Во рамките на Кластерот за учење, развиени се шест концепти за воспоставување на интегрирани услуги за грижа на заедницата
Што направивме за развој на услуги за грижа во нашите општини? Што научивме во кластерот за учење и колку е важна размената на искуства? Со кои предизвици се соочивме при развивањето на концептите за нови услуги за грижа на ранливите групи и како ги надминавме? Ова беа прашањата на кои се дискутираше на третиот настан од ,,Кластерот за учење“, што се реализираше на 28 април, 2025 година, во Скопје, во рамките на проектот “Регионална соработка за подобра социјална инклузија“. Проектот се имплементира преку ЗЕЛС, а со поддршка на НАЛАС и ГИЗ. Во овој Кластер, од нашата земја учествуваат претставници од општините: Куманово, Делчево, Тетово, Кочани, Прилеп, Арачиново, Свети Николе, Валандово и Новаци заедно со нивните партнери - давателите на услуги во општината.

По дискусиите учесниците се согласија дека од неколкуте фази од процесот на развивањето на концептите за услуги, од особена важност е социјалното мапирање, за што се дадени конкретни насоки. Исто така, како предизвик при реализацијата на првичната идеја беше посочено и исполнувањето на условите утврдени во Правилникот за воспоставување на социјални услуги, особено во делот на обезбедување на соодветен простор и услови. Предизвик за општината е и детектирањето на партнер од невладиниот сектор, но и вклучување на бизнис секторот, како и обезбедувањето на координација на останатите чинители во процесот за воспоставување на услугите (Центар за социјална работа, Завод за социјална дејност, Министерство за социјала политика, демографија и млади, Министерство за економија). Присутните заклучија дека Кластер за учење, како форма на јакнење на капацитетите е многу полезна за општините и дека понатаму треба да се развива во насока на обезбедување на регионална размена на искуства во воспоставувањето на социјални услуги. Беше посочена потребата и за активирање на Регионалните совети за социјална заштита, по примерот на Општина Куманово и со општините од овој регион. Присутните нагласија дека треба да се посвети внимание и на зголемување на бројот на вработени во одделенијата за социјална заштита во општините, но и да се обезбедуваат повеќе финансиски средства за социјална заштита. Сите изразија потреба дека оваа област треба што поскоро да биде децентрализирана, односно целосно да премине во надлежност на општините.
На оваа средба беа дискутирани сите досегашни активности, реализирани во изминатите 12 месеци, во рамките на овој Кластер. Направен е избор од пријавените општини на повикот објавен од ЗЕЛС и избор на ресурсно лице; организирана е обука за воспоставување на услуги на грижа на заедницата и за утврдување на рамката на организирање на кластерот во кој учествуваа осумте општини и шесте даватели на услуги. Потоа следуваше период на развој на концептите со менторска поддршка од ресурсното лице, при што беа изработени шест концепти од општините: Делчево, Куманово, Прилеп, Кочани, Тетово и Свети Николе. Овие концепти беа претставени на вториот настан на Кластерот за учење. Од Проектот беше обезбедена и финансиска поддршка за концептите од Делчево и Куманово кои се во завршна фаза на имплементација, а останатите општини изработија свој концепти што ќе послужи за аплицирање на одредени повици. Впрочем, општините: Кочани, Прилеп и Тетово аплицираа на повикот на Министерство за социјална политика, демографија и млади за поддршка на проекти за нови социјални услуги во општините и беа одбрани, што е додадена вредност на проектот. Концептите се однесуваа на услуга на дневен престој, услуга на професионална рехабилитација и услуга помош и нега во домот.
На крајот од средбата присутните се согласија дека е потребно да се продолжи со оваа форма на јакнење на капацитети преку ЗЕЛС, да се искористат сите методологии и алатки што се развија во рамките на проектот и да се промовираат добри практики, како поттик за приклучување на други општини Кластерот за учење.


