Високите сметките на електрична енергија ги „буткаат“ општините во целосен колапс
Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа седмата седница на 30 мај, 2022 година во административната зграда на ЗЕЛС. Акцентот беше ставен на последните состојби поврзани со енергетската криза и следните чекори кои треба општините да ги преземат за да не се доведат во дефинитивен колапс поради исплаќањето на екстремно високите сметки за електрична енергија. Трошоците на општините за потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, за училиштата, за градинките и за другите институции во надлежност на општините продолжуваат да растат. Двете средби на претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС со ресорните министри од Владата, од кои на втората беше присутен и Премиерот, Ковачевски, се уште не дадоа никакви резултати. Поточно, Владата на РСМ и после пет месеци не одговори на барањата на ЗЕЛС дадени во доставените предлог мерки за излез од кризата на општините, што ги понуди ЗЕЛС. До министерството за економија ЗЕЛС ги достави и бараните податоци за потрошени киловат часови електрична енергија на општините, за секој месец во 2021 година, со цел ова министерство да излезе со конкретен сет на мерки за нивна поддршка, но од таму досега нема никаков одговор, а општините се оставени и понатаму сами да се снаоѓаат со настанатата криза.
Напротив, во последниве денови, во неколку прилози на медиумите, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, тенденциозно го нарушува угледот на општините, посочувајќи дека за најавеното покачување на цената на електрична енергија за граѓаните виновни се општините. Посебно заради случаите на неколку општини кои, заради остварување на заштеди, прават парцијални рестрикции на уличното осветлување. Некои од нив донеле одлуки на советите на општината за пренесување на целосното одржување на уличното осветлување на ЈКП-ата, кои согласно закон ја набавуваат електричната енергија од регулираниот пазар. Овој чекор на општините е направен заради тоа што со веќе спроведените јавни набавки цената која се постигнува е енормно висока. Истиот чекор веќе се спремаат да го преземат и други општини, но од ЕВН се одбиваат овие барања, иако нема никакви законски пречки на овој начин општините да ја пребродат кризата.
По дискусијата по ова прашање произлегоа повеќе заклучоци од Управниот одбор на ЗЕЛС, меѓу кои најитно да се комплетира целиот список на податоци од секоја општина за потрошената количина и за висината на сметките за електричната енергија; да се побара итна средба на претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС со високи претставници од ЕВН; и потоа да се свика прес-конференција за медиумите на која преку бројки и конкретни податоци ќе се информира јавноста и ќе се демантираат обвинувањата упатени кон општините.
Исто така беше договорено ЗЕЛС да упати прашалник до општините дали со сегашните средства што тие ги добиваат од блок дотации за образование, за градинките и за противпожарните служби се во можност да ги покријат сите трошоци за спроведување на овие надлежности и дали можеби размислуваат за враќање на оваа надлежност. Беше посочено општините дополнително да се произнесат дали имаат доволен број на вработени во детските градинките и дали добиваат согласност за нивно вработување од МТСП, како и дали имаат доволен број на пожарникари, (во согласност со законските одредби).
Управниот одбор на ЗЕЛС го усвои предлогот на Општина Гази Баба за иницирање на измени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, во делот на постапката за избор на изработувач на урбанистичките планови и урбанистичките проекти и истата да се достави до Министерството за транспорт и врски. Исто така, членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ја поддржаа и иницијативата за реактивирање на барањето за разгледување на доставените СИСТЕМАТИЗИРАНИ СТАВОВИ на ЗЕЛС со Владата на РСМ, што беа доставени ред два месеца, но и за неопходноста од обновување на Меморандум за соработка со Владата, бидејќи постојниот е потпишан уште во 2003 година. Причините се сериозни, блок дотациите не ги следат реалните трошоци за спроведување на надлежностите од страна на општините. Измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се уште се во собраниска процедура, односно повеќе и од осум месеци. Во општините не се завршуваат целосното проектите за капитални инвестиции во градинките, училиштата, недостасуваат средства за покривање на трошоците за плати на пожарникарите и одржување на опремата. Присутните дискутираа доколку ваквите состојби продолжат, единиците на локалната власт ќе бидат доведени во целосен колапс, особено помалите општини, бидејќи во ваква кризни состојби не можат да се обезбедат ниту средствата од сопствените приходи, па беше посочена и можноста на разгледување на прашањето за враќање на дел од надлежностите, назад на менаџирање на централната власт.