ЗЕЛС дискутираше со сите релевантни фактори за разрешување на предизвикот на општините за наплатата на јавното осветлување

 

Во административната зграда на ЗЕЛС, на  01 август, 2022 година делегираните претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС: градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов и градоначалникот на  Општина Центар, Горан Герасимовски се сретнаа со претставници од Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, Марко Беслимовски и со претставници од ЕВН. На средбата се дискутираше за изнаоѓање на најадекватно решение околу утврдување на цената на наплатата на потрошувачката на  јавното осветлување, што беше предизвикана со промените на  тарифниот систем, донесен на 30 јуни, 2022 година од  Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги. Оваа такса , во име на општините ја собира ЕВН, преку сметките за електрична енергија.

Имајќи ја предвид, екстремно високата цена на електричната енергија како на слободниот пазар, но и онаа од регулираниот пазар што од 01 јули, 2022 година е повисока, општините ќе бидат максимално оштетени, односно ќе  собираат многу помалку средства за оваа намена, од онаа што треба да ја платат. Во тој случај општините се повеќе се доведуваат во состојба да не можат квалитетно, или воопшто да ја спроведуваат услугата кон граѓаните за улично осветлување.

По исцрпната дискусија како заклучок од средбата произлегоа две барања :

1.            Владата или Министерството за финансии да испратат допис до ЕВН, со кој ќе ги известат дека согласно наведените промени во тарифниот систем, донесено од РКЕ и согласно дописот од ЗЕЛС, цената која треба да ја наплатуваат на име јавно осветлување треба да биде средната цена од цената за мали потрошувачи, сè до премена на Законот за комунални такси.

2.            Министерството за финансии да пристапи кон итна промена на Законот за комунални такси, каде во член 20, тарифа 10, јасно ќе се наведе дека цената по која треба да се пресметува таксата за јавното осветлување треба да соодветствува на ценовникот кој го носи РКЕ и да биде средна вредност од цената за дневна и ноќна потрошувачка, со додадена вредност за мрежна потрошувачка.

Во дискусијата, директорот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, Марко Беслимовски посочи дека одлуката за промена на тарифниот систем  е донесена во согласност со  законските прописи и во согласност со европската регулатива, која не познава посебна категорија -,, јавно осветлување“. 

Претставниците од ЕВН не информираа дека пресметката ќе се одвива по старите тарифни цени, кои веќе не постојат и дека не се во можност да направат било каква измена, сè додека некоја владина институција не ги информира дека треба да го променат тоа, иако ЗЕЛС им се обрати со допис со кој ги информираше дека тоа треба да биде по средна цена од цената за мали потрошувачи. ЕВН, како приватна компанија, преку фактурите за електрична енергија, во име и за сметка на општините,  ја наплаќа оваа такса, што е утврдено со Закон за комунална такса, каде наплатата се врши според типот на потрошувачи, со одредени KW/h . Со непостоењето на категорија ,,јавно осветлување“ во тарифникот, ( но не  е променето  и во Законот) ЕВН  на состанокот и претходно во писмен допис испратен до ЗЕЛС, како и до Владата на РСМ, до министерствата за економија и финансии и до Регулаторна комисија за енергетика посочи дека до усогласување на законските и подзаконските акти кои ја уредуваат наплатата на комуналната такса за улично осветлување, наплатата ќе продолжи да ја врши по цените што биле во сила пред поскапувањето на електричната енергија, односно до 30 јуни, 2022 година.

Претставникот од Министерството за транспорт и врски нагласи дека не се надлежни за овој предизвик. Од Министерството за финансии, посочија дека за разрешување на  оваа состојба, кога има промени во  моделите на наплаќање, односно  е  исфрлена   категоријата на потрошувачка -,, јавно осветлување“ од тарифниот систем, потребно е да се направат законски измени ( во Законот за комунални такси) по претходно поднесено писмено барање од страна на ЗЕЛС со образложение за потребната измена.

Претставниците од ЗЕЛС изразија сомневање дека  овој  начин на решавање  на  предизвикот,   (што  несоодветно им е наметнат на општините),  ќе ја влоши и онака лошата економска состојба во која се наоѓаат општините, бидејќи целата процедура и во идеални случаи е долга, а сега веќе пратениците користат  годишен одмор и Собранието на РСМ не работи. Исто така беше истакнато дека централната власт и нејзините институции, при донесувањето на законски, па и подзаконски  акти што  имаат реперкусии врз општините, треба претходно да се консултираат  со ЗЕЛС, бидејќи последиците од нив ги трпат општините, а  индиректно и граѓаните, како што впрочем е и во овој случај.