Средба на претседателството на ЗЕЛС со првиот заменик претседател на Владата на РСМ и министер за животна средина и просторно планирање

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу,  на 17 април, 2025 година, во просториите на Заедницата, имаа работна средба со првиот заменик претседател на Владата на РСМ и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. На средбата присуствуваа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.  Присутните отворија повеќе теми  за дискусија  кои се однесува  на  области од животната средина, меѓу кои и за ефикасната реализација на објавениот конкурс за финансирање на проекти од областа на животната средина  за 2025 година, но особен акцент беше ставен и на надминување на значајни предизвици од работењето на единиците на локална самоуправа и натамошен развој  на децентрализацијата  на власта.

Претседателот на ЗЕЛС изрази благодарност  за поддршката што актуелната Влада и министрите им ја даваат на општините, а посебно се заблагодари на заменик претседателот  на Владата, Изет Меџити, кој како поранешен градоначалник  најмногу  ги разбира предизвиците на општините и на тој начин може да даде и најсоодветен придонес за нивно  успешно надминување.

„Неопходно е приоритетно надминување на предизвиците на општините во делот на финансирањето на противпожарната заштита, градинките и образованието. ЗЕЛС досега во повеќе наврати ги презентираше резултатите од направените анализи во овие области, кои потврдуваат дека општините трошат значителни средства од своите буџети за да ги надополнат недостатоците од блок дотациите за оваа намена.  Обезбедувањето на поголема финансиска стабилност на општините треба да биде заеднички приоритет на Владата и локалната власт во следниот период “. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на средбата и посочи дека  ЗЕЛС очекува поддршка од министерот Меџити  за што побрзо реализирање на барањето на ЗЕЛС за воведување на општинска комунална полиција, како нова надлежност на општините.  Од страна на ЗЕЛС, на состанокот беше побарана поддршка за спроведување на законски интервенции за воведување на електронски систем за наплата на данок на имот, долгогодишно барање на ЗЕЛС, но и обезбедување на бесплатно префрлање на податоците за оваа намена од Агенцијата за катастар на општините.

На состанокот присутните дискутираа и за други теми, особено во делот на  предизвиците во урбанизмот  од аспект на  обезбедување на почист воздух  и заштита на животната средина. Во таа насока се говореше за преземање на системски решенија во однос на деталните урбанистички планови, сообраќајни решенија,  гасификацијата и слично.

Првиот заменик претседател на Владата на РСМ и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити нагласи дека еден од најважните приоритети на Владата на РСМ е развој на децентрализацијата на власт,  финансиска поддршка на општините и  утврдување на системски решенија за  развој на општините.

„Многу добро ги познавам предизвиците на локалната власт и затоа секогаш сум подготвен да поддржам добри идеи, а особено сум поборник за реализирање на системски пристап во надминување на предизвиците. Општините се нашите најважни сојузници на терен. Тие најдобро ги познаваат локалните проблеми и потреби, и затоа сакаме директно да ги поддржиме со средства за решавање на тие предизвици“, нагласи министерот Меџити  и ја посочи поддршката со 200 милиони денари за општините за реализација на проекти во делот на изградба на нова или подобрување на постојната канализациона и водоводна инфраструктура, што е  во согласност со  Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година.  Општините имаат уште  десетина дена,  односно до 29 април, 2025 година тие  може да конкурираат со проекти во овие две области. Беше посочено дека аплицирањето е поедноставено, преку јасно дефинирани формулари, достапни во електронска верзија на веб страната  на Министерството за животна средина и просторно планирање. При тоа беше нагласено да е потребно во апликацијата да се приложи комплетната документација, односно  во зависност од апликацијата  да се достави и одобрение за градење,  физибилити студија  за проектот  и други потребни документи.