Заедница на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија - ЗЕЛС
Процесите на реализација на Уставно загарантираните демократски принципи и развојот на локалната самоуправа како темелна вредност на Уставот на Република Северна Македонија, претставува предизвик за што поголема заложба во создавањето на амбиент за реализација на вредностите издигнати на степен на националнен консензус. Со усвојувањето на Уставните амандмани за измена на Уставот се отвори дополнителен простор за процесите на децентрализација. Никој не можеше да предвиди дека тоа ќе има толку големо влијание врз развивањето на свеста на луѓето за значењето на локалните вредности, како на идивидуално, така и на национално ниво. Тоа се потврди како израз на најширок национален консензус околу основните постулати за обврска на Републиката да го почитува остврувањето на правата на граѓанинот на сите степени.
ЗЕЛС, како своевиден центар во кој се координираат активностите за подобрување на работењето на единиците на локаланта самоуправа, со цел што посуштинска реализација на стремежите и заложбите за подигнувањето на квалитетот на демократското остварување на процесите од локален карактер, има огромно значење.
Денес, бројни инцијативи и активности секојдневно се реализираат со голема динамика, одразувајќи ја полната подготвеност за соочување со предизвиците. Овие процеси на реализација на Уставно загарантираните демократски принципи, се претопија во тесна соработка помеѓу Централната и локалната власт, што резултираше со усвојување оперативна програма за децентрализација на власта и потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија, изразувајќи притоа, целосен респект кон вредностите утврдени во Европската повелба за локална самоуправа.
Меморандумот за соработка претставува голем чекор кон воспоставување на основата на идната правна рамка за реализација на тенденциите за децентрализација во духот на демократските процеси, а оперативната програма за децентрализација на Владата на Република Северна Македонија претставува базичен документ за бројните и интензивни активности кои во овој период се случуваат во нашата земја на ова поле.
ЗЕЛС е непрофитна организација и единствена национална асоцијација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Таа е основана на 26 април, 1972 година, датум, што во Статутот на ЗЕЛС е прогласен за Ден на општинитe.
ЗЕЛС, ги обединува сите 80 општини во Република Северна Македонија и Градот Скопје како нејзини членки. За реализација на целите кои недвојбено се единствени, ЗЕЛС пронајде механизми за активно вклучување на сите интелектуални и технички капацитети на општините формирајќи посебни комисии кои ги опфаќаат сите сфери на децентрализацијата.
За ефикасно функционирање, согласно Статутот, ЗЕЛС ги има следните органи:
- Генерално собрание, составено од 90 делегати (81 градоначалници и 9 членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС)
- Управен одбор, составен од 22 членови (19 градоначалници и 3 членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС)
- Надзорен одбор, составен од 6 членови (5 градоначалници и 1 член од Комитетот на советите при ЗЕЛС)
- Комитет на советите, составен од 9 члена
Поддршка на работата на овие тела дава администрацијата на ЗЕЛС, со 17 вработени. Во текот на процесите на соработка, ЗЕЛС состави широка листа на експерти од различни области кои по потреба би се ангажирале за давање на свои експертски мислења.
ЗЕЛС дејствува и на меѓународно ниво. Таа е членка на: ЦЛРАЕ - Конгрес на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, ЦЕМР - Конгрес на европските општини и региони, НАЛАС-Мрежата на националните асоцијации на локални власти од земјите во Југоисточна Европа, АЛДА-Асоцијација на агенции за локална демократија и на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската унија.
ЗЕЛС придонесува за развојот на локалната демократија и успешното спроведување на децентрализацијата на власта и дава активен придонес во напорите и залагањата на нашата земја за влез во Европската унија и во НАТО. Поткрепа на ова е фактот што во извештаите на Советот на Европа, за напредокот на нашата земја, активностите на ЗЕЛС се претставени како исклучително важни за развојот на процесот на децентрализацијата во земјата.
ЗЕЛС беше во фокусот на интересот и во периодот на градењето на регулативата за децентрализација на власта, но и сега во процесот на имплементирање на бројните надлежности на општините. Кратката историја на сложената децентрализација уште на почеток го покажа тешкиот пат што треба да се изоди за да се досегне титулата европска општина или општина по мерка на граѓаните. Почетокот на соочувањето со овој процес, неминовно исфрли на површина многу проблеми, голема неизвесност и неподготвеност во спроведувањето на децентрализацијата. Нови надлежности, недоволно обучена администрација, скудна финансиска поткрепа за реализација на добиените одговорности, наследени долгови, се само дел од жешкиот костен што го прифатија општините. На тој пат, ЗЕЛС успеа постепено да ги амортизира тешкотиите за надминување на проблемите преку бројни активности, со што постигнува бројнии успеси на ова поле.
ЗЕЛС денес, одлучното ги застапува интересите на единиците на локалната самоуправа пред централната власт. Претставници на ЗЕЛС остваруваат средби со Премиерот и со министрите од Владата, со претседателот на Собранието на РСМ, каде се изнесуваат ставовите на локалните власти за сите значајни прашања и предизвици, при што истовремено се нудат и конкретни иницијативи и решенија. ЗЕЛС успеа да отвори нова димензија во застапувањата на поволни законски решенија за општините, преку иницијативата за формирање на парламентарна Комисија за локална самоуправа во Собранието на РСМ.
ЗЕЛС ќе продолжи со зацртаните цели за афирмација на локалните демократски вредности, продлабочувајќи ја веќе воспоставената соработка со бројни субјекти и ќе биде предводник во решавањето на актуелните прашањата од значење за општините и во иднина. Пред нас претстојат предизвици кои се значајни за продолжување на демократскиот амбиент во кој се одвиваа процесите на локално ниво, особено потребната дополнителна енергија и посветеност во процесите на евроинтеграцијата. ЗЕЛС задржувајќи ја традицијата на работа врз принципите на деполитизираност, рамноправност на членките, лојалност, политичка независност, а работејќи професионално и по европски стандарди ќе придонесува во развојот на демократско општество со силна локална самоуправа во Република Северна Македонија.