Поддршката од Владата е неопходна за излез на општините од енергетската криза, став на Управниот одбор на ЗЕЛС
Итна средба за конечно изнаоѓање на заеднички решенија за справување со предизвиците на општините произлезени од енергетската криза, меѓу сите членови на Управниот одбор на ЗЕЛС со претставници од Владата на РСМ, предводени од Премиерот на државата. Ова беше еден од заклучоците што Управниот одбор на ЗЕЛС ги донесе на својата четврта седница, што се одржа во административната зграда на ЗЕЛС, на 15 февруари, 2022 година. На седницата стана збор и за други актуелни прашања со кои се соочуваат локалните власти, особено во делот на изнаоѓање на соодветни можности за зголемувањето на наплатата на данок на имот, како и предизвици што произлегуваат со неодамна донесените измени на дел од правилниците поврзани со продажба на градежно неизградено земјиште.
По упатени две писмени барања од страна на ЗЕЛС до Владата на РСМ кои содржеа конкретни предлози за начинот на поддршката што ја бараат општините за излез од предизвиците со кои се соочуваат при справувањето со енергетската криза, како и по организирање на взаемна средба на дел од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС со четири министри од Владата на оваа тема, досега ЗЕЛС не доби никаков одговор од Владата на РСМ, ниту пак беа посочени некои прифатливи решенија од доставените предлози.
Присутните укажаа дека повеќекратното зголемување на трошоците за надоместок на електрична енергија, споредено со истиот период од минатата година и еднократното раскинување на договорите од страна на лиценцираните компании, се повеќе ги ,,буткаат,, општините во сериозно нарушување на развојната компонента на локалната власт а, многу општини и до состојба на неликвидност. Присутните посочија дека во овој момент, поддршката од Владата на РСМ е единственото можно решение општините да не бидат доведени во колапс, што е резултат на довеќедецениското потценување на локалната власт и постојаното нејзино држење во финансиска зависност од централната власт. Членовите на УО на ЗЕЛС посочија дека оваа криза претставува само уште еден показател дека општините располагаат со минимални финансиски средства за спроведување на своите надлежности и развивање на квалитетни услуги и дека следниот чекор задолжително треба да се насочи кон сериозно редефинирање на системот на финансирањето на единиците на локалната самоуправа. Беа посочени повеќе примери на драстично поголема финансиска независност што ја имаат општините од земјите од регионот и пошироко, што ни од далеку не може да се достигне ниту со сега утврдените предлог -решенија на Законот за финансирање на ЕЛС, што се во собраниска процедура. Само со обезбедување на најмалку 10 % од ДДВ и најмалку 50% од персоналниот данок во полза на општините, како и со префрлање на средствата за капиталните инвестиции во образованието и другите области од централно на локално ниво, може општините да се доведат до одредено ниво на финансиска самостојност. Досегашните законски решенија се дизајнирани во насока локалната власт да е во постојана ,,потчинетост“, од централната.
По обемната дискусија беше донесен заклучок да се организира итна средба со Премиерот на државата и релевантните министри на која ќе присуствуваат сите членови на Управниот одбор на ЗЕЛС и на која ќе бидат презентирани конкретни податоци за фискалните импликации што ги имаат општините од високите сметки за електрична енергија. Во таа насока стручната служба на ЗЕЛС во рок од три дена треба да ги обезбеди овие податоци од секоја општина поединечно.
Во делот на можностите за обезбедување на повеќе средства од сопствените приходи, поконкретно од данокот на имот, претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска ги информираше присутните дека на вчерашната телевизиска дебата со Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции,, Фатмир Битиќи, добила јавно ветување дека во најкус можен рок, Агенцијата за катастар на недвижности ќе им ги префрли податоците за имот на сите општини од нивните граѓани. Врз основа на овие податоци, секоја општина може да направи споредба со сопствените и со тоа ќе може да го зголеми бројот на даночни решенија што треба да ги издаде до крајот на месец март. Се отвори и прашањето за примената на актуелната методологија за утврдување на основицата за оданочување на имотот. Беше заклучено ЗЕЛС да достави писмено барање до Заменик на Претседателот на Владата, Бетиќи, во кое ќе го потсети за што поскоро реализирање на ова јавно изнесено ветување.
На седницата беше посочено дека неодамна донесените измени од страна на Министерството за транспорт и врски, на одредени правилници кои се однесуваат на условите за продажбата на неизградено градежно земјиште, неповолно ќе влијаат на единиците на локалната самоуправа. Во таа насока беше заклучено да се формира тим од стручни лица од оваа област од повеќе општини кои прецизно ќе ги разгледаат правилниците и ќе понудат соодветни предлог-решенија, кои ќе бидат разгледани од Управниот одбор на ЗЕЛС и кои ќе претставуваат натамошна основа за релевантни преговори и барања до Министерството за транспорт и врски.
На сеница беа избрани и 11 членови и 11 нивни заменици во делегацијата на ЗЕЛС во Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија. Исто так, со претходна доставено писмо за интерес, од страна на ЗЕЛС, до сите рурални општини и со примена на принципот, „прв пријавен – прв избран“ беа утврдени и претставници од ЗЕЛС во Комитет за следење на ИПАРД програмата и во Совет за земјоделство и рурален развој. Изборот за членови во овие три тела, беше одложено од претходната седница.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, ги информираше присутните дека оваа година, на 26 Април, ЗЕЛС ќе слави јубилеј од 50 години постоење. Во таа насока, пред Управниот одбор на ЗЕЛС беа изнесени повеќе предлози за начинот на организирање и спроведување на одредени активностите за одбележување на овој значаен ден на ЗЕЛС и на сите општини во државата.