води, за вода за пиење и одведување на отпадни води и за комунални дејности, и истите ги претстави пред Комисијата. Предлозите на Работната група, во соработка со АДКОМ, во следниот период ќе бидат доработени и допрецизирани во еден систематизиран акт, којшто до средината на следната година треба да биде финализиран и подготвен за натамошни правни постапки заради усвојување од страна на Парламентот.  Целта на работата на оваа група е да ги детектира правните предизвици поврзани со управувањето со водните ресурси од страна на општините и да предложи неопходни иницијативи за подобрување на постојната законска рамка. Групата се фокусира на идентификување на недоследности во сегашните регулативи и развивање на сеопфатни решенија кои ја подобруваат регулаторната средина за безбедна вода за пиење и ефикасно управување со отпадните води. Намерата е да се обезбеди законските регулативи да ги задоволат потребите на општините, јавните комунални претпријатија и граѓаните кои се потпираат на овие основни услуги. 

Работната група за води се состои од членови со стручна експертиза, заради што  се вклучени и во спроведувањето на обуки на претставниците од 11-те пилот општини и јавни комунални претпријатија, кои преку серија активности за градење на капацитети треба да подготват сопствен локален интегриран план за управување со водите. На првата работилница, учесниците од пилот општините и ЈКП—та се запознаа со основите на  принципите, начинот и содржината што ќе биде вклучена во плановите со цел подобрување на локалните практики за управување со водите.

Учесниците беа вклучени во детално истражување на структурите за планирање, идентификација на релевантни индикатори и развој на акциски активности. На работилницата беа акцентирани актуелните состојби и во однос на водоводниот систем и на системот за отпадни води во општините. Клучниот фокус беше на поттикнување интерактивни и интегрирани практики за управување кои ги вклучуваат и локалните власти и јавните претпријатија.

Пилот општините и нивните ЈКП-а, беа избрани по претходно јавен повик за аплицирање, објавен и спроведен од ЗЕЛС. Силниот одговор добиен од општините го нагласува значењето на оваа иницијатива. По повикот спроведен во текот на септември и октомври годинава, за учество во RCDN+ програмата се пријавија 46 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој извонреден интерес ја истакнува посветеноста за соработка помеѓу ЗЕЛС и општините-членки. Пилот општините кои беа селектирани за учество во програмата се: Берово, Македонски Брод, Чучер-Сандево, Арачиново, Илинден, Радовиш, Ресен, Пробиштип, Струмица, Битола, Гази Баба и Прилеп. 

Преглед-анализа на тековната состојба во овие општини и ЈКП-а, врз основа на податоците од пополнетиот Прашалник, презентира Горан Ангелов, консултант на ГИЗ, во рамки на RCDN+ Програмата. 

Овие настани се дел од поширока иницијатива насочена кон зајакнување на капацитетите на ЗЕЛС и имплементација на локален интегриран систем за управување со водите.

RCDN програмата (Регионалната мрежа за развој на капацитети), има за цел јакнење и интензивирање на соработка меѓу асоцијациите, заедничко водење политички дијалог и застапување на интересите на своите членки, и понуда на висококвалитетни услуги за развој на капацитети. RCDN програмата е финансиски поддржана од швајцарската SECO и германското Министерство за соработка и развој.