Работна средба на ЗЕЛС и министерката за финансии
Согласно заклучокот на Управниот одбор на ЗЕЛС донесен на последната седница, за реализација на итна средба со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, делегација во состав на градоначалниците на општите Валандово, Куманово, Теарце, Штип и претседателот на советот на Град Скопje на 14.04.2025, одржаа средба во просториите на министерството за финансии.
Целта на состанокот беше дискусија и итно изнаоѓање на решение за проблемот со тешката финансиска состојба на јавните претпријатија, основани од општините.
Еден од поголемите проблеми со кој се соочуваат Јавните претпријатија во општинска надлежност, а со самото тоа и општините, се големите долгови кон УЈП, Управата за јавни приходи, настанати заради неисплата на данокот на додадена вредност и секако огромните камати, кои неколкупати го надминуваат основниот долг.
Јавните претпријатија имаат големи долгови и ограничени можности за спроведување на последната законска обврска за зголемување на платите, и побараа од министерката изнаоѓање на решение за овој проблем. Голем дел од нив работат со блокирани средства како резултат на висок износ на долгови кои во голем дел се наталожени со последната здравствена и енергетска криза.
Се предложи прво да се изнајде решение за отпис на големите износи на камати кои ЈКП ги имаат кон УЈП, но и други доверители за да може непречено да функционираат и испорачуваат услуги кон граѓаните.
За да може да се изнајде најсоодветно решение прво е потребно да се направи анализа на износот, описот, и временската рамка на настанување на долгот истиот да се спореди со податоците со кои располага Министерството и потоа ќе се предложи најоптимално решение. ЗЕЛС ќе ги обезбеди овие податоци и на наредната средба која ќе биде реализирана крај на април или почеток на мај месец, кога и ќе се предложи можно решение на овој проблем.
На состанокот беше отворен и проблемот со различната висина на платите на ниво на различни општини, односно исти звања и иста одговорност и обврски, платата во една општина изнесува речиси за една третина повисока од соседната. Овие отстапувања мора да се надминат преку донесување на прописи со кои платата на службениците ќе биде идентична и во сите општини.
Пред министерката беше повторна отворен проблемот на општините во однос на финансирање на територијалните противпожарни единици. Сeгашните средства што се добиваат од централната власт ниту приближно не ги покриваат реалните трошоци кои ги имаат општините со оваа надлежност. Ова го потврди и неодамнешната анализа на ЗЕЛС. Министерката, во однос на ова прашање рече дека ќе направи напори со ресорното министерство за одбрана да се изнајде решение и во целост се испочитува законската обврска. ЗЕЛС и понатаму инсистира на почитување на Европската повелба за локална самоуправа, и тоа секоја надлежност да биде прoпратена со соодветен износ на средства за финансирање.
На Министерката и е објаснет и проблемот на средствата кои општините ги добиваат од ЈПДП а се наменети за одржување на патната инфраструктура, како и еден од ревизорските извештаи, кои укажуваат на средства исплатени надвор од Закон. Исто така го спомнавме и Законот за јавни патишта и неговата измена во 2008 година, со кој значително се намалија средствата наменети за општините, заради отфрлање на делот од акцизата на горива, во делот кој треба да се додели на општините.
