Излезе од печат новиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Гласилото на ЗЕЛС за месец март излезе од печат и е доставено до сите советници и градоначалници од единиците на локалната самоуправа. Во него се обезбедени информации од активностите на ЗЕЛС меѓу кои има и поопширна информација од состанокот што се одржа на 30 март, 2022 година меѓу претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС со членови од Владата на РСМ, предводени од премиерот Димитар Ковачевски. Оваа средба се одржа на иницијатива на Управниот одбор на ЗЕЛС, доставена уште на почетокот на годината, кога до Владата беа испратени и конкретни предлог-решенија од ЗЕЛС за поддршка на општините за надминување на негативните последици што енергетската криза континуирано ги предизвикува врз работењето на единиците на локалната власт. На состанокот беше договорено разговорите да продолжат по обезбедувањето на конкретни податоци од општините за реалната потрошувачка на електрична енергија за сите институции во надлежност на локалните власти, вклучително и за уличното осветлување, како и утврдување на висината на цената по 1 KW, што секоја општина ја постигнала во договорот за снабдување на овој енергенс.
Ова барање беше реафирмирано на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС што се одржа на 9 март 2022 година. На истата седница, членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираа и ги усвоија СИСТЕМАТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ на ЗЕЛС, приоритетните цели за натамошно подобрување на процесот на децентрализација во земјата и унапредување на квалитетот на услугите што се во надлежност на единиците на локалната самоуправа.
Во почетокот на март, на иницијатива на овластените градежни инспектори од општините, ЗЕЛС организираше работна средба со претставници од релевантните државни институции од оваа област на која посебно внимание беше посветено на потребата за усогласување на Законот за градење со Законот за општа управна постапка, недостигот од градежни инспектори и на потребата за обезбедување на поголема планска документација за секоја општина.
Комитетот на советите при ЗЕЛС, во текот на март одржа средба во административната зграда на ЗЕЛС и отвори повеќе дилеми за функционирањето на општинските совети. Во овој период, деветнаесет градоначалници потпишаа договори со Министерството за локална самоуправа за кофинансирање на проекти со средства од Европската Унија, меѓу кои и оние за прекугранична соработка со Република Албанија. Во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија за 2021 ‒ 2027 година, на крајот на март, во градот Сандански, беше одржана работна средба меѓу македонските и бугарските општини од пограничниот регион на која беа обновени или создадени нови партнерства за реализација на заедничките проекти.
