Одржување на итна средба на ЗЕЛС со Владата на РСМ за справување со предизвиците од енергетската криза- еден од заклучоците на втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

 

Рефлектирањето на влијанието на енергетската криза и врз работењето на единиците на локалната власт беше темата на која членовите на  Управниот  одбор на ЗЕЛС дискутираа на втората седница,  што се одржа на 10 јануари, 2022 година, преку платформата ЗООМ . Присутните ги изнесоа предизвиците со кои се соочуваат општините  поради повеќекратното зголемување на трошоците за надоместок на електрична енергија што тие ја плаќаат и еднократното раскинување на договорите од страна на лиценцираните компании. Тоа предизвикува сериозно нарушување на развојната компонента на локалната власт а, истовремено многу општини ќе доведе во состојба на неликвидност. По утврдените заклучоци беше договорено ЗЕЛС веднаш да достави писмо до Владата на РСМ за обезбедување на итна средба меѓу претставници од ЗЕЛС и од Владата на РСМ на која ќе се дискутира за заклучоците на ЗЕЛС што произлегоа од оваа средба и за преземање на соодветни итни мерки за поддршка на општините.

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, на почетокот на седницата го нагласи предизвикот со кој се соочуваат поголем број на ЕЛС заради едностраното раскинување на склучените договори од страна на лиценцираните компании за испорака на електрична енергија. Со тоа општините се принудени да одат на слободниот пазар,  каде цената веќе не е гарантирана и достигнува многу високи вредности. Според нејзините сознанија, не само Град Скопје туку и  голем број  други општини во периодот од октомври-ноември минатата година се соочени со екстремен раст на сметките за струја и тоа  како за уличното осветлување, така и на сметките на институциите што се во надлежност на ЕЛС, особено на јавните претпријатија и на училиштата. Овие информации беа потврдени и од страна на присутните градоначалниците кои ги споредија трошоците за електрична енергија што ги плаќале во истиот период од 2020 година со оние од месеците октомври, ноември и декември, минатата година, каде бројките покажуваа дури и петкратно зголемување. Претседателката на ЗЕЛС  посочи и на реакциите од страна на јавните комунални претпријатија, упатено до ЗЕЛС преку нивното здружение АДКОМ, во кои укажуваат на кризата со која се соочуваат, каде алармираат и за настанување на можни сериозни прекини во обезбедувањето на водните услуги (поради работење на водните пумпи на електрична енергија), доколку дојде до исклучување на струјата поради  неподмирени сметки за електрична енергија.

Потпретседателот на ЗЕЛС Висар Ганиу, посочи и на верижните реакции на сите полиња, предизвикани поради зголемувањето на цената на енергенсите, што доведува до колапс на некои компании кои даваат услуги за работењето на институциите на општината. Тој посочи на  предизвиците со кои се соочува неговата општина околу обезбедувањето на парното греење за граѓаните. Предизвиците со кои се соочуваат но, и конкретни предлози за нивно разрешување изнесе и потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадинов, како и градоначалниците на општините: Ѓорче Петров, Охрид, Радовиш, Велес, Македонски брод, Струмица, Куманово и Центар. Беше нагласено дека доколку не се обезбеди одредена поддршка од централната власт, помалите општини, кои не обезбедуваат значителни средства од сопствени извори во Буџетот (од комуналии за градба; од продажба на градежно неизградено земјиште; данок на имот и каде дотациите за училиштата се сведуваат на број на ученици а тој број е многу низок), брзо ќе се соочат со неликвидност и стечај. Како дополнување на сето ова беше и забелешката од градоначалникот на општина Куманово кој нагласи дека неговата општина и општината Струмица стравуваат и од одржувањето на рентабилност на работењето на комуналните претпријатија за дистрибуција за гас.

Присутните нагласија дека освен со зголемени трошоци за струја, во овој период голем број општини се соочуваат и со трошоци за исплаќање на средства за надомест за извршени услуги за реализација на локалните избори. Според ваквата несоодветна законска обврска за општините, каде дополнително и цената е утврдена од страна на ДИК, одредени општини, а особено помалите, кои имаат  поголема територија, за оваа намена треба да платат дури  20% од средствата  со кои располага нивниот Буџет.

По дискусијата и изнесените бројни предлози, Управниот одбор на ЗЕЛС утврди повеќе заклучоци каде присутните беа едногласни дека е потребна итна интервенција и преземање на одредени субвенционирања на ЕЛС од страна на централната власт, поради драстичното зголемување на трошоците на општините за надомест на електрична енергија, дури и за пет пати поголемо во однос на периодот пред кризата. Во спротивно општините не ќе можат да ги извршуваат и најосновните услуги за своите граѓани а некои ќе станат неликвидни и ќе треба да прогласат стечај.

 Во таа насока беше утврдено  ЗЕЛС веднаш да испрати писмо со барање за итна средба со Владата на РСМ, на која ќе присуствува раководството на ЗЕЛС, како и други членови кои сакаат да учествуваат во овие разговори. Владата да преземе итни интервентни мерки за спас на општините од енергетската криза и за спречување на  негативни последици по нивното натамошно работење. Поконкретно беше посочено Владата да ги преземе трошоците на општините за потрошувачката на електрична енергија до ниво  на трошоци што ги имале општините во периодот пред кризата. Процентот на ДДВ на  гасот од 18 % да се намали на 5%. Училиштата да не ја плаќаат електричната струја по индустриска тарифа, туку по тарифа како домаќинствата, бидејќи тие не се профитни организации. Владата да ги финансира проектите што ќе ги изработат општините за поставување на фотоволтаици  на  училиштата и на друга територија во општината. При тоа да се преговара со ЕВН да им обезбедат на општините соодветен број на приклучни точки.